Човечки ресурси

Драг менаџеру....

09 ное 2022

Твоја задача, твоја улога и твоја одговорност е твојот тим да биде компетентен, мотивиран и тој тим успешно да го водиш и координираш на патот кон остварување на целите. Не грижи се, не се ова тешки зборови, ова се вистински менаџерски зборови

Пишува: Ениса Селмановиќ - Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba

Драг менаџеру,

Голем си. Успешен. Главен си. Со работа си го заслужил тоа. Толку години борба, прекувремени часови. Еј! И сега сите ти се обраќаат со „шефе“. Иако, тоа не ти се допаѓа. Ти повеќе би сакал да те нарекуваат менаџер бидејќи тоа ти го пишува на оние новите суперсјајни визит-картички што ти ги направија. Тоа го пишува и во електронскиот потпис на сите е-пораки што ги праќаш.

Се обидуваш да не реагираш бурно кога ќе те наречат „шефе“, не сакаш да помислат дека си суетен или его-манијак. Не, навистина. Туку онака, полека низ насмевка за која мислиш дека е срдечна и добронамерна, невино ги поттикнуваш тоа „шефе“ да го поправат во „менаџеру“.

Бидејќи така ти пишува и на вратата од канцеларијата во која седиш. Првпат си сам во канцеларија, сам на маса. Имаш и столови за гости. Бидејќи менаџерите примаат гости и разговараат за важни работи. Менаџерски.

Со луѓето не зборуваш многу. Да, секако, им даваш наредби. Даваш задачи. Тогаш си се восхитуваш сам на себе, колку добро си го направил тоа. И дека со причина си менаџер.

Кога ќе дојдат да те прашаат нешто, малку и се лутиш. Ма ајде, зошто доаѓаат со прашања. Зарем не знаат сами да сработат. Ти се сам знаеше. Затоа сега си менаџер. Од тоа сознание ти станува малку подобро, па се соживуваш со својата улога и им го решаваш проблемот. И со секој следен – исто. И се чувствуваш баш добро бидејќи решаваш проблеми. Како вистински менаџер. Малку ти е чудно што на моменти и сам гледаш дека проблемите се, благо кажано, прозаични. Дали кантата за ѓубре треба да е лево или десно? Дали да нарачаат хартија за печатење и колку? Немаат баш многу врска со работата. Но добро, сѐ оди „во рок на службата“.

На моменти сфаќаш дека тие столови за гости сѐ почесто се зафатени. Луѓе на кои им ги решаваш проблемите. Па и драго ти е, се чувствуваш малку како тоа да е општествена одговорност. Помагаш. Вистински менаџер филантроп. И од тоа ти станува топло околу срцето.

Тогаш чекаш и го дочекуваш првиот месечен состанок со менаџерите. Гордо тргнуваш кон салата за состаноци и помислуваш дека конечно си свој меѓу своите. Сега зборуваш со луѓе кои се на твое ниво. Кои те разбираат. Кои знаат.

На состанокот зборувате за големи работи, стратешки, менаџерски. Драго ти е што малку се тргна од приказните за наоѓање совршена локација за кантите за ѓубре. Најпосле, добиваш и ти можност нешто да кажеш. Да ги претставиш резултатите на својот сјаен тим со кој толку успешно секој ден решаваш проблеми. И баш некако и се пофалуваш со тоа како нема проблем што не си го решил.

Забележуваш дека другите менаџери се накашлуваат и се врткаат. Но топло е, и воздухот е сув. Сигурно затоа. Твојот асистент ти ги подава табелите и графиконите со резултатите од твојот тим. Да, имаш и асистент. Бидејќи си менаџер. Своја канцеларија, свој асистент. Па ти е драго. Пак некој се накашла, па ти го прекина убавото чувство. Мораат да набават освежувач за воздух во оваа сала.

Резултатите би можеле да бидат и подобри, но велиш дека имало многу проблеми. Баш многу, како никогаш порано. И со гордост додаваш дека сите си ги решил. Сега веќе не ни поткашлуваат, само те гледаат. Некои со широко отворени очи. Малку си горд на себе. Ок, па нема сега да бидеш скромен – многу си горд на себе, со причина, бидејќи те гледаат со восхит.

Состанокот е завршен и генералниот менаџер те кани да останеш накратко со него. На твојата среќа ѝ нема крај. Сега ќе те пофали, тоа е тоа. Можеби ќе ти понуди некое повисоко менаџерско место, бидејќи се гледа колку си добар во решавање проблеми.

Можеби ќе ти ја зголеми платата. Можеби и ќе ти го понуди своето место. Уф, тоа сигурно... Од фантазии те прекина крајно сериозен глас: ти не си менаџер, ти си роб.

Визијата за твојата иднина се распрсна на парчиња. Би прашал нешто, но не можеш ни да зинеш ни да прозбориш. Толку си шокиран. Само го гледаш со широко отворени очи. Онака како што пред малку те гледаа колегите менаџери. Аха, значи и тие не биле нешто восхитени.

Тој зборува, а ти слушаш само делови од неговото зборување. Мораш да научиш да бидеш менаџер. Ама, што има тука да се учи... па ти си роден менаџер. Како ќе учиш, каде? О, боже!

И некако ти поминува низ глава дека генералниот ти вели да читаш, да истражуваш и да прашаш колеги кои знаат. Па добро, можеш да читнеш, да истражиш... но, да прашаш колеги?! Тоа не! Мислам, не си ти суетен нешто, но тоа не доаѓа предвид. Па тие ќе мислат дека не знаеш!

Еве, јас ќе ти помогнам. Прво, мораш да научиш што значи да бидеш менаџер. Знам дека знаеш, подобро од мене.

Но, дозволи.

Твоја задача, твоја улога и твоја одговорност е твојот тим да биде компетентен, мотивиран и тој тим успешно да го водиш и координираш на патот кон остварување на целите. Не грижи се, не се ова тешки зборови, ова се вистински менаџерски зборови.

Компетентен е тимот кој знае да ја работи својата работа. Кој ги има потребните знаења и вештини да испорача резултат поради кој секој ден и доаѓаат на работа, впрочем.

Мотивиран тим е тимот кој е среќен, кој работи со радост и кој е задоволен. Твоите се прилично задоволни бидејќи ти им решаваш сѐ. Но тоа не е таа мотивација што им е потребна.

Да, знам дека си шокиран. Никој не ти рекол, па ете јас ти кажувам. Ти ги организираш, водиш и насочуваш. Ти ги координираш за да не работат сите истовремено само на една задача. Она, како петгодишни деца на фудбал – сите врз топката.

И на крај, ти не им ги решаваш проблемите. Ти ги учиш како да ги решат проблемите. Така што ќе ги јакнеш нивните вештини. Така што ќе ги држиш мотивирани. Така што ќе ги насочуваш.

Ете, и тоа ти го решив.

А сега, фрли се на реалната менаџерска работа.

Топол човечки поздрав од мене што се правам паметна и гледам на работите поинаку отколку ти.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...