Instory

Биоми: Композиција од мотиви, бои и мириси

14 ное 2018

Малку се производите што толку често се употребуваат и се корисни како што е сапунот. Сапунот почнал да се произведува многу одамна и најпрвин се сметал за луксуз, но со текот на времето станал производ без кој луѓето не можат да си го замислат секојдневието. Еден хемичар од 19 век дури рекол дека по потрошувачката на сапун може точно да се процени богатството и културниот развој на секој народ. Денес сапунот е неопходен за одржување лична хигиена, тој е дел од секојдневието, па честопати и не обрнуваме внимание на неговата важност. Од аспект на современата понуда, изгледот на обичниот сапун би можел да се окарактеризира како неинвентивен.

Сепак, тоа не е случајот со уникатните сапуни Biomi кои се на природна база и се рачно изработени. Малите миризливи ремек-дела, спој на занаетчиството и уметноста, пленат со колоритот и со сензибилитетот. Токму тие беа и поводот за разговор со креативниот велешанец Младен Андов, сопственик и раководител на „Биоми“.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Спој на занаетчиството и уметноста

Велешката компанија „Биоми“ се занимава со производство на рачно изработени сапуни и средства за хигиена на природна база. Нивниот пријатен мирис се должи на мирисните масла од: мошус, релакс, ананас, цвет на јапонска цреша, кедар, ванила, манго, јасмин, бела орхидеја, килибар, камилица, лаванда, памуков цвет… Портфолиото на „Биоми“ го сочинуваат вкупно 15 производи, во кои се користат околу 25 мирисни масла и 10 етерични масла.

Станува збор за млада компанија, основана пред нецели две години. Моите претходни работни искуства не се поврзани со оваа дејност, настапувам како нов занаетчија и првпат се вклучувам во продажба, го почнуваме разговорот со Младен.

Размислувавме за сериско и машинско
производство, но се роди идејата рачно да
изработуваме сапуни исклучиво на природна
база и тоа направи
целосен пресврт.

Идејата за навлегување во тајните на производството на сапуни и средства за хигиена била на семејството Андови: Размислувавме за сериско и машинско производство, но се јави идејата да изработуваме сапуни исклучиво на природна база и тоа направи целосен пресврт. Процедурата на правење е многу различна затоа што ја изведуваме рачно.

Името на фирмата доаѓа од кратенката „био“ што значи живот и од таа причина било избрано и дрвото на логото, како симбол и заштитен знак. Сакавме да биде кратко и едноставно, од каде што дојде и целосното име – „Биоми“. Креатор на сапуните, морската сол, купките и на маслото за брада е токму нашиот соговорник, додека пудрата, стиковите и кремот за тело, како и сите други пакувања, ги прави неговата мајка. Малата работилница се наоѓа на улицата Павел Шатев, бр. 49, од каде што се снабдуваат сите локални купувачи и соработници.

Создавањето на еден сапун е доста интересен процес. Пред почетокот на изработката одбирам мотиви, бои и мириси што ќе се вклопат со целата композиција. Секако, користам одредени техники за да добијам разновидни и апстрактни форми. На крајот на краиштата, изработката се сведува на практика и експериментирање – колку повеќе го правите, толку подобро изгледа, раскажува Младен. Тој додава дека голем акцент е ставен и на декорациите и пакувањата, но, сепак, практичното искуство кажува дека луѓето повеќе се заинтересирани за квалитетот и за ефектот што ќе го добијат од тоа што го купуваат. Кога луѓето сакаат да ги подарат производите Biomi, ние ги изработуваме и ги пакуваме по нивна желба како подароци.

Во активноста на компанијата се вклучени и другите членови од семејството. Како што открива Младен, постои огромен потенцијал и доколку во иднина се прошири производството, би вклучиле повеќе луѓе и би им понудиле пристојна работа.

Нашиот предизвик е да направиме комбинација од
сродни мириси и да создадеме нов.

Отвореност кон нови соработници

Производите Biomi се достапни во нивниот продажен салон лоциран на истата улица како и работилницата, во гевгелиската дрогерија „Калинтика“, како и во продавниците на „Бако“ во Велес, Скопје, Прилеп, Охрид и во Битола. Секогаш сме отворени за соработка кон сите, нашиот таргет се претежно спа-центри, салони за убавина, парфимерии, хотели, но како опција не ги исклучуваме и маркетите, вели Младен. Засега дистрибуцијата се врши преку карго, што за семејството Андови во моментов е најбрза опција за да ги испратат производите каде било во земјава.

На фејсбук-страницата на Биоми забележавме голем број позитивни коментари, што навистина претставува реткост во денешно време. Предизвик е да имаш задоволни купувачи, нивната оцена го гради квалитетот. Нашите редовни корисници се доста задоволни, се трудиме да го направиме тоа што го бара купувачот, но, од друга страна, има и луѓе што не се доволно запознаени со придобивките и генерално со природните производи и се малку скептични, објаснува Младен. Кога го прашавме кој од производите нему лично му е фаворит, тој со насмевка одговори: Тешко е да се избере фаворит меѓу сите, секој производ има различно благотворно дејство. Би можел да ги наведам кремот за тело и сапунот со мед и млеко како едни од најкупуваните.

Во врска со конкуренцијата, нашиот соговорник вели дека постојат поединци и мали фирми што работат и имаат сличен асортиман како и „Биоми“. Како главна конкурентска предност тој ја истакнува уникатната изработка на производите, на што посветуваат најмногу време и внимание.

Досега фокусот на семејството Андови бил да се добие квалитетот и да создадат име и бренд. Се имаме појавено на неколку локални манифестации, а во иднина планираме да учествуваме на некои од домашните саеми за да нè запознаат што повеќе луѓе, а зошто не и на интернационални?

На маркетиншко поле, „Биоми“ се труди да покрие различни аспекти. Во тек е изработката на каталогот со производи, кој се очекува да излезе наскоро, а во поглед на социјалните мрежи, Андови го следат одѕивот, гледаат кои групи луѓе се заинтересирани за ваков тип производи и настојуваат да стапат во контакт со одредени потенцијални соработници и да најдат нов начин за пласман.

Нови производи, нови мириси...

Компанијата постојано воведува нови производи. Последните се пудра за тело и крем за туширање и нега на кожа. Искрено се надеваме дека ќе продолжиме со истото темпо на работа. Создавањето нов производ бара добар концепт и практичност и минува низ задолжителна тест-фаза. Следниот производ на кој работиме е путер за тело за интензивна хидратација, потхранување и регенерирање на кожата, открива Младен.

На нашето прашање кој е предизвикувачкиот мирис што досега недостигал во портфолиото на Biomi, тој истакна: Пристигнуваат мирисни и етерични масла од когнант-кубанс, каберне, француски лавандер, алоха, жалфија, патчули... Нашиот предизвик е да направиме комбинација од сродни мириси и да создадеме нов.

Младен се надева дека до крајот на годинава светлото на денот ќе го видат уште неколку нови производи што одамна ги имаат во план и работат на нив, за кои сметаат дека ќе бидат доста актуелни. Би сакале да направиме што е можно повеќе промоции, да оствариме нови соработки и да најдеме начин да бидеме достапни и за тие што досега немале можност да ги видат и пробаат производите Biomi.

Разговорот го завршуваме со досегашната најзначајна бизнис-одлука на семејството Андови: При водењето мал бизнис секој чекор може да значи пресврт. Секогаш тргнуваме од нашите приоритети, водејќи се од импулсот на пазарот и нашата интуиција и подготвеност. Најзначајната одлука беше да почнеме со сапуните, а понатаму да прошириме со сè друго.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...