Работење

Како ќе изгледа работата во иднина? Време е за флексибилност

10 ное 2022

Овозможувањето флексибилност за вработените и можноста да воспостават подобра рамнотежа меѓу работата и животот веројатно никогаш не биле поважни

Извор: „Минтел“, www.mintel.com

Најголемиот експериментален период за четиридневна работна недела во Велика Британија почна во јуни, со учество на 70 компании од различни сектори. Пилот - проектот, организиран од невладината организација „4 Day Week Global“, го следи моделот 100:80:100, според кој вработените остваруваат 100-процентна продуктивност за 80 проценти од времето, при што добиваат 100 отсто од платата.

Овозможувањето флексибилност за вработените и можноста да воспостават подобра рамнотежа меѓу работата и животот веројатно никогаш не биле поважни. Со оглед на тоа што бројот на слободни работни места достигнува рекордно високи нивоа, а инфлацијата продолжува да се зголемува, голем дел од работодавците не се во можност да ги зголемат платите, па затоа ја продолжуваат трката по слободни кандидати.

Модел 100:80:100 – вработените остваруваат 100-процентна продуктивност за 80 проценти од времето, при што добиваат 100 отсто од платата.

Кога веќе се наѕира крајот на пандемијата и се очекува конечниот налог за „враќање на работа“, владите и бизнисите размислуваат како ќе изгледа работата во иднина. Пандемијата ги промени работните рутини и ги забрза трендовите што веќе беа во игра, што резултира со отворање на патот за дефинирање на нов модел на работа.

Во продолжение ќе се задржиме на четири тренда за кои веруваме дека ќе надвладеат во иднина. Тоа ќе значи нова можност за брендовите да се приспособат и да иновираат во таа насока.

  1. Од работа од дома до работа од каде било

Вработените брзо се приспособија и ги почувствуваа придобивките, кога домовите станаа нивно работно место преку ноќ во март 2020 година. Истражувањето на „Минтел“ покажа убедливо позитивно чувство кон работата од дома, особено кај работниците што тоа го практикуваат одвреме-навреме. Освен очигледните придобивки од флексибилноста и намалувањето на патувањето до работа, продуктивноста при работа од далечина се чини дека не заостанува. Повеќе од една третина од вработените работата од дома ја поврзуваат со зголемена продуктивност, а ист е случајот и со работата од некоја друга локација, надвор од канцеларија.

Додека некои компании се обидоа да ги вратат вработените во канцеларија пет дена во неделата, поголемиот дел од нив прифатија хибриден пристап, каде што е можно. Помал број компании воведоа постојани политики за далечинско работење, нешто на што повеќе ќе бидеме сведоци во иднина.

За работодавците, политиката на „работа од каде било“ ќе значи дека треба да им веруваат на вработените и да бидат со отворен ум за различни дефиниции за тоа што значи продуктивна работа. Тие ќе ги почувствуваат придобивките од регрутирањето луѓе со различни профили и вештини, со тоа што нечија локација нема воопшто да влијае ограничувачки врз шансите за вработување.

Дистанцирањето од работното место долгорочно ќе влијае врз секојдневните интеракции на потрошувачите со брендовите на голем број различни начини – од местата на кои јадат и купуваат храна, до локациите за вежбање и разонода. Ќе се појават безброј дополнителни можности за локални спортски сали, продавници и оператори со храна во градовите и во селата. Во урбаните места се јавува потребата од физички простор, каде што колегите ќе се дружат, соработуваат и ќе бидат креативни.

Производителите на предмети за домаќинството и на мебел може да го искористат овој тренд, така што на работниците на долг рок ќе им обезбедат удобни и флексибилни работни места дома. На пример, модуларни и мобилни работни простори што лесно може да се расклопуваат и да се пресметуваат, во зависност од променливите работни потреби. Технолошките брендови што обезбедуваат онлајн-платформи и алатки за поврзување на колегите, при што овозможуваат ефикасна соработка низ временските зони, ќе бидат неопходни за колегите што живеат низ целиот свет.

  1. Флексибилност секогаш кога е можно

Флексибилните работни часови се придобивка за вработените, за која тие најмногу се заинтересирани, паралелно со добриот пензиски систем и можноста за работа од дома.

Но, важно е да се истакне дека флексибилноста не значи само работа од далечина, па дури ниту само флексибилно време за почеток и крај. Станува збор за автономија на вработените и способност за самоуправување, дозволувајќи им да го структурираат работниот век во согласност со нивните потреби и желби. Тоа значи и избор на работно време и паузи, кои се компатибилни со оптималните нивоа на продуктивност во текот на денот. Сè додека вработениот е продуктивен, во иднина ќе може да работи како што тој сака.

Флексибилноста не значи само работа од далечина, ниту само флексибилно време за почеток и крај. Станува збор за автономија на вработените и способност за самоуправување, дозволувајќи им да го структурираат работниот век во согласност со нивните потреби и желби.

На сцена стапуваат брендовите што може да им помогнат на вработените да се движат кон новата ера на флексибилно работење. Постојат можности за здравствени апликации што ги следат дневните телесни циклуси на една личност, со што ѝ помагаат да разбере како начинот на живот и физиолошките фактори влијаат врз нивото на продуктивност. Вработените може да откријат кога се најпродуктивни и кога е најдобро да се одморат, да го искористат најдоброто од своето време и да направат флексибилен распоред.

  1. Фокус на рамнотежата работа-живот

Пандемијата ги поттикна луѓето повторно да ги проценат сопствените приоритети и тоа што го бараат на работното место. Тројца од десет вработени што најверојатно ќе бараат нова работа во следната година приоритет ѝ даваат на подобрата рамнотежа меѓу работата и животот, пред напредокот во кариерата или поголемата сигурност на работното место.

Флексибилното работење и потенцијалната четиридневна работна недела треба да бидат во служба на постигнувањето подобра рамнотежа меѓу работата и животот. Најпрвин, компаниите треба да смислат и да воведат попаметни работни практики за ја да избегнат опасноста да ги вовлечат вработените во прекувремена работа.

Брендовите за здравје и фитнес можат да се вклучат и да го подобрат искуството за благосостојба на вработените додека се во канцеларија. Бесплатните часови по фитнес во рамките на работното време и поддршката на менталното здравје може да помогнат во намалувањето на чувствата на стрес и „прегорување“.

Сепак, уште поважно, проблемот со „прегорувањето“ треба да се реши во суштина – со управување со обемот на работа и негување култура на отвореност, при што вработените можат да зборуваат кога се преоптоварени и да ги посочат нереалните очекувања.

  1. Дигиталната исцрпеност е реална

Усвојувањето нови технологии и комуникациски канали успешно ги поврза колегите и им ја олесни работата на далечина за време на пандемијата. Но, како што одминува времето, вработените стануваат дигитално исцрпени бидејќи многу од нивните интеракции беа префрлени на интернет – од работни состаноци и лекарски совети, до виртуелни концерти и социјални настани.

Иднината на работата од далечина изгледа силна и додека работниците не сакаат да патуваат до канцеларија пет дена во неделата, многумина сепак ќе сакаат одвреме-навреме да се соберат за да се дружат и да негуваат меѓучовечки односи. Тоа е важно за бизнисите што се занимаваат со разонода, храна и угостителство во градските центри. Тие можат да соработуваат со компаниите и да им понудат активности на работното место, со што ќе се позиционираат како идеална можност за зближување на колегите.

Заклучок

За многу вработени, начинот на работа во последните две години се промени повеќе отколку што можеше да се замисли. Вработените ја отфрлаат ригидната рутина од 9 до 17 часот, пет дена во неделата. Наместо тоа, приоритет им даваат на флексибилноста, автономијата и рамнотежата меѓу работата и животот (дополнително и на дружење со колегите во реалниот живот). Овие промени ќе надвладеат долгорочно и ќе ги поттикнат бизнисите да воведат флексибилна работа, вклучително и четиридневна работна недела.

Брендовите од повеќе сектори ќе мора да ги преиспитаат интеракциите и односите со потрошувачите бидејќи нивниот работен век станува пофлуиден.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...