Актуелно

Горан Теменугов: Хаос

31 мар 2021

 

Пишува: Горан Теменугов, новинар

Запрете ја Земјава, се симнувам. Овие стихови на групата „Прљаво казалиште“ сè почесто и посериозно си ги потпевнувам. Едноставно, веќе не се издржува да се живее и да се гледа како секојдневно атрофира системот наречен држава Македонија. Повторно, и повторно, и повторно влеговме во политичка криза. Самиот претседател на Собранието, Талат Џафери, кажа дека во моментов немаме функционален законодавен дом. Не може да се носат закони бидејќи Владата, пази ова, нема мнозинство.

Но, прв проблем е да се обезбеди кворум за работа на седниците. Во ек на пандемија, но и поради познатиот однос на дел од пратениците од власта, многу тешко се собираа потребниот број на пратеници.

Втор проблем е што знаејќи го ова, опозицијата одбива со своите 44 пратеници да ја пополни бројката за кворум.

Трет проблем е што вториот владин коалициски партнер, ДУИ, кој има 15 пратеници, го тресат внатрепартиски превирања. Тројца пратеници, меѓу кои и координаторот на пратеничката група во Собранието, Изет Меџити, го бојкотираат работењето барајќи одговорност од министрите од ДУИ.

Продолжувањето на хаосот значи дополнително лошо справување со пандемијата и дополнително уривање на економијата, во време кога сите во светот се обидуваат да ја спасат и заживеат.

Запршката да биде уште полута, до раб на плачење, како четврти проблем се јавува тоа што од пратеничката група на коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, се одвоија двајца пратеници на ЛДП, а еден пратеник на ДС, исто така, најави самостојно дејствување. Декларативно, овие тројца пратеници не ја напуштија коалицијата, туку сакаат да дејствуваат самостојно. Сепак, според информациите, ЛДП сака да го искористи метежот пред гол со речиси непостојно мнозинство за да добие кандидат за градоначалник на еден голем град.

И, секако, петтиот проблем во оваа парламентарна какофонија е постојаното најавување од страна на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека тие го имаат новото парламентарно мнозинство и дека ќе формираат техничка влада која ќе организира предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври.

И со ова, политичката нестабилност со која генерално живееме од осамостојувањето и генерира политички кризи нонстоп, добива нова димензија.

Зошто хаос? Ако имаме нефункционално Собрание и на тоа во казанот на нашето секојдневие додадеме пандемија која повторно се засилува поради британскиот сој на коронавирусот, па доставиме дека досега немаме ниту една купена вакцина, туку добивме милостина од Србија со која ќе се вакцинираат само 4 илјади здравствени работници, па сето ова го зачиниме со тоа дека за да се спроведат добар дел од мерките од петтиот пакет помош за стопанството и за граѓаните, ТРЕБА Собранието да донесе дузина закони, тогаш јасно е зошто сме во тотален хаос.

И упорно го засилуваме. И упорно создаваме антагонизам, во време кога треба да покажеме барем минимум волја за организирано функционирање на државата. Власта, ако има чесни намери да ги решава проблемите во државава, нема да ја урива опозицијата на секој чекор.

Од друга страна, недозволиво е ВМРО-ДПМНЕ на секој чекор, во секоја пригода да повторува како премиерот Зоран Заев и министрите ќе лежат в затвор кога ќе дојде до промена на власта. Едноставно, не се борат да ни ветат систем кој во иднина би ги испитал дејствувањата на актуелната власт, туку се закануваат со одмазда.

И најлошо од сè е тоа што ваквиот хаос веројатно ќе доведе до предвремени парламентарни избори, но тоа нема ништо да смени. Повторно ќе имаме несигурно мнозинство, но и засилени екстремни партии во Собранието кои сега имаат релативно малку пратеници. Нема да има промени бидејќи добар дел од граѓаните не гледаат која партија би нè извлекла од хаосот, па затоа ќе гласаат само партиските послушници. А продолжувањето на хаосот значи дополнително лошо справување со пандемијата и дополнително уривање на економијата, во време кога сите во светот се обидуваат да ја спасат и заживеат.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



БиХ ги ограничи маржите за брашно, леб, млеко...

04 мар 2021

Skopje Marketing Summit ќе се одржи онлајн на 20 мај

04 мар 2021

Ќе има уште 18 нови „Рамстор“ супермаркети и 700 вработувања

04 мар 2021

Милијардерот Тенис ја продава семејната компанија

04 мар 2021

Компанија од Србија им плаќа за вакцинирање на работниците

04 мар 2021

(Не)рамноправна трка со странските брендови

04 мар 2021
Вчитува уште новости...