Македонија

Поддршка за големите извозници

24 сеп 2021

Големите домашни извозни компании со доминантна приватна сопственост кои реализирале најмалку 30 проценти од своите приходи од извоз во последната фискална година можат да добијат гаранција до 50 проценти од износот на кредитот за извоз.

Од Развојната банка денеска информираа дека со гаранцијата може да бидат покриени кредити чиј износ се движи од 3.075.000 денари до 30.000.000 денари.

Барањето за издавање на индивидуална гаранција може да се поднесе директно до Развојната банка, а  достапно е и на веб страницата на банката. По добивање на барањето, тоа се процесира и се издава индивидуална гаранција од Гарантниот фонд кон онаа банка или штедилница од која компанијата ќе го земе кредитот.

На овој начин, преку гаранција од Гарантен фонд до 50 проценти од износот на кредит за извоз, се обезбедува значителна поддршка на извозниците во насока на обезбедување дел од колатералот за кредит. Како обезбедување за индивидуалната гаранција се користи меница, велат од Развојната банка.

Гаранцијата може да се движи од 1,5 милиони денари до 15 милиони денари и е овозможена преку воспоставувањето на кредитно-гарантна шема поддржана од државата.

Со дополнување на Законот за Развојна банка на Северна Македонија се формираше Гарантен фонд како посебна организациска единица. За Гарантниот фонд иницијално се одвоени средства во износ од 10 милиони евра, со што ќе може да се гарантираат кредити во вкупен износ до 100 милиони евра. Во текот на 2021 година е предвидено зголемување на расположливите средства на Гарантниот фонд за дополнителни пет милиони евра, со што ќе може да се гарантираат кредити во вкупен износ до 150 милиони евра. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...