Македонија

АХВ: Храната е безбедна, граѓаните да внимаваат на рокот на употреба

07 јун 2024

На денешната прес – конференција по повод Светскиот ден на безбедна храна, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, истакна дека  храната во државава е безбедна и квалитетна и дека се што е во промет и инспекциски контролирано е апсолутно сигурно.

Бабовски информира дека во првите пет месеци од годинава биле спроведени над 22.000 инспекциски контроли, а на АХВ и недостигале уште најмалку 40 инспектори.

 За случаите кога земји членки на ЕУ ја враќаа увезената храна од државава, како што беше случајот со Хрватска, Бабовски посочи дека грешката е при производството на нивите, каде што се употребуваат одредени пестициди.

 Директорот на АХВ истакна дека и покрај тоа што храната во земјава е безбедна, сепак поради грешка на економските оператори може да се најде и храна со истечен рок.

Граѓаните при купување на кој било производ добро да се информираат што стои на декларациите, посебно да внимаваат на начинот на чување и складирање, како и на рокот на употреба. Често поради одредени грешки на економските оператори може да се најде на рафтовите во маркетите производ со истечен рок. Нашите инспектори на ова посветуваат посебно внимание, истакна Бабовски.

Со оглед дека наредната недела земјава ја очекува топол бран, до 39 степени, граѓаните на крајот од набавката да ги купуваат леснорасипливите производи и веднаш да ги складираат на температура не повисока од пет степени. Со тоа, заедно, одговорно се грижиме за своето здравје, напомена Бабовски.

Мотото на годинашниот Светски ден е „Безбедност на храната: подгответе се за неочекуваното“, а АХВ се придружи кон кампањата „Сејфтоит“ за 2024 година на Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) која се реализира со партнерите од ЕУ земјите членки и земјите кандидати. Станува збор за ребрендирање на кампањата „ЕУ избира безбедна храна“, со обновена заложба за промовирање на свеста за безбедноста на храната кај европските граѓани.

Извор: „Бриф“

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...