Работење

Што може да научиме од кризата со коронавирусот?

20 сеп 2020

Некои претпријатија се офанзивни и имаат силни маркетинг-кампањи и вложуваат во продажната сила. Некои се дефанзивни, односно се ценовно чувствителни и се натпреваруваат со цените. Третите се флексибилни кон купувачите, градат агилен синџир на снабдување и високо ниво на услуга.

Автор: Антонио Зрилиќ, „Логико“

Како и секоја криза, така и оваа предизвикана од коронавирусот има одредени правилности и можно е да се сецира и да се направи модел кој може да ни послужи за управување со секоја друга криза, проблем или проект. Овој модел се состои од 6 чекори: анализа, наоѓање на причината, дефинирање на стратегијата, акција, одговорност и мерење.

Анализирајте

Пред сè, мора да видиме што се случува. Во текот на пандемијата предизвикана од коронавирусот се следеше колку луѓе се заразени, колку трае заразата, колку време трае инкубацијата, кого обично напаѓа, колкава е смртноста итн. Постојат повеќе модели за анализирање на податоците што можат многу да ни кажат за секој проблем, без разлика дали се служиме со обично следење и бележење на појавите, законитостите и евентуалните аномалии и правилности, или се служиме со технологија или барање податоци, трансакција и процеси со различно достапни алатки. Битно е да воспоставиме начин на собирање на податоците и да ги уочиме правилностите што можат да ни послужат за да го опишеме проблемот со кој сме се соочиле.

Една од примарните постапки во решавањето на кој било проблем или криза е да се види дали воопшто има проблем. Според Алан Веис, автор и експерт за организациско однесување, мора да бидат задоволени три услови за да се зборува за проблем:

  • Постои девијација меѓу тоа што сме очекувале дека ќе се случи и тоа што навистина се случило;
  • Причината за таа девијација е непозната;
  • Се грижите за тоа.

Пронајдете ги причините

Ако девијациите постојат и причината не ни е позната, тогаш имаме проблем и следниот чекор е пронаоѓање на причината за девијацијата.

Во случајот со пандемијата предизвикана од коронавирусот пронаоѓањето на причината значи подобро разбирање на болеста. Бараме од каде доаѓа вирусот, кој е пациентот број еден, кој може да биде преносител, како се однесува и сл. Во решавањето на секој проблем или криза потребно е да се најдат причините за да се спречи „крвавењето“. Најтешко е да се тркаш со вирусот и да се надеваш дека повеќе луѓе ќе оздрават отколку што ќе се заразат, односно во работењето - дека ќе правиме помалку грешки отколку што ќе ги откриваме или ќе оствариме повеќе приходи отколку расходи и трошоци. Исто така, тешко е да се нишани кон движечка мета. Ако не знаеме која е причината за проблемот, тој постојано ќе ни дава дополнителни проблеми без оглед колку брзо ги решавате последиците. Зборувајќи со спортски речник, не може да дадеме толку многу голови колку што лошата одбрана може да ги прими.

Постојат два вида причини: причини предизвикани во минатото и причини кои ќе ги снема во иднина. Мерките што ги решаваат причините од минатото се т.н. корективни мерки и тоа нè води кон следниот чекор.

Дефинирање на стратегијата

Кога ги дефиниравме причините, може да се согласиме кон кој пат ќе тргнеме и каква политика ќе усвоиме. Кога владите се соочија со коронавирусот, секоја тргна со различна стратегија. Некои презедоа целосна изолација (Италија), додека други дозволија да продолжи животот со мерки за хигиена и држење дистанца (Шведска), а некои тргнаа со масовни тестирања (Ирска). Треба да ја дефинираме стратегијата за решавање на кризата или проблемите.

Некои претпријатија се офанзивни и имаат силни маркетинг-кампањи и вложуваат во продажната сила. Некои се дефанзивни, односно се ценовно чувствителни и се натпреваруваат со цените. Третите се флексибилни кон купувачите, градат агилен синџир на снабдување и високо ниво на услуга. Овој чекор е значаен бидејќи покажувате дека проактивно ја владеете ситуацијата и имате иницијатива. Без оглед која стратегија ќе ја примените, битно е да почнете со нејзино спроведување и да преземете одредени акции во таа насока.

Направете конкретни оперативни акции

Паралелно со разговорите за стратегијата мора да се донесат и оперативни одлуки и да се работи на сузбивање на заразата на терен. Можат да се преземат две основни мерки: мерки за ублажување на веќе настанатите последици и мерки за превенција и сузбивање на идните последици.

Кога зборувавме за причините, зборувавме за нив во идно и во минато време. Сега зборуваме за оперативните мерки што ги решаваат причините во минатото и оние што ќе се случат во иднина. Замислете дека ви капе од покривот и треба да ја решите причината која се појавила во минатото – дупката во покривот. Корективна мерка е санирање на дупката, меѓутоа, решавање на причината која нема да се појави во иднина се прави со превентивни мерки, како што се периодични прегледи на покривот, користење квалитетни материјали и сл. Задачата на секој лидер е да направи дистинкција меѓу причината и последицата и на оние настанати во минатото и на оние што допрва може да се случат за да се подготви соодветна акција за секоја од овие ситуации.

Доделете одговорност

За договорените мерки треба да се одреди кој е одговорен, до кога треба да се имплементираат и кој треба да биде известен. Јасно е дека ништо нема да биде направено ако никој не е одговорен или ако сите се одговорни (нема персонализиран „виновник“). Во случајот со кризата предизвикана од коронавирусот, формиран е кризен штаб, на чело со надлежно лице, но кој повторно има тим (во овој случај полицијата, епидемиолозите, медицинските работници, но и економистите).

Со секој деловен проект или одлука мора да се дефинира што треба да се направи, кој треба да го направи, до кога и што треба да се пријави и до кога. Не смееме да ја заборавиме комуникацијата и повратните информации што треба да одат во двата правци: оддолу-нагоре (од поле до централниот штаб, тим за проект итн.). Но, исто така, и одгоре-надолу (редовна комуникација од раководството до други). Многу е важно информациите да циркулираат во обете насоки затоа што се намалува бројот на шпекулации и непотребни одговори, што пак води до паника и губење енергија која треба да биде насочена кон решавање на кризата и успехот на проектот.

Измерете и следете

Конечно, неопходно е да се воспостават методи за мерење, мерки и стандарди во однос на кои се споредуваат овие мерки. Значи, како и во случајот со кризата, бројот на заразени, мртви и излекувани лица се пријавува двапати на ден, така што во секој проект, работа или настојување треба да бидат оптимално дефинирани три мерки што најдобро ја опишуваат ситуацијата и да ја следат колку што е можно во реално време.

Важно е да се дефинира стандардот и да се споредуваме со него. Ова значи воспоставување одредница или со нас или со некои надворешни стандарди или норми за да видиме како напредуваме. Еднакво важен фактор е и транспарентноста и видливоста на овие КПИ и секако разбирливоста за сите што работат, мерат, известуваат и донесуваат одлуки засновани врз нив.

Откако ќе ги совладаме овие чекори, можеме да ги искористиме за секоја задача, проблем, проект или иницијатива.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...