Маркетинг

Маркетинг: Продавачите се од Марс, а маркетерите се од Венера и заедно ја вртат Земјата

11 јул 2020

Клучот на успешното тимско работење на маркетингот и продажбата е во постојаната комуникација и координација.

Автор: Мери Каталиниќ, opportunity maker, „Кликер маркетинг“, meri@kliker.mk

Успешните компании се организации каде што корпоративната култура и претставувањето на брендовите се прават со обединет и препознатлив тон и со синхронизирано обраќање кон клиентитe, купувачите, јавноста.

Ова веројатно и најмногу важи за нивните тимови за маркетинг и продажба.

Едноставно е. Не сакате вашите клиенти и купувачи да слушнат реклама, да прочитаат рекламен оглас во магазин или пост на социјалните медиуми со една информација, а да добијат поинакво претставување, друга информација или поинакви услови од вашиот тим за продажба.

Во најмала рака ова е збунувачки. А купувачот нема да посегне по вашиот бренд доколку нешто е двосмислено и нејасно меѓу пораката од рекламата и она што го слуша од продавачот. Ова ќе остави простор за појава на сомнеж, неверување и револт кај купувачот кој на крајот нема да посегне по паричникот и нема да го купи вашиот производ. Чувството на изиграност и недоверба кон брендот тешко се брише.  Особено денес кога изборот кој го имаат купувачите е огромен. И уште поважно – кога моќта ја имаат купувачите, бидејќи од споделувањето на лошото искуство со јавноста ги дели само еден клик.

Една пријателка доби награден ваучер во износ од 1.500 денари за една продавница за облека. Отидовме заедно за да си избере нешто. Продавачката во бутикот љубезно нѐ информира дека може да го искористиме ваучерот само ако претходно купиме нешто во износ од 3.000 денари. Се погледнавме чудно. Мојата пријателка објасни дека тоа воопшто не било споменато кога го добила ваучерот, ниту пак на него стои таква информација. На ова продавачката објасни дека така ѝ е пренесено, се обиде да добие и некој од одговорните на телефон, но безуспешно. Разочарани го напуштивме бутикот и отидовме со уште 3 други пријателки на кафе. Погодувате за што разговаравме во првиот половина час, а и каков пост мојата револтирана пријателка напиша на „Фејсбук“.

Убедувањето дека само продажните тимови го носат профитот, а маркетeрите само прават трошоци е традиционално и застарено. За современиот маркетинг тоа е дел од историјата. Денешните тимови за продажба и маркетинг мора да дејствуваат како едно, синхронизирано да соработуваат и заемно да ги разберат дејствувањата. На крајот на денот и двата тима работат за исти цели -  големина и углед на брендот и секако профит.

Во успешното тимско работење на маркетингот и продажбата во неколку фази се испреплетуваат задачи кои не смеат да се прескокнат и мора да се планираат и одработат заеднички. Клучот е во постојаната комуникација и координација.

Секако, постојат неколку совети и трикови како да се подобри и олесни комуникацијата и координацијата на маркетинг и продажните тимови:

Заедничко креирање релевантна содржина

Во содржината лежи клучната премиса. Содржината што ја креираат маркетерите им помага на продавачите да напредуваат полесно кон купувачите. Оваа содржина е заснована врз анализа на пазарот, трендовите во индустријата, стратегијата на промоција, како и сегментација на таргет-групите. Содржината секако се користи понатаму и во продажниот процес. Ова е особено важно бидејќи продажбата може да помогне со споделување реални искуства од терен и реални состојби на пазарот за носење финална одлука, која содржина во која фаза најдобро ќе функционира.  Тоа го олеснува и начинот на креирање релевантна содржина за соодветни таргет-групи и ја елиминира играта на погодување.

Заедничка анализа на купувачкото искуство

Чекорење и прошетка во чевлите на вашите купувачи или клиенти и од маркетерите и од продавачите поттикнува нови анализи, развој на нови стратегии и остава простор за креирање нов позитивен циклус на купување.

Која е поентата на креирање рекламни содржини и нивна дистрибуција по комуникациските канали без добро изанализирано однесување на потрошувачите?

Со зближување на продажниот и маркетинг-тим и внимателно следење на фазите низ кои поминуваат потрошувачите од процесот на информирање до крајната одлука за купување може да се креира единствен сеопфатен модел, за ново позитивно искуство на потрошувачите.

Заедничко креирање на профилот на вашиот купувач

Дефинирањето на вашите купувачи е многу важно. Да се опише што подетално вашиот идеален клиент или купувач - како се однесува, какви избори прави, какви информации бара, какви потреби има и како носи одлуки, има неверојатнa вредност во постигнување на целите. Оваа слика за профилот на вашиот купувач ќе биде попрецизна доколку тимовите за маркетинг и продажба работат заедно и се согласат. Гледана од агол на Марс и од агол на Венера, таа ќе биде најблиска до вистинската. Ова ќе го олесни патот до купувачот – ако знаете со кого си имате работа, тогаш знаете и како да дејствувате.

Одличниот маркетинг се потврдува преку одлична продажба или зад одлична продажба стои и одлично сработен маркетинг

Не можете да направите фантастична маркетиншка кампања, која ќе биде успешна, ако немате кој успешно да ја реализира продажбата. Не можете да имате успешна продажба без добро изготвена маркетинг-стратегија. Или едноставно, не сакате во темница да ѝ намигнувате на убава девојка, нема да ве види, ќе се заврти и ќе си замине. Маркетерите и продавачите денес многу добро го знаат тоа. И без разлика што едните се од Марс, а другите од Венера, сепак, заедно ја вртат Земјата. И профитот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...