Човечки ресурси

Ќе се шокирате кога ќе видите што се случи

13 апр 2022

Кога зборуваме за границите во работата, главно слушаме како некој поминал некоја граница. Па ако била баш „дебела“ граница, а некој ја преминал, а па тоа го направил со цел и со умисла, безобразен еден, како можеше. Дали тој знаел за таа граница, дали бил предупреден или не – тоа е веќе друга приказна  

Автор: Ениса Селмановиќ - Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba

Убаво е да се има граници – колку може и до каде може. Државни, да кажеме. Па територијални, да кажеме. Во животот и во работата. И да се знае што е последицата кога ќе се помине границата.

Убаво е да се почитуваат и туѓите граници, па да се знае до каде може и колку може. И што се случува ако се помине границата. Убаво е. И тогаш сите знаеме што, каде, како и до каде. Баш убаво.

Секако, како и обично, во реалноста е поинаку.

Па имаме ситуација во животот кога некој прашува нешто што не е негова работа – значи, ја преминува границата. Дали границата била јасно поставена и видлива или границата е темелно зацртана во општата култура, тоа е веќе друго прашање.

Кога зборуваме за границите на работа, главно слушаме како некој преминал некоја граница. Па ако била баш „дебела“ граница, а некој ја преминал, а па тоа го направил со цел и со умисла, безобразен еден, како можеше. Дали тој знаел за таа граница, дали бил предупреден или не – тоа е веќе друга приказна 

Ајде да се обидам да го „оживеам“ ова низ пример од практиката проследен со сензационалистички наслов што скромно го ставив на почетокот од текстот – нормално, да привлечам внимание.

Да кажеме дека имаме еден тим. Водач плус тројца предани соработници. Двајца во тимот се работливи, паметни, бистри. Не поставуваат прашања, не забошотуваат. Работат, брате. Оној еден – забошотува, намуртен е и не се родил таков што нему му угодил. 

Со години сите знаат дека тој е таков и го заобиколуваат. Како што тие го заобиколуваат, така тој е сè посериозен во својот забошотувачки и намќорест пристап. И тоа трае година, две, пет... Овие двајца работат како што работат и само го заобиколуваат. Ако некојпат налетаат на него со не дај Боже очекување нешто да направи, тогаш ќе си го платат данокот на неискуството. Шефот е надмоќен – ма, таков е тој – и помалку или повеќе, тука се завршува.

Па, ќе си отиде еден работник. Ќе си отиде и друг. И остануваат шефот и намќорот. И шефот мисли дека лесно ќе се справи со него, а овој другиот мисли дека му остана уште шефот да го „среди“. Голема е веројатноста дека и двајцата се во тешка заблуда.

И тогаш осамнува еден убав, сончев ден кога шефот му дава некоја задача на намќорот, а намќорот мртов – ладен вели: „Не сакам.“ И се прави како ништо да не се случило. Шефот, кукавица, останува во шок. Па се залетува да им ја даде задачата на еден од тие двајцата работливите, па се сети дека си заминаа. И никако не му е јасно што се случило, а особено не му е јасно што ќе прави сега. Ништо, сам ќе сработи – таков е тој.

Што е расипано во земјата Данска? Па да, намќорот. Не, тој си е во ред. СЕ дрзнав тоа да го кажам.  

Да, тој е ок. Тој правеше како што му беше дозволено. Тој добро го искористи ставот „ма, таков е тој“. И баш му е добро, реално. Тој само правеше што сакаше и си ги собираше плодовите.

Нема да вперуваме прст, нооооо.... шефот е крив, логично. Зошто? Затоа што не постави граници. Затоа што не постави граници првиот пат кога овој рече дека не сака, или беше дрзок, или се однесуваше уште полошо.

А што требаше да направи кога „ма, таков е тој?“ Прво, требаше веднаш да реагира. На првото „не сакам“, на првото однесување што не е во согласност со правилата. И да му го даде тоа што жените го викаат корективен фидбек. Да му објасни кои се правилата на однесување, вредностите и правилата на игра. Да му ги покаже границите преку кои не се преминува. Да му укаже на последиците што следуваат кога границите ќе се поминат. Значи, да му даде фидбек и да го едуцира.

Ако ни потоа господинот „ма, таков е тој“ не ја смени плочата, тогаш господин шеф реагира пак и веднаш, сега и малку порадикално – со корективна мерка и рок до кога мора да се поправи.

Што се случува потоа – господинот „ма, таков е тој“ или ќе се промени и приспособи или ќе си оди. Во двата случаи – победа! Неговиот карактер и вредности секако не се вклопуваат во тимот и секако ќе го разорат тимот (како што видовме и во овој не толку светол пример), така што е сјајно што си замина самиот. Ако се промени – пак, сјајно. Се приспособи, прифати, созреа, научи. Значи, повторно победа.

Деловното опкружување мора да има правила кои се еднакви за сите. Кога тие правила се кршат, мора веднаш да се реагира. Ако не се реагира, тогаш станува усвоено и нормално однесување. И проблемот станува трипати поголем. Направите си услуга себеси, реагирајте.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...