Човечки ресурси

Предвидување на иднината

21 дек 2022

Ако придонесот и продуктивноста на некој член од тимот (ќе го наречеме Радиша) константно опаѓа, тоа е знак за узбуна. Зошто? Па од Радиша навикнавме да очекуваме добро да работи и да испорачува резултати. Ако Радиша веќе некое време не стигнува да направи ништо, бавен е и преморен – тогаш нешто не е во ред. Нешто го мачи. Можеби сте го преоптовариле, можеби сфатил дека е премалку платен. Нешто го мачи, а ако тоа не го решите – замина Радиша...

Пишува: Ениса Селмановиќ - Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba

Гледање на грав, лажица, тарот и кристална топка во народот популарно се нарекува гатање. Освен кај гатачи и на социјалните мрежи, често се појавува и во бизнисот. Дури толку многу што некаде е нормална појава. Гатаме, па ако и потрефиме, добро е. Ако има повеќе среќа отколку памет, тогаш и гатањето ќе биде успешно. Каде нема ни среќа ни памет, е тогаш ништо.

Нема ни време ни простор да се наведуваат детални примери како се користи оваа древна вештина во бизнисот, но за потребите на приказната ќе издвоиме еден сегмент каде што примената е особено интересна – луѓето, секако. И тоа оној дел кога раководители – менаџери/тим-лидери/газди и шефови едноставно гатаат дали ќе остане некој во организацијата или не. И дали ќе даде отказ или тие ќе го надмудрат со отказот. 

Главно, се гата дали тоа ќе биде долга и плодоносна врска или краткотрајна афера. Во гатањето се користат разни невообичаени алатки што можат да се стават во една група – чувства. Бидејќи кога некој си оди, го слушаме тој што му бил надреден: „Јас имав претчувство дека тој ќе си оди“. Што значи само едно – женската интуиција не е само женска. Малку е и машка.

Потпирањето на чувство е добро, дури и пожелно, но обично е неефикасно. Поради очигледни причини. Да не се потпираме на чувство, имаме цела низа многу конкретни показатели кои ќе нѐ наведат на заклучок дали некој си заминува или останува засекогаш.

Ќе тргнам од претпоставката дека знаете да го водите својот тим, дека сте компетентни, координирани и мотивирани и дека разговарате со своите луѓе. Бидејќи во 21 век и не морам повеќе да ве потсетувам дека сето тоа морате да го правите.

Е па, кога сето тоа го правите, тогаш можете и да следите и да забележите некои работи.

Ако придонесот и продуктивноста на некој член од тимот (ќе го наречеме Радиша) константно опаѓа, тоа е знак за узбуна. Зошто? Па од Радиша навикнавме да очекуваме добро да работи и да испорачува резултати. Ако Радиша веќе некое време не стигнува да направи ништо, бавен е и преморен – тогаш нешто не е во ред. Нешто го мачи. Можеби сте го преоптовариле, можеби сфатил дека е премалку платен. Нешто го мачи, а ако тоа не го решите – замина Радиша... Да не биде после дека не сум кажала.

Ако Радиша се однесува како да не е член на тимот, не учествува, не придонесува, а и не комуницира како некогаш – ете уште еден знак за узбуна. Пак, нешто го мачи. Поради нешто е повреден. Нешто му пречи. Не чувствува припадност и не го чувствува тимот како свој. Веќе се дистанцира. Ако не откриете што го мачи и не се реши тоа – поздравете се со Радиша.

Ако на Радиша не му е гајле дали ќе го наградите или казните – узбуна. Веќе не е заинтересиран или опасно оди кон тоа да не е заинтересиран. Кога на луѓето ќе им стане сеедно или ќе потонат во рамнодушност, тогаш тоа завршува грозно и негативно. А, тоа можете да го спречите. Радиша пред вас и зборувајте, да видите што го мачи, па да средите. Ви се исплаќа ете толку да се жртвувате, сепак, тоа е Радиша.

Ако станал негативен, го истакнува само тоа што не чини, генерално не е добро да се биде во негова близина бидејќи – веќе отишол. Ова не е знак за узбуна, туку узбуната веќе завршила и Радиша заминал. Тоа значи дека трите работи што го мачеле претходно не сте ги решиле. Па тие три пораснале во една голема и тука веќе секој брод потонал. Дури и овде има мала надеж да се спаси што може да се спаси, но само ако реагирате молскавично и ефикасно. И ако ве послужи среќата, па успеете да го ресетирате Радиша на компаниските основи и ја вратите идилата каква што беше претходно.

Гатањето оставете го како рекреативна активност во слободно време, а во бизнисот и со луѓето – гледајте, зборувајте, слушајте, поправајте. Без изговори дека немате време, не сте стигнале или што и да е друго – оти кога ќе замине, готово е. Тогаш ќе ви треба многу повеќе време да го замените додека најдете нов, па додека го воведете во работата, па дали е вистинскиот или не е... полно е со нејаснотии и неизвесност.

Баталете го гатањето – гледајте, зборувајте, слушајте, поправајте. Тоа ви е главната задача.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...