FMCG Македонија 2022

(ФОТО) Најголем и најпосетен досега - најдобрите дојдоа на 8 FMCG Summit

28 окт 2022

Повеќе од 400 учесници од најголемите компании од секторот трговија со стока за широка потрошувачка во земјава го посетија 8 FMCG SUMMIT што се одржа вчера во хотелот „Александар палас“, во организација на магазинот InStore и агенцијата „Кликер маркетинг“

Овој најголем настан во трговскиот сектор во Македонија, за кој се бараше столче повеќе, уште еднаш на едно место ги обедини трговците, дистрибутерите и производителите. Тие имаа можност да ги слушнат новитетите и трендовите од врвни авторитети во FMCG - секторот. Говорници од Македонија, Србија, БиХ и Велика Британија  пред присутните ги споделија своите драгоцени искуства и знаења. Свежина во ритеил - заедницата, интересни и применливи искуства, можност да се видат работите од друг агол, настан на кој треба да се присуствува во живо, беа дел од коментарите на присутните по завршувањето на 8 FMCG SUMMIT.

Програмата ја отвори Верица Мартиновска, директорка на InStore и на „Кликер маркетинг“. Се радувам што по две пандемиски години и две онлајн изданија на самитот, повторно сме заедно да проследиме десетина одлични предавања. Ни недостигаше полната сала и енергијата на настаните во живо, верувам и вам, затоа ве има во толку голем број. Годинава имаме најголем број учесници и најголем број на спонзори, што е потврда дека тоа што го правиме го правиме како што треба. Се надевам дека следната година ќе ни биде потребна уште поголема сала за сите тие што сакаат да се почестат со еден ден за себе и за својата едукација, рече Мартиновска. 

Сашо Димоски, генерален директор на „Гебрудер Вајс“- Македонија, укажа на деловните трендови во 2023 за кои компаниите мора да се подготват, поделени во пет теми: дигитална трансформација – забрзување (совети како компаниите може да се справат и да управуваат со дигитализацијата); инфлација и синџири на снабдување; oдржливост; клиентските искуства и очекувања и потребата од културна промена, промена на културниот set - up.  

Мина Јанакиев, консултант за анализа на продажбата во „Нилсен IQ“ направи поделба на пет групи потрошувачи: првата – силно погодени од кризата, уште ги чувствуваат последиците; втората – биле погодени, но полека се стабилизираат, полека застануваат на нозе; третата група – внимателни, не биле погодени финансиски, но чуваат средства поради некоја сигурност и иднина; четвртата е група потрошувачи кај кои немало никакви промени, не биле погодени со кризата и продолжуваат да трошат исто како и претходно; петта – група потрошувачи кои парите ги чуваат за некоја идна финансиска сигурност. Старетегијата на цените е нешто што сега е сè потешко да се направи и поради тоа постојат податоци од истражување на пазарот и што ќе ви помогнат во тоа. Искористете ја можноста што повеќе да инвестирате во такви податоци за да бидете сигурни и да направите добра цена, рече Јанакиев. 

Дејан Митковски, експерт за продажба и бизнис - развој, нагласи дека четирите збора If you than I – ја претставуваат основата на какви било преговори, не само за продажни преговорите. Целиот процес на преговарање со вашите купувачи многу наликува на партија шах. Не може да се каже дека сме противници – ние сме само двајца учесници во една игра, некогаш победуваме ние (продажба), некогаш во таа игра победуваат нашите купувачи, но тоа е основата во секој процес на преговарање. Тие четири збора If you than I – да се изговараат правилно, по правилен редослед, ако се згреши распоредот и се изговорат различно, може да ја оштетите компанијата. Ако често го грешите распоредот на овие зборови, тогаш треба да ја смените вашата професија, рече Митковски.

Пораката на Реј Гаул, ко - основач и извршен директор во „Retail Cities“ од минатогодишниот самит беше „смирете се, обидете се да ги избегнете експлозиите бидејќи сите ќе се најдеме во нив“. Годинава одиме во спротивна насока. Денес велам поинаку – мора да реагирате брзо. Реакцијата на купувачот премина во хиперреакција, а таа ќе биде почувствувана од трговците и ќе се имплицира и врз снабдувачите. Почнете да гледате во консументот, во купувачот. За FMCG - секторот е неопходно да се разбере однесувањето на купувачите пред купување, за време на купување и по купување. Погледнете во овие промени и обидете се да ги сфатите, рече Гаул.

Урош Богдановиќ, поткаст консултант, преку интересна приказна за диносаурус со сто нозе прикажа како брендовите треба да комуницираат со потрошувачите за да бидат запомнети. Како да се креира содржина што се памти? Буквите се скапи - секоја буква е важна. Што ни недостига да бидеме сјајни? Луѓе и идеи, рече Богдановиќ, укажувајќи на тоа дека слушањето поткасти има тренд на континуиран пораст.  

Ениса Селмановиќ - Салкиќ, основач и дирекорка на агенцијата „Консултор“ од Сараево, зборуваше за „тајната“ на победничките тимови. Потребни се знаење, цел и мотивација; комптенциите треба да бидат пропишани, за да можат да се измерат, развиваат и да се поврзат со примањата и напредувањата. Менаџерот треба да постави мерливи цели, да му биде поддршка на тимот кон остварување на целите, да го награди успехот, да научи од неуспехот. Во делот на мотивацијата, финансиската стабилност е фактор број 1 кој никогаш нема да биде победен, рече  Селмановиќ - Салкиќ. 

Сашка Костовска Длака, финансиски фасилитатор, ја претстави понудата на финансиски извори на македонскиот пазар преку банки, штедилници, факторинг агенции, компании за лизинг, финансиски друштва, грантови шеми, капитални фондови.... Најчесто користени се реинвестираната добивка, банкарски производи, позајмици, грантови, ризичен капитал и владина помош. Дали тековната финансиска понуда е доволна за вашите потреби? 48 отсто компании кажаа дека е недоволна, 34 отсто дека е делумно доволна, и само 18 отсто дека е доволна, рече Длака, по што го претстави пристапот до алтернативните извори на финансии преку ФИТР, ЕК, Развојната банка, ГИЗ, ИМЕ, бизнис акцелератори и владината поддршка. 

Емир Жуниќ од „ИнфоСтудио“, голем спонзор на настанот, ги презентира работата и придобивките што се реализираат со примена на софтверски решенија smartWMS, smartTMS и Sales Forecasting, под заеднички назив smartSCM – збир на иновативни технологии за интелигентно управување со синџирот на снабдување.

Емир Реџепагиќ и Филип Трифуновски од „Паком“, исто така голем спонзор на самитот, зборуваа за инвестирање во иднината со обновливи извори на енергија. 

Во рамки на Самитот присутните го гледаа интервјуто со Бојан Радун, CEO на „Имлек“ и сопственик на „Нектар“, кое го водеше Ениса Селмановиќ - Салкиќ. Радун зборуваше на што „не е сеедно“ во менаџментот, објаснувајќи во што се разликите кога една семејна фирма ја води сопственикот и кога ја води професионален менаџер. 80 отсто од семејните фирми не доаѓаат во рацете на втората генерација. Не пропаѓаат, туку сопственикот ги продава, за да избегне болни моменти и тешки разговори кога ќе тргне во правец на прашањето кој ќе раководи со фирмата после него. Втората причина е чувството на губење на контролата, рече Радун. 

Самитот заврши со панел дискусија за глобалните кризи и локалните мерки за компаниите, на која своите ставови ги споделија  Перица Вичишки, генерален директор на „Атлантик трејд“, Александар Илиев, претседател на СИЗ ЛКА, Борче Треновски, професор на Економскиот факултет на УКИМ и Јован Дабевски, експерт за млечната индустрија. Тие поставија прашања за дебата во која се вклучија и дел од гостите. 

Повеќе за тоа како помина 8 FMCG SUMMIT ќе читате во ноемвриското издание на InStore магазин. 

Благодарност до спонзорите на 8 FMCG SUMMIT:

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...