Македонија

Во тек се преговори за уште 15 нови инвестиции кои тежат 250 милиони евра

12 апр 2021

Во првите три месеци од годинава се потпишани договори со три странски компании со вкупен износ од 50 милиони евра, а во тек се преговори за уште 15 нови инвестиции кои тежат 250 милиони евра. Канадската „Магна“ која ќе гради нова фабрика во ТИРЗ Струга е третата нова инвестиција за годинава, и иако поради пандемијата нивните претставници го одложија доаѓањето договорот сепак е потпишан, најави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Тој посочи дека во последните пет месеци успеале да поттикнат интерес кај 15 компании, дел од актуелните инвеститори, а дел се нови.

Тоа се инвестициски проекти кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и со кои се предвидува отворање на дополнителни 5500 работни места. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата што е чекор пред склучување на договор. Секоја работа сакам да ја водам со предизвик, амбиција, но и оптимизам кој се базира на реални бројки. Јас сум реален оптимист и можам да кажам дека годинава ќе биде позитивна, изјави Деспотовски. 

ТИРЗ воведе нов индивидуализиран пакет на државна помош и креира нови политики за привлекување на инвеститори врз основа на бројки и анализи кои постојано се прават и кои се базираат на фактот за кој период државата ќе си ги врати парите што ќе ги вложи, како и колку работни места ќе се отворат и колкави плати ќе им се исплаќаат на вработените.

Продолжувањето на политиката на привлекување на инвеститори врз база на евтина работна сила кај нас креира системска сиромаштија. Можеби пред 15 години тоа било оправдано, меѓутоа од денешна перспективна тоа не е повеќе доволно. Нашата политика е дека инвеститорите кои ќе дојдат, достоинствено ќе ги платат луѓето, рече Деспотовски.

Инаку во 2020 година, и покрај пандемијата компаниите во ТИР зоните имаат позитивни економски резултати стабилен број на вработени и раст на платите од 2 отсто, како и зголемена уплата во државниот буџет, покажува првичната годишна анализа. Компаниите вкупно уплатиле во буџетот околу 40 милиони евра во 2020 година што 90 отсто повеќе од дадената државна помош за истиот период.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...