Регион

„Конзум“ на прво место во малопродажбата во Хрватска

12 окт 2021

Приходите на хрватските трговци со мешана стока во 2020 година изнесуваа нешто повеќе од 40 милијарди куни, што е за 306 милиони куни повеќе отколку во 2019 година, објави Агенцијата за заштита на пазарниот натпревар.

Од податоците е видливо дека пазарот оствари раст лани, во пандемска година, но тој раст беше значително помал отколку во претходните години.

Лани трговците на мало со храна, пијалаци и хигиенски производи располагаа со 4.707 продажни места, што е за 14 продажни места повеќе отколку годината претходно. Од друга страна, вкупната нето-продажна површина е намалена за 14.500 квадратни метри, или за еден отсто. Од 51 активен стопанственик во областа, кај 30 има пораст, а кај 21 има пад на приходите. Најголем номинален пораст на приходите има кај домашниот трговски синџир „Плодине“. Следуваат „Шпар“, „Лониа маркети“, „Лидл“ и „Студенац“.

Водечката позиција на малопродажниот пазар и натаму ја има „Конзум“, кој е во состав на групацијата „Фортенова“. Пазарниот удел на „Конзум плус“, со 608 продажни места, изнесуваше 20-30 отсто и бележи благ пад во споредба со 2019 година. „Лидл“, главниот конкурент на „Конзум“, продолжи да расте, но со побавно темпо од минатите години. Лани постигна пазарен удел од 10 до 20 отсто.

Пазарното движење покажува благо намалување на концентрацијата, односно пад на пазарниот удел на водечките 10 трговци (од 83,4 на 82,7 отсто). Но, истовремено е зголемен уделот на првите пет трговци, па тие држат нешто помалку од две третини од вкупната малопродажба.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...