Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Колку е тешко да се биде фин

09 јун 2021

Можете и да наредувате, и да барате, и да инсистирате со закани и повици. Но, нема да постигнете многу. Барем не долгорочно

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba 

 Испаѓа дека е многу тешко. Некој ќе рече и дека е скапо. А, тоа што се нема време... Значи, да се биде фин е речиси невозможно. Ете, и човек да сака, не може.

2020 година беше година на снаоѓање во непознатото, збивање на редовите, стегање на каишот, чување на парите.

Исто така, беше и година на пресврт, промена на правецот и снаоѓање. Откривање и користење нови можности, па дури и пораст и успех.

Зависи од која перспектива се гледа. И кој гледа.

Заедничко за двете крајности, се, погодувате – луѓето. Луѓето помогнаа да се снајде, да се спаси. Да се заштеди и од еден денар да се направат три. Луѓето видоа шанса некаде и ризикуваа заедно со вас. Вашите луѓе.

Која и да е вашата улога – лидер, шеф, сопственик, основач... кој и да сте – вас ве нема без вашите луѓе. Нема работа, ја нема фирмата, нема денари, нема девизи. Нема ништо.

Некои тука ќе кажат: Го знам јас тоа, без луѓето сум мртов, а други ќе речат: Какви луѓе, ако ме нема мене. За момент да претпоставиме дека двајцата се во право. Секако дека двајцата мислат дека се во право.

Иако имаат целосно различни погледи, двајцата ги поврзуваат – луѓето. Првиот е свесен дека зависи од своите луѓе, а вториот е длабоко уверен дека неговите луѓе ќе ги нема без него.

Ах, луѓе. Колку е тешко да се биде фин спрема вашите луѓе? И што воопшто значи да се биде фин? Првиот ќе каже, па не е ни тешко, но не е ни лесно. Не е тешко кога си свесен дека без луѓе си изгубен, не е тешко кога сакаш да бидеш фин. Тешко може да биде кога си баш фин, па сакаш секому да угодиш, а не знаеш како.

Овој вториот ќе каже: Па фин сум, добиваат плата. За што зборуваме?

Да не комплицираме уште, ајде да видиме како е да се биде фин со луѓето. Да, и што се добива за возврат. Па нема залудно да се биде фин.

Која и да е вашата улога – лидер, шеф, сопственик, основач... кој и да сте – вас ве нема без вашите луѓе. Нема работа, ја нема фирмата, нема денари, нема девизи. Нема ништо.

Благодарам – и железна врата отвора. Тоа е еден од четирите волшебни збора што се учат во градинка. Има десет букви. Четири самогласки. Сега, кога завршивме со граматиката, можеме да одиме понатаму. Благодарам за одговорената е-пошта. Ти благодарам што заврши навреме. Ти благодарам за идејата. Ти благодарам што ме избра мене, а можеше да избереш кој било. Ти благодарам што ризикуваш со мене. Ти благодарам што своето време го вложуваш во нашата работа. Ти благодарам што никогаш ништо не ти е тешко. Ти благодарам што не ми рече „не“, а можеше. Ти благодарам, ова не би било можно без тебе. Ти благодарам што разбираш дека е криза. Ти благодарам што работиш како да е сè во ред, а не знаеме утре што ќе биде. Ти благодарам што ми го разубави денот. Ти благодарам што дојде иако е сабота. Ти благодарам што го скрати одморот поради работата. Ти благодарам што добро го заврши тоа.

Може до утре да се набројува за што се може да им се заблагодарите на вашите луѓе, но доста е за почеток. Секогаш кажувајте благодарам. Дури и кога мислите дека се подразбира дека сте благодарни. Ништо не се подразбира. Изговорете - благодарам. И тогаш погледнете го својот човек кој е благодарен, бидејќи сте му се заблагодариле. Кругот е затворен.

Те молам – вториот од четирите волшебни збора. Отвора врати, поместува планини. Те молам, можеш ли да го направиш ова до понеделник? Те молам, прати е-пошта. Те молам, можеш ли да дојдеш во сабота? Те молам, помогни му на колегата. Те молам, оди кај тој купувач, иако знам дека не ти е баш по патот. Те молам, исправи ги грешките на презентацијата. Ти благодарам. А-ха, може и да се комбинира. Моќна е комбинацијата со „те молам“ и „ти благодарам“. Да, сите ќе направат сè што им велите. Бидејќи сте шеф. Бидејќи сте газда, ама ако ги замолите (а, ви требаат 2 секунди и 0 денари), тогаш ќе чувствуваат дека ги почитувате и дека ви се важни. Бидејќи луѓето се ваши соработници. И секако, ќе направат сè, со песна. И така и тие ќе се однесуваат кон вас, но и кон другите. Можете и да наредувате, и да барате, и да инсистирате со закани и повици. Но, нема да постигнете многу. Барем не долгорочно.

Прости – третиот од четирите волшебни збора. Може да се каже и „извини“. Прости е потежок збор, но и извини е ок. Прости што доцна ти јавив и сега имаш краток рок да го направиш невозможното. Прости, но ова мора да го завршиме во сабота. Прости што не те сослушав докрај. Прости што те прекинав. Прости што не го согледав и твојот предлог. Извини, знам дека е доцна. Извини, не стигнав порано. Извини, во право си. Многу е ослободувачки да се побара и да се добие прошка. И тоа не во религиозна смисла. Туку, во човечка и меѓу - човечка. Тогаш своето лошо его ќе го ставите в ќош. Тогаш сте човек, вреден за почитување и восхит. Така ги рушите сите бариери меѓу вашите луѓе. Бидејќи тоа не е однос во кој ви требаат бариери.

Повели – четвртиот волшебен збор. Повели, ова е за тебе. Повели, ти стигна пошта. Повели, телефон за тебе. Да не набројувам понатаму, проценете сами што подобро звучи и поради што се чувствувате подобро – еве или повели.

Гледате, сепак не е тешко да се биде фин. Ниту бара многу време. Ниту чини. Обидете се, ќе ви се исплати.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...