Македонија

Компании од Македонија учествуваа на бизнис форум во Казахстан

16 сеп 2022

Претставници на 20 македонски и 30 казахстански компании учествуваа на Првиот бизнис форум во организација на Амбасадата на Македонија во Казахстан и компанијата „Матрона Конс”.

На форумот имаше и претставници од министерствата за надворешни работи и за економија на двете земји, од дел од стопанските комори, како и претставници од земјоделскиот сектор, фармацевтските производи, производството на електрична енергија, инфраструктурата, франшизата, нафтата и гасот, дистрибуцијата (увоз/извоз на производи) и туризмот. Целта беше размена на искуства и идеи за да се обезбедат деловни услови кои ќе ги доведат двете земји и нивните претпријатија на повисоко ниво на соработка.

Бизнис форумот беше специјално дизајниран со Б2Б-средби за да обезбеди ефективни информации за правните субјекти за можностите за соработка и воспоставување врски меѓу компаниите, како и меѓу претставниците на јавната администрација и претпријатијата. Компаниите имаа можност да одржат деловни состаноци со потенцијални партнери од Казахстан и да поразговараат за потенцијални соработки во иднина.

Казахстан е една од водечките земји во Централна Азија. Казахстанската деловна заедница има долгогодишно искуство во областа на трговијата и соработката на меѓународно ниво. И Северна Македонија има големи можности и поволна локација, а ние можеме да станеме еден од чекорите за Казахстан да го развие бизнисот во Европа. Имаме можност да им понудиме на казахстанските бизниси да почнат со производство во која било област во Северна Македонија. Ако сакаат да бидат претставени на европскиот пазар, тогаш Северна Македонија е вистинското место. Овој форум е значаен чекор во продлабочувањето на секоја заемно корисна соработка која им служи на главните интереси на двете страни, а заедничка непоколеблива цел ќе биде насочување на немилосрдните напори и заложби за нов, позначаен напредок во односите меѓу двете земји, воспоставување принципи, насоки и рамки за дејствување. Цврстата договорна рамка, одличното меѓусебно разбирање и заедничките интереси се почетна точка за сериозно проучување на потенцијалот за градење пошироки економски партнерства и продлабочување на практичната соработка, изјави амбасадорот Сали Лимани.

Според Тања Евросимовска, основач на „Матрона Конс”, во мала пазарна економија како нашата, меѓународната трговија е многу значајна.

Нашата држава има корист од зголемување на БДП, прилив на капитал, зголемување на вработеноста, додека компаниите имаат можност за поголема продажба, зголемена стабилност и продуктивност, подобрена конкурентност и иновации.Имаме квалитетни домашни компании со одлични производи и услуги. Процесот на интернационализација е сложен и бара многу вештини и експертиза. Ваквите форуми се исклучително ефикасни во наоѓање на партнери, нови дистрибутери на нови пазари. Затоа ни претставува чест и предизвик да ги поддржиме компаниите и да учествуваме во организација на овој бизнис форум, рече Евросимовска.

Во oктомври се очекува да се одржи Првата сесија на мешовитата комисија за трговска и економска соработка на која ко-председатели се министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за национална економија на Казахстан, Алибек Куантиров, на која ќе се потпишат неколку меморандуми.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...