Македонија

ССК: Новиот Закон за електричен отпад наметнува нереално зголемени давачки за претпријатијата

13 јан 2022

Спречување или намалување на негативните влијанија од создавањето и постапувањето со отпадната електрична и електронска опрема е прашање кои треба да биде соодветно регулирано што може да се постигне со измена и дополнување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, посочуваат од Сојузот на стопански комори (ССК).

Од таму сметаат дека актуелното законско решение, чија имплементација почна од 1 јануари 2022 година, не нуди квалитетно решение за намалување на штетните ефекти по животната средина како и за континуирано одржување на активната дејност и ликвидност на деловните субјекти.

Со цел обезбедување еднаков економски и социјален пристап, трговските друштва кои вршат дејност на територијата на РСМ и опфаќаат најголем дел од пазарот со електрична и електронска опрема, истакнуваат иницијатива за одложување на примената на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема (Службен весник на РСМ бр.176/2021 од 03.08.2021 година), како и намалување на висината на надоместоците кои се предвидени со законското решение, се вели во соопштенито до медиумите.

Овие надоместоци за управување со отпадна опрема кои ги плаќа производителот кој пушта на пазар или како краен корисник увезува во државата, досега се движеа од 50 до 120 денари за килограм отпад, додека со законските измени неколку пати се зголемени и се движат од 100 до 350 денари за килограм отпад. Наведените цени се многу високи и нереални, дури повисоки и од Република Хрватска која е дел од ЕУ. Сето ова доведува до ценовно зголемување на сите производи и истото ќе падне и на товар на крајниот потрошувач, велат од ССК.

Од таму велат и дека треба да се има во предвид и опасноста законското решение да има спротивен резултат од очекуваниот и да го нагласи проблемот со создавање на диви депонии.

Проблемот е адресиран и до Министерството за животна средина и просторно планирање како и до Владата на РСМ, но се уште нема одговор на иницијативата за организирање на работна средба, се вели во соопштението на ССК при што се додава дека моменталната економска состојба не дозволува покачување на предвидениот надоместок.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...