Работење

Вали Марсзалек: Климатските приоритети во време на новата нормалност

14 сеп 2021

Во ситуација кога се спасуваат светските економии и прашањата за одржливоста лесно можеа да паднат во втор план, се случи токму спротивното – владите низ целиот свет вложуваат милијарди долари во зелени инвестиции.

Автор: Вали Марсзалек, извршна директорка на мрежата „Глобал компакт“ – Хрватска, vali.marszalek@globalcompactcroatia.hr

Несомнено климатските промени се најголемиот предизвик на нашето време. Човечките емисии веќе предизвикаа пораст на температурата за 1,1°C над прединдустриското ниво. Очекуваниот пораст на температурата до 2030 година е 1,5°C. Дополнително, во посебниот извештај за влијанието на глобалното затоплување, од Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) беше истакнато дека дури и ако порастот не надмине 1,5°C, ќе бидат потребни далекосежни мерки за адаптација на многу региони во светот.

Со други зборови, ако не го искористиме овој момент и не ги поттикнеме нужните промени денес, ризикуваме катастрофални последици врз луѓето и сите природни системи што нè опкружуваат и одржуваат. Во ситуација која бара итно дејствување и целосна преданост на сите држави и чинители во општеството, нѐ погоди пандемија од досега непознати размери. Ковид-19 ги загрози националните економии и го доведе во прашање напредокот кон исполнување на барањата на „Агенда 2030“.

Во ситуација кога се спасуваат светските економии и прашањата за одржливоста лесно можеа да паднат во втор план, се случи токму спротивното – владите низ целиот свет вложуваат милијарди долари во зелени инвестиции. Освен на национално ниво, се забележуваат и одредени глобални акции и кампањи на бизнис-секторот, од кои некои почнаа пред пандемијата, а во текот на кризата продолжија да се развиваат. Една од тие акции е „Business Ambition for 1,5°C“, која почна во 2019 година како дел од поголемата кампања „Race to Zero“. Во рамките на кампањата 360 компании од целиот свет се обврзаа да постават и да спроведуваат научно засновани цели за намалување на емисиите до крајот на 2020 година.

Ако не го искористиме овој момент и не ги поттикнеме нужните промени денес, ризикуваме катастрофални последици врз луѓето и сите природни системи што нè опкружуваат и одржуваат.

Во декември 2020 година годишниот состанок на UNGC, UNEP и UNFCCC – „High Level Meeting of Caring for Climate“ ги обедини лидерите од економијата, финансискиот сектор, владите, граѓанското општество и Обединетите нации, во пресрет на петгодишнината од Парискиот договор. На состанокот се дискутираше за напредокот и се разговараше за стратегиите за зелено закрепнување како одговор на двете актуелни големи кризи.

Паралелно и поврзано, значајни промени се случија и во областа одржливо финансирање. Одржливото финансирање е процес на анализа и земање предвид на еколошките, социјалните и корпоративно-менаџерските фактори (ESG) при донесувањето одлуки за вложување или давање инвестициски совети. Целта е долгорочно зголемување на инвестициите во одржливи економски активности и проекти. Уште пред кризата со Ковид-19, на крајот од 2019 година, стапи во сила Регулативата за објавување одржливи финансии (SFDR). По неколку одложувања поради пандемијата, на 10 март почна примената на оваа регулатива со цел да се мобилизира потребниот капитал за да се постигнат целите на „Европскиот зелен план“ и да се исполнат климатските, социјалните и корпоративно-менаџерските цели на одржливоста.

SFDR е дел од поширокиот пакет на законодавни алатки, осмислени за пренасочување на капиталот кон одржливи претпријатија. Главната цел е да се осигури дека учесниците на финансискиот пазар, инвеститорите и фондовите можат долгорочно да го финансираат порастот на одржлив и транспарентен начин, во согласност со принципот „да не се нанесе значителна штета“, што претпоставува преиспитување на потенцијалните негативни ефекти од инвестициите. Тие вложувања на финансискиот сектор значително ќе се пренасочат кон одржливи технологии и долгорочен одржлив развој, што би требало да придонесе за создавање нискојаглеродни економии, отпорни на климатските промени и водени од начелата на циркуларната економија. Со оглед на тоа што регулативата индиректно од претпријатијата бара да известуваат за информации поврзани со климата ако сакаат да привлечат инвестиции, тоа значи ново приспособување во процесот на известување од страна на бизнис-секторот.

За квалитетно да го поддржи бизнис-секторот во овие и во други амбиции и дејства за постигнување на целите за одржлив развој (SDG – Sustainable Development Goals), „Глобал компакт“ го објави новиот тригодишен стратешки план.

Пандемијата ни покажа дека се можни радикални системски промени и што е уште поважно, оти тие се неопходни за постигнување на целите на одржлив развој.

Во текот на 20 години, откако тогашниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан, повика на мобилизација на компаниите од целиот свет за усогласување на операциите и стратегиите во 10 универзални начела од областа на човековите права, работа, околина и борба против корупцијата, „Глобал компакт“ од мала групација на 44 претпријатија прерасна во најголемата иницијатива за корпоративна одржливост во светот, во глобално движење со повеќе од 12.000 претпријатија и 3.000 заинтересирани страни што не се деловни од 160 земји.

При артикулирање на стратегијата за периодот од 2021 до 2023 година, „Глобал компакт“ се водеше од последиците од глобалната пандемија, кои го забавуваат напредокот кон целите за одржлив развој и ја откриваат ранливоста на повеќе групи, особено на жените и на младите низ целиот свет.

Стратегијата се заснова на постигнување значителен напредок во петте области според кои ќе се мери колективното влијание. Тоа се рамноправност на половите (SDG 5); достоинствена работа и економски пораст (SDG 8); одговор на климатските промени (SDG 13); мир, правда и силни институции (SDG 16); партнерство за целите (SDG 17). Освен овие приоритетни цели, се продолжува и интензивната работа во областа одржливо финансирање за развој на синџирите на снабдување.

Со оглед на тоа што одржливоста е темел на бизнисот денес и постојано се развива, компаниите мора да еволуираат паралелно со неа кон „новото нормално“.

Во контекст на одговорот на климатските промени, особено е значајна програмата „SDG Ambition“, која почна во јануари годинава и веќе во првиот круг обедини повеќе од 600 компании од 65 земји. Преку шестмесечната акцелераторска програма компаниите ќе научат како стратешки да им дадат приоритет на прашањата за одржливост, таму каде што имаат најголемо влијание при работењето; како да постават амбициозни цели и да ги утврдат клучните чекори за нивно постигнување; како да ги интегрираат бизнис-целите и исходите поврзани со SDG во основните процеси на управување со работењето; како да се дизајнира системот за следење на напредокот итн.

Суштински дел од програмата е почетниот сет од 10 бизнис-критериуми, кои се дефинирани според веќе воспоставените насоки за известување. Во најголем дел тие се однесуваат на заштита на околината и намалување на негативните последици од климатските промени. Меѓу другото, тие вклучуваат одговорно производство без создавање и испуштање отпад, опасни загадувачи и хемикалии во околината; циркуларна економија и воведување нови циркуларни бизнис-модели; одржливост на производите во целиот синџир на вредности преку повторна употреба и рециклирање; намалување на емисиите на стакленички гасови; заштита на копното со посебен акцент на шумите.

Пандемијата ни покажа дека се можни радикални системски промени и што е уште поважно, оти тие се неопходни за постигнување на целите на одржлив развој. Тригодишната стратегија на „Глобал компакт“ ќе се спроведува во периодот на заздравување од кризата на Ковид-19, и затоа секоја држава и сектор ќе имаат единствен пат за решавање на овие предизвици. Заеднички именител за сите ќе биде одржливоста, а со оглед на тоа што таа е темел на бизнисот денес и постојано се развива, компаниите мора да еволуираат паралелно со одржливоста кон „новото нормално“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...