Актуелно

Горан Теменугов: Маѓепсан круг

15 сеп 2021

Македонскиот економски маѓепсан круг е следен: партиите кога се во опозиција критикуваат, а кога ќе дојдат на власт, го прават истото што го правеле претходните, а критикувале за тоа.

Пишува: Горан Теменугов, новинар

Значи, едно зборуваат додека се во опозиција, а друго прават кога се на власт. Инаку, насловот на колумнава е инспириран од обраќањето на поранешниот премиер Хари Костов, кој е актуелен директор на најголемата банка во државава која работи, пред сè, со компании. Значи, добро е упатен во економијата на Македонија, но има значајно политички искуство. Уште позначително е што укажувањето на тоа дека Македонија е во маѓепсан круг и дека тешко ќе се извлечеме од него беше кажано на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, каде што беше присутна сета актуелна политичка и економска елита на државава. Важно е да се напомне дека обраќањето на Костов беше единственото критичко, а треба да се знае и дека тој ја напушти премиерската функција во 2004 година поради самоволието на ДУИ во Владата и неможноста тој да раководи со неа, бидејќи министрите му беа лојални на лидерот Али Ахмети, а не на извршната власт.

Во ваква констелација, Костов го изнесе она што на читателите на InStore, преку моите колумни, им е веќе познато. Тој ги повика политичките партии да склучат нов Рамковен договор, но овој пат за економијата, поточно за економските реформи. Наведе дека договорот треба да го склучат сите политички партии, со вклученост на експерти и дека треба да се фокусира на неколку точки во следната деценија.

Според Костов, главен проблем е големата задолженост на државава. Според последните податоци, јавниот долг е речиси 7,4 милијарди евра, или 64,4 отсто од бруто-домашниот производ. Затоа бара сите партии да се договорат да работат за негово драстично намалување, а ако треба, да се формира фискален совет, дури и валутен борд.

Политичките партии заедно со експертите треба да склучат нов Рамковен договор за економски реформи кој ќе се фокусира на неколку точки во следната деценија.

Костов на отворена сцена побара сите партии да се согласат за рационализација на јавната администрација и да престанат партиските вработувања, да се направат сериозни реформи во пензиското осигурување и во начинот на субвенционирање на земјоделството. Истакна дека се даваат големи пари за субвенции, а секоја година состојбите во земјоделството се полоши и дека овие пари служат за поткуп на гласачкото тело.

Како проблем го истакна и она што е наша сурова реалност, а тоа е корупцијата, која е навлезена на сите нивоа на нашето општество. Затоа истакна дека борбата со ова зло кое ја уништува економијата треба да почне уште во образовниот процес.

Секако, финишот на обраќањето беше дека е песимист и дека уште долго ќе се вртиме во маѓепсаниот круг. На ваквото излагање власта немаше рационален одговор. Едноставно, вицепремиерот Груби кажа дека е добро да се има и критика и дека поради Охридскиот рамковен договор и сѐ што е сработено досега сме во НАТО и пред прагот на ЕУ.

На песимизмот на Костов ќе се надоврзам и јас. Сè повеќе е евидентно дека Македонија е нефункционална држава, која веќе не може да обезбеди нормално пазарно функционирање на фирмите. Економијата е високо зависна од државните тендери и од буџетските пари, што при следна криза, а поради огромната задолженост, веројатно ќе дојдеме до степен кога добар дел од компаниите ќе пропаднат. Костов ја начна бројноста на администрацијата и вработувањето со партиска книшка, а не според способноста, но јас би додал дека тоа најдобро се гледа во судството. Нашиот судско-извршителски систем, поради драстичното мешање на политиката и општата ерозија на стручноста, веќе подолго не може да испорача владеење на правото во бизнис-релациите. Затоа, кога сѐ ќе се стави на купче, укажувањата на Костов се што би се рекло „точно во средина“, но што вреди тоа кога политичарите и партиите се лежерни. Тие имаат резервоар од стотина илјади закрепостени гласачи чија позиција во општеството зависи од тоа дали нивната партија е на власт, па затоа и не треба да размислуваат за реалната економија. Од друга страна, оние граѓани што не зависат од политичките партии, или се малкумина или целосно живеат во свои лични балони, па актуелните политичари ги сметаат за статистичка грешка. Сè додека слободните граѓани не се здружат и не извршат притисок врз политичарите, дали со барање на политичка алтернатива или со поништување на гласачките ливчиња, со што јасно ќе декларираат дека сакаат да гласаат ама немаат за кого, економски договор за Македонија нема да има.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...