Македонија

„Алкалоид“ оствари позитивни финансиски резултати во првите три месеци од годинава

29 апр 2024

 Според единечниот биланс на успех на „Алкалоид“,  во периодот јануари – март 2024 година продажбите достигнуваат 3.419.742.486 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 4.925.260.049 денари, што е за 13 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 11 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 14 %. Од вкупните консолидирани продажби 27 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 73 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 26 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 24 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 22 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби, соопштуваат од компанијата.

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %.   Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 14 %, хемија раст од 3 %, козметика раст од 5 % и билкарство раст од 8 %.

 Во 2024 година, во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, „Алкалоид“ АД - Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2024 година изнесуваат 298.250.975 денари, соопштуваат од компанијата.

Компанијата во изминативе години започна процес на редизајнирање на постојни генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти.  

 Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 659.500.874 денари, бележи зголемување од околу 10 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 390.910.925 денари и е зголемена исто така за 10 %. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 804.400.748 денари и бележи раст од 6 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 479.529.291 денари е зголемена за 9 %., соопштуваат од компанијата.

При извршувањето на оперативните активности „Алкалоид“ АД - Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Во периодот јануари – март 2024 година во компанијата се реализирани 90 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на компанијата   во март 2024 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина на нето-износот од 40.500 денари. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.910 вработени, од кои 2.215 се во земјава, а 695 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Бизнис-планот за 2024 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД - Скопје, на Седницата одржана на 27.12.2023 година, предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2023 година. Бизнис-планот за 2024 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2024 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот, соопштуваат од компанијата.

Извор/Фото: „Алкалоид“



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...