Македонија

Македонски компании се претставија на меѓународен саем во Бјелина

21 сеп 2022

Делегација на Сојузот нa стопански комори (ССК) во чиј состав се претседателот Трајан Ангелоски, потпретседателот и претседател на Агробизнис комора Горан Ѓорѓиевски и претставници на 13 компании учествуваат на Меѓународниот саем за земјоделство, храна, лов, риболов и екологија „ИНТЕРАГРО 2022" што се одржува во Бјелина, Република Српска

Организирани во посебен дел на саемот кој има централна позиција на манифестацијата, македонските компаниите претставуваат различни видови на прехранбени производи кои се уникатни по своите карактеристики и со највисок квалитет, како органски бадем, локум, кикирики, таан, кондиторски производи, замрзнати пекарски производи. Повеќе реномирани македонски винарии претставуваат различни видови на сортни вина. Дел од компаниите ги презентираат своите производи кои се во делот на крмни смески и компоненти за добиточна храна, како и системите за наводнување капка по капка, минерални ѓубрива, средства за заштита, семенски материјал, пластеници и оранжерии направени со врвен квалитет и по највисоки стандарди.

Учеството на македонските компании е организирано на иницијатива на Сојузот на стопански комори во соработка и со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Имаме многу комплементарни производи што нуди голема можност за воспоставување на директна соработка меѓу деловните субјекти од двете земји. Сакам да потенцирам дека дојден е моментот кога фокусот треба да се стави на економската соработка, а политиката да остане на страна, изјави Ангелоски на отворањето на саемската манифестација.

Во текот на трите саемски денови за подобра промоција на македонските компании предвидена е културно - уметничко програма, а ќе биде организиран и коктел, со што нашиот штанд ќе привлече посебно внимание кај посетителите.

„ИНТЕРАГРО 2022" е една од најголемите и најпрестижни манифестации од овој вид во регионот, поради што секогаш има голем број на излагачи од повеќе земји, како и значајна бројка на посетителите. Саемот нуди добри можности за воспоставување на нови деловни соработки и партнерства, а во годинешната програма е предвидено и доделување на награди на најуспешните излагачи. Организирани се и едукативни предавања на различи теми поврзани со агросекторот. Саемот се организира во општина Бјелина која е најразвиена земјоделска област во Република Српска.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...