Колумни

Колумна во понеделник: Додека ги чекаме вонземјаните

14 мар 2022

Пишува: Ива Сотировска, бренд менаџер, „Пивара Скопје“

По две години пандемија, војна во Украина, и

додека ги чекаме вонземјаните,

компаниите мора да заработуваат, брендовите да раскажуваат, а потрошувачите да бидат задоволени.

И покрај тоа што траењето на пандемијата е неизвесно, додавајќи ги кон тоа сите геополитички бранувања, регулаторни промени и компаниските интерни структурни проблеми, за компаниите неизбежно е да одговорат на предизвиците со кои се соочуваат, денеска!

Историјата ни покажува дека, кога опкружувањето е неизвесно, компаниите и брендовите што се храбри добиваат најмногу.

Сега поискусни и поспремни од кога било досега, повеќе од јасно е дека напорите на компаниите се насочени кон креирање на динамични и флексибилни планови, портфолио на разнолики стратегии и опции, флуидни тимови на професионалци, агилни операции, акции кои дирекно креираат вредност и капитална сигурност.

Како тогаш, во ова време на континуирани промени брендовите ќе ја осигураат својата иднина?

Неминовно ќе ги адаптираат основите за своето постоење, ќе ја менуваат приказната која досега ја раскажувале и платформите на кои граделе интеракција со потрошувачите и притоа креирале кориснички искуствата.

Следствено на ова се наметнува прашањето, како ќе ги оправдаат сите овие промени? Како ќе ја направат промената во вистински правец и форма, како одговор на промените кај потрошувачите и на околината?

Кога однесувањето на потрошувачите е непредвидливо, добро начулете ги ушите, наслушувајте и внимателно набљудувајте. Така ќе успеете, непредвидливото да го преточите во насока која ќе води до креирање на стратегија во полза на брендот.

Најдобрите брендови го задржуваат фокусот на своите суштински вредности, се обраќаат дирекно до потрошувачот и нудат одговор на неговите проблеми и потреби, преку понуда која во моментот е доволно значајна и различна од онаа на конкурентските брендови. Кога посветено се адресираат овие  неколку точки, тогаш за вашиот бренд иднината е обезбедена.

Што кога иднината е веќе тука? Кога сето е непознато, навиките, преференците на новите генерации, случувања кои се одвиваат, а за кои најмалку сме подготвени. Тогаш што?

Понекогаш кон вистинскиот одговор ќе ве поведе вашата интуиција. Не мора секогаш вистинските решенија да се поткрепени со бесконечни анализи во позадина.

Донесете храбра одлука и  брендот предадете го во рацете на потрошувачите.

Бидете фасилитатор на нивната интеракција. Дајте им платформа каде ќе може да ја искажат својата љубов кон брендот. Новите генерации се креатори на содржини, доволно e брендот да им го дадеме во нивните раце, а тие ќе креираат вредност.

Дајте им простор, „игралишта“ каде ќе се развиваат нови начини на интеракција со брендот. Ќе се раскажат нови бренд-приказни. Ќе проникне нова платфома каде ќе продолжат да се развиваат нови бренд-искуства.

Еден чипс ја задоволува желбата за закуска, пивото ја гаси жедта, телефонот ја врши својата функција. Но, материјалните придобивки од корисничкото искуство на производите од одреден бренд се востановен бенефит кој се подразбира. И тоа повеќе не е интересно. Она што е над тоа, е контекстот во кој се става потрошувачот со брендот. Приказната која заеднички ја креираат. Toa што заеднички го пренесуваат како порака, vibe-oт што го емитуваат.

Toa што ќе го забележите како шема на однесување и што ќе го изведете како заклучок од таа интеракција меѓу потрошувачите и брендот ќе ви помогне да ги поставите правилните стратешки насоки.

Брендовите кои се доследни во намерата и притоа континуирано еволуираат се наоѓаат во фаза на постојана креација и пораст.  Неминовно она што го произведуваат во целост резонира со потрошувачите.

Кога еден бренд креира слоевитост во културата и е една од главните нитки во големото културно плетиво, тогаш тој бренд останува долго во срцето на потрошувачите.

И кога греши и ги признава своите грешки, при што истакнува искуства и лекции од кои сите учат, потрошувачите лесно простуваат.

Да се биде бренд-икона, значи да се делува храбро и да се преземаат епски чекори. Потрошувачите тоа го очекуваат од брендот. Очекуваат заедно да ја креирате иднината.

Очекуваат заедно да иновираат, да креираат како никогаш досега!

На сериозната страна на оваа колумна, додека ги чекаме вонземјаните, мојата препорака е компаниите континуирано да работат на стабилизација на тлото на кое делуваат, а со тоа да овозможат средина каде потрошувачот непречено ќе ги задоволи своите потреби при што брендот ќе продолжи успешно да расте и да се развива.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...