Македонија

„Лиценца“ за работа на компаниите

21 окт 2021

Од компаниите се очекува, освен грижа за својот профит, да водат сметка и за околината и општеството каде што дејствуваат во целина

Помина времето кога мислевме дека успехот на компаниите се мери само преку деловните резултати што ги остваруваат. Концептот на општествена одговорност на бизнисот во последните години стана толку одомаќен и кај нас, што веќе е невозможно компаниите да го подобруваат имиџот без да вложуваат во заедницата во која работат. Општествените околности наложуваат фирмите, покрај за својот профит и одржување на бизнисот, да покажат грижа и за луѓето, околината и заедницата. Без разлика дали е екологија, здравство, помош на ранливи категории граѓани, помош на деца... сè поголем број компании применуваат некој солидарен концепт.

Во последните децении општествената одговорност стана деловен императив и глобална идеја, а општествено одговорната работа и одржлив развој станаа своевидно светско движење. Основната идеја е дека ниту една компанија не учествува со своите активности во некој изолиран простор, туку со својата работа станува значаен дел од општествената целина. Токму затоа, од претпријатијата се очекува, освен грижа за остварување профит и деловни активности, да водат сметка и за околината и општеството каде што дејствуваат во целина.

Компаниите што практикуваат општествена одговорност имаат полојални вработени и купувачи, особено меѓу новите генерации

Пандемијата ја нагласи потребата од општествена солидарност, особено во вакви кризни времиња. Според податоците од Министерството за здравство, со датум 1.7.2021 година, на наменската сметка за донации за справување со ковид-19 се пристигнати вкупно 151.476.250,00 денари, или 2.460.765  евра. На списокот со донатори се наброени над 150 фирми.

Но, и во „редовна“ состојба има десетици компании, главно од прехранбената индустрија, кои секој месец им даваат значителни количини од своите производи на граѓански организации, кои потоа подготвуваат пакети и ги носат до социјално загрозени граѓани. Една таква особено активна организација е хуманитарната организација „Свети Спас“ (под покровителство на Македонската православна црква, која работи од 2015 година) и со која раководи отец Оливер Петровски. „Свети Спас“ не прима пари – но секој може да помогне со производи, главно во храна што не се расипува брзо, со средства за хигиена, со градежни материјали...

За да се промовира општествената одговорност, Министерството за економија во 2007 година формира национално Координативно тело за општествена одговорност на претпријатија и оттогаш секоја година доделува национална награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија. На кое ниво е сега општествената одговорност во Македонија, InStore разговараше со Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението на граѓани „Конект“, кое, меѓу другото, поттикнува и промовира приватното донирање и општествена одговорност.

Во последните децении општествената одговорност стана деловен императив и глобална идеја.

Во продолжение на овој текст ви ги пренесуваме разговорите со Петровски и со Кусиникова и нивните искуства со донирањето од страна на фирмите. Исто така, ќе ви претставиме и анализа на ИПСОС за тоа како компаниите го градат својот имиџ и колкава е силата на репутацијата на општествено одговорните компании.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...