Македонија

Замрзнуваат цените на основните прехранбени производи, забрана за извоз на пченица и брашно

17 мар 2020

Владата на седницата доцна синоќа донесе повеќе одлуки за заштита од коронавирусот. Меѓу нив се одлуки кои се однесуваат на возачите на камиони кои пренесуваат прехранбени производи, како и на увозот и извозот на прехранбени производи.  

InStore интегрално ги објавува овие одлуки: 

Владата ги прифати Препораките на Министерството за здравство за превозниците кои патуваат во средно и високо ризичните земји.

На лицата кои патуваат низ земјите со среден и висок ризик на КОВИД – 19, а кои управуваат тешки товарни моторни возила за превоз на прехранбени производи и друга стока, за време на нивниот транзитен превоз и престој, товар или растовар на стока во овие земји, им се препорачува да ги почитуваат следните мерки за лична и колективна заштита:

- Им се ограничуваат контактите и движењата на патните правци од точка А до точка Б, освен заради потреба од обезбедување на храна и тоалет.

- Се забранува контакт со други лица

- Доколку излезат да купат храна или за тоалет, задолжително да користат лични заштитни средства и тоа:

- ракавици за еднократна употреба,

- заштитни маски N 95 или FFР 3 со единечен филтер

- нема потреба од носење на заштитни мантили како и заштитни наочари и каљачи

Заради можноста од остварување на директен респираторен контакт со заболени лица на КОВИД– 19, во мотелите, хотелите и рестораните се препорачува:

- Да спијат во кабините на своите моторни возила.

При враќање во РСМ да стапат во контакт со надлежна епидемиолошка служба Центар за јавно здравје заради добивање на натамошни инструкции за мерки и постапки доколку пројават симптоматологија.

За време на патувањето

- После секој контакт во маркет, продавница, тоалет задолжителна е дезинфекција на рацете

- Максимално избегнување на контакт со други лица повеќе од 10-15 секунди (особено со лица со симптоми)

- Почесто проветрување на кабината за време на возењето

- При престојот во кабина нема потреба од носење на лична заштитна опрема

- Забрането е примање на слепи патници

- Задолжително обезбедено средства за дезинфекција на раце на база на алкохол за време на патувањето

Се задолжува Здружението на лиценцирани авто превозници да изготви свој оперативен план за да се спроведе ротирање на возачите, односно нивна последователна промена при патувањата во средно и високо ризични земји.

На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи.

Во информацијата се истакнува дека работната група сочинета од претставници на Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи и Царинската управа предлага да се воведе забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време, и ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство и Царинската управа, да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.

Во врска со ова Владата ги задолжи Царинската управа, во соработка со Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, во наредниот период да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично) и за истото да ја информира Владата на Република Северна Македонија.

Владата донесе препорака за мелничко преработувачката индустрија да ја има во предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количина од 80.000 тони.

Како дополнителен заклучок поврзан со информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи, Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, и Агенција за стокови резерви, заедно со мелничко преработувачката индустрија да ја утврдат моменталната состојба со залихите на пченица и брашно и за истото да ја информираат Владата.

Министерството за надворешни работи доби задолжение, преку мрежата на дипломатските и конзуларните претставништва на нашата земја да упати инструкцијата со цел обезбедување информации на дневна основа заради следење на воведувањето на евентуалните забрани на увоз и извоз на стоки кон Република Северна Македонија.

Во рамките на оваа точка Пазарниот инспекторат е должен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри со цел да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените и за истото редовно на секои три дена да ја информира Владата на Република Северна Македонија.

Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за стокови резерви да изработат листа на прехранбени производи кои што би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви веднаш да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина.

Се задолжува Министерството за економија веднаш да достави до Владата на Република Северна Македонија предлог за ослободување 100% од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни наочари.

Владата на Република Северна Македонија на 20-тата седница донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука влегува со сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, и е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...