Актуелно

Горан Теменугов: Лева рака, десен џеб во енергетиката

11 ное 2021

Секој електросистем во резерва држи одредени капацитети, пред сè, хидроцентрали, кои се активираат во оној момент кога системот се нарушува, односно не е на нула или во баланс. Е па ние им ги активираме на соседите, но и на Европа овие резерви и си ги трошиме секој ден, наместо само во случај на хаварија.

 

Пишува: Горан Теменугов, новинар
 

Јавашлакот и несериозниот однос кон градењето на државните институции еднаш мораше да ни се срушат врз нашата глава. Иако нашите глави се научени да трпат удари и затоа можеби сме малку тврди кога треба да разбереме нешто, првпат по подолго време нашите лејки видоа дека кога ќе се удрат во ѕид, цената не ја плаќа ѕидот, туку главата.

Во изминатиов месец првпат се почувствував дека сум дел од земја која со своите стандарди е на ниво на некоја целосно неразвиена држава од Африка. Што толку ме шокираше? Крадењето струја и ноншалантниот однос на државата кон сето тоа. И не, не станува збор за крадење струја од граѓаните или неплаќање сметки за рударење биткоини, туку за крадење електрична енергија од заедничкиот европски енергетски систем.

Енергетскиот систем на секоја земја, што значи и на Македонија, треба во секој момент да биде на нула. Во равенката од една страна влегува потрошувачката, а од друга производството и увозот. Во Македонија потрошувачката е 1.000, а производството и увозот само 500 мегавати. Ова значи дека недостигаат 500 мегавати за да биде системот на нула или во баланс. Во цела Европа нема електрична енергија поради кризата со гас и преориентирање кон еколошки извори на електрична енергија и затоа нема од каде да се купи. Затоа остануваат решенијата или да се зголеми производството и да се стигне до илјадарката или да се намали потрошувачката. Ова второво би значело затворање на фабриките бидејќи она малото домашно производство од некои 300 и нешто мегавати е наменето за домаќинствата.

Во цела Европа нема електрична енергија поради кризата, затоа остануваат решенијата или да се зголеми производството или да се намали потрошувачката. Ова второво би значело затворање на фабриките...

Но, затворање на фабриките или рестрикции нема. Бидејќи нашиот електросистем не може да се исклучи од европскиот, дилерите на струја што им ја продаваат на фирмите им кажале да си продолжат да работат. А струјата што ја немале, се сетиле дека може да ја земат првин од домашната балансна енергија, а откако ги исцицаа водите од акумулациите и веќе хидроцентралите не произведуваат електрична енергија, струјата почна да се зема од европскиот енергетски систем. Поради ова земање без прашање, државната МЕПСО доби четири опомени за неовластено земање електрична енергија. Да напоменам, секој електросистем во резерва држи одредени капацитети, пред сè, хидроцентрали, кои се активираат во оној момент кога системот се нарушува, односно не е на нула или во баланс. Е па ние им ги активираме на соседите, но и на Европа овие резерви и си ги трошиме секој ден, наместо само во случај на хаварија.

Но, кој ќе го плати сево ова. Прво тоа би го направило МЕПСО. Бидејќи не можат да нè исклучат како држава од системот, некој во Европа се сетил секое вакво позајмување, поточно кажано крадење електрична енергија, да го наплати за 50% повеќе од пазарната вредност. Затоа сметката прво ќе дојде кај МЕСПО. За октомври таа би требало да изнесува околу 15 милиони евра. Потоа МЕПСО би требало на увозниците на струја што им рекле на фирмите „работете, има струја“, да им наплати од банкарските гаранции. Е тука веќе е проблем. Прашање е дали овие гаранции ќе ја покријат оваа сума и сумите од претходните месеци. Ако немаат толку пари, некој ќе треба да плати. Според најавите, тоа ќе биде Владата или индиректно ние, граѓаните.

Значи, некој веќе ставил парички в џеб, а ние, граѓаните, ќе плаќаме кон Европа. Инаку, празнењето на нашите акумулации и крадењето струја од странство не се случи преку ноќ. Според информациите, уште од август имало предупредување до Владата дека струја нема да има. Дури откако пукна бруката со Владата се сети и ѝ нареди на државната ЕСМ, која произведува електрична енергија, да го зголеми производството. И очекувано, уште поголем хаос. Од трите блока во РЕК Битола само еден редовно си работеше. За другите, нема јаглен. Дури сега ќе се купува. Плус на ова, еден од блоковите е во дефект. Исто така, и ТЕЦ Осломеј беше во дефект, иако за него некако се купи јаглен. За ТЕЦ Неготино, пак, исто така дури сега ќе се набавува мазут, а прашање е од каде ќе се најде. Сè на сè, целосен и невиден јавашлак. Ни трошка предвидување и преземање превентивни мерки. Затоа, прашање е како ќе се помине зимава. А уште поважно е, дали некој во Владата чувствува одговорност и ќе побара одговори на прашањето зошто дојдовме во ваква ситуација.   



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...