Македонија

Српски „Курир“: 30.000 работници од Македонија и Албанија во септември доаѓаат во Србија

09 авг 2022

Наскоро, граѓаните на Србија, Македонија и Албанија ќе можат да се вработат во овие земји со идентификационите броеви на „Отворен Балкан-ИД“ без дополнителни административни бариери. Како што пишува српски „Курир“, „околу 30.000 многу потребни занаетчии, лекари, медицински сестри, техничари, работници во трговијата и во угостителството, од Македонија и Албанија од септември ќе дојдат на работа во Србија без никакви дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи, јави дописникот на МИА од Белград.

Предвидено е граѓанинот кој сака да се вработи во една од овие три земји, да ги внесе своите податоци преку порталот е-Управа и на тој начин да го добие идентификацискиот број на иницијативата „Отворен Балкан“. Секој граѓанин кој ќе пристапи до порталот и ќе го добие тој број ќе може непречено да пристапи до пазарите на трудот во сите три земји, а целта е постапката да биде иста во Србија, Македонија и во Албанија.

Тоа ќе биде овозможено благодарение на иницијативата „Отворен Балкан“ и отворањето на единствениот пазар на труд. Дополнително, според експертите, целиот наш регион ќе стане многу поатрактивен за странските инвеститори, бидејќи полесно ќе најдат работници што им недостасуваат.

Директорот на владината Канцеларија за ИТ и е-Управа, Михаило Јовановиќ за „Курир“ изјави дека сите професии што и се потребни на Србија интересни им се на луѓето од Македонија и Албанија.

Сметаме дека ќе има работници кои ќе дојдат со завршено високо образование, но и оние кои имаат основно и средно образование. Многу се барани работниците во градежништвото и во областа на земјоделството. Треба да има многу заинтересирани и од областа на здравството, бидејќи платите овде се повисоки. Сепак, уште поважно е што како регион сите ќе станеме многу поинтересни за странските инвеститори, бидејќи побрзо и полесно ќе се дојде до работници, а тоа е една од причините тие да инвестираат во овој дел од Европа, кажа Јовановиќ.

Небојша Атанацковиќ од Сојузот на работодавачи на Србија оцени дека поголем број работници ќе им бидат од корист на работодавците за работни места кои вообичаено се секогаш испразнети.

Мислам дека граѓаните на Македонија и Албанија во рамките на „Отворениот Балкан“ ќе бидат многу заинтересирани да дојдат кај нас, бидејќи условите и приходите се многу подобри. Исто така, кај нас работодавачите ќе имаат поголем избор и можност конечно да ги пополнат позициите за кои подолго време не можат да најдат соодветна работна сила. Ни недостигаат сите профили на занаетчии во градежништвото, заварувачи, потоа сите работници во угостителството и туризмот и за сезонски работи. Очекуваме од септември да пристигнат околу 30.000 работници, изјави Атанацковиќ за „Курир“.

Советникот на претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Ненад Ѓурѓевиќ кажа дека веќе подолг период има недостиг на работна сила. Тој додаде дека по пандемијата, многу меѓународни компании кои имаат свои ланци на Далечниот Исток ја разгледуваат можноста производството да го доближат до матичните компании во Западна Европа.

Како Западен Балкан можеме да бидеме интересна дестинација за ваков тип на работа, оцени Ѓурѓевиќ.

Тој наведе дека ПКС нема прецизни податоци колку работна сила недостига, но наведе дека има потреба од работници за сезонски работи и во меѓународните компании кои работат овде. Познато е дека овие работници доаѓаат од соседните земји и од одредени земји на ЕУ, така што овој недостиг некако се компензира, но има потреба да се регулира, овие луѓе да имаат здравствено осигурување и да им тече стажот, нагласи Ѓурѓевиќ.

Просечната плата во Србија изнесува 631 евро.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...