Маркетинг

(ВИДЕО) Пиј повеќе (вода)!

02 сеп 2021

„Перно Рикар“ ја отфрли традиционалната порака „Пиј одговорно“ поттикнувајќи ги посетителите на забавите да консумираат повеќе вода.

Со оглед на тоа што социјалниот живот на глобално ниво постепено се враќа во нормала по 18-месечниот минимален меѓучовечки контакт, програмата „Responsible Party“ (Одговорна забава), која се залага за спречување на злоупотребата на алкохол од младите, останува целосно посветена на борбата против прекумерното пиење.

Повторното отворање на баровите, клубовите и рестораните може да доведе до прекумерно пиење и штетно влијание на алкохолот врз младите луѓе. Затоа, програмата „Responsible Party“, која постои од 2009 година како плод од соработката на студентската мрежа „Еразмус“ и „Перно Рикар“,  одлучи да ги интензивира напорите и да почне смела дигитална кампања.

Централниот спот „Drink More… Water“ (Пиј повеќе... вода), во времетраење од 50 секунди, прикажува колаж од снимки на пијани луѓе во различни непријатни ситуации. И покрај непријатното чувство што го предизвикуваат снимките, низ рекламата постојано се појавува пораката „Drink More“, создавајќи дополнително шокантно чувство. Сепак, на крајот пораката се комплетира во „Drink More… Water“, превртувајќи ги негативните чувства во еден важен, позитивен совет за младите. Кампањата ги потсетува „мангупите“ дека доколку сакаат да се чувствуваат добро и утредента, а не само вечерта, водата е најдобриот еликсир за „матна глава“.

Кампањата е создадена со помош на дигиталната агенција „Базман“, а покрај централниот спот, вклучува и печатени, онлајн и дигитални активности.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...