Регионално

Драган Бокан: Кризата ги одложи плановите за ширење во соседните земји

10 јун 2020

Се соочивме со нагли промени, купувачите со денови купуваа енормни количества од одредени производи.

Разговараше: Игор Ѓуровиќ, igor.durovic@instore.si

Нашиот соговорник Драган Бокан, претседател на трговскиот синџир „Воли“, ја основа компанијата од сопствени средства. Почна со еден објект и со шест вработени. Денес, по четврт век постоење, компанијата има 2.300 вработени, 73 малопродажни единици, дистрибуција, логистичко-откупен центар и земјоделски имот во близина на Улцињ. Минатата година беа произведени и пласирани повеќе од 450 тони земјоделски производи, очекувањата за годинава се производство од 2.500 тони. Го почнавме производството со желба да им понудиме на потрошувачите овошје и зеленчук кои се третирани со минимално количество пестициди и чиј мирис и вкус нè враќаат во оние убави времиња кога при одгледувањето изгледот на производот не беше најважен критериум. Се обидуваме да го шириме асортиманот, а притоа да не ги загрозиме малите произведувачи, ни објаснува нашиот соговорник на почетокот од разговорот.

Во 2009 година од ЕБРД добивте кредит од 4,2 милиони евра. Како ги искористивте тие средства и дали и претходно користевте кредити од банките, или развојот го финансиравте од сопствен капитал?

- Уште од почетокот целата кредитна поддршка е насочена за развој. Нема да кажам ништо ново, успешните стопанственици тоа добро го знаат, дека на патот кон успехот вложувањето во развој, човечки капацитети и логистика е – императив. На тој начин се развиваше и нашата компанија и пред споменатата кредитна линија ЕБРД бевме корисници и на други кредити. Многу одговорно и аналитично пристапивме кон кредитирањето и успеавме да го најдеме вистинскиот баланс.

Кога изостана увозот од пазарите кон кои бевме традиционално насочени, обезбедивме алтернативни пазари.

Малопродажниот пазар во Црна Гора и натаму е доста фрагментиран. Кој удел на пазарот го имаат маркетите „Воли“?

- Предноста на нашиот пазар е во тоа што е фрагментиран. Пазарот е мал и конкуренцијата е остра. Благодарение на тоа што непрекинато сме мотивирани да бидеме што подобри, маркетите „Воли“ имаат пазарен удел околу 30 отсто, што нè прави лидери на црногорскиот пазар.

Во што е Вашата предност пред конкуренцијата, зошто купувачите би требало да купуваат токму од Вашите маркети?

Потрошувачите ги препознаа нашите напори да им овозможиме најдобра понуда и услуга, а најповолни цени. Наш императив е да им покажеме почит на купувачите преку грижа за квалитетот на нашите производи и преку услугите, кои континуирано ги унапредуваме. Нашите купувачи се чувствуваат сигурно кај нас. Водиме голема грижа за хигиената и освен екстерните, имаме низа интерни процедури и стандарди за одржување на хигиената и за исправноста на производите. Сега, во ова особено предизвикувачко време, спроведуваме циклични и континуирани активности за дезинфекција и ги подигнавме критериумите на највисоко ниво.

Како кризата предизвикана од коронавирусот ги промени навиките на потрошувачите и како реагиравте на нив?

Се соочивме со нагли промени, некои се рецидиви од минати времиња, а други се глобален феномен, па со денови се купуваа енормни количества од одредени производи. Забележливо е дека се рационализира одењето во маркет за што помалку да се изложат на ризик, но забележлив е и пад на потрошувачката. Ја организиравме работата на маркетите во согласност со сите мерки и се обидуваме што поефикасно да им излеземе во пресрет на потрошувачите. Обезбедивме континуитет во снабдувањето, без оглед на сите предизвици. Кога изостана увозот од пазарите кон кои бевме традиционално насочени, обезбедивме алтернативни пазари. Во период на пораст на трошоците за транспорт обезбедивме дури и пониски цени на основните животни намирници. Подготвуваме и онлајн-платформи и нови видови услуги, во согласност со практиките на развиените европски пазари.

Освен малопродажбата, „Воли“ се занимава и со дистрибуција. Кажете ни нешто повеќе за асортиманот што го застапувате во дистрибуцијата?

Нашата дистрибутивна дејност почна во 2004 година, со застапништво за Carnex. Сега, во нашиот профил се регионалните лидери во производството на храна, како што се брендовите Pionir, Vital, Kraš, Vindija, Cekin i Vindon, Zott, Beretta и многу други. Дејноста ја реализираме преку нашите два дистрибутивни центри. Понудата на нашата големопродажба и дистрибуција не се разликува, купувачите воедно ни се и конкуренти во малопродажниот сектор. Во логистичко-откупниот центар се реализира откуп и пласман на земјоделски производи од наше производство и откуп.

Црногорскиот пазар, поради скромните формати, е неатрактивен за големите играчи.

Каква соработка имате со домашните производители, на какви проблеми наидувате?

За жал, немаме доволно домашни производители, генерално се сведени на дел од категориите како што се сувомесната и млечна програма, овошје, зеленчук, производство на мед и на вино... Целта ни е на полиците на маркетите „Воли“ да има што повеќе домашни производи, и кај нас се застапени сите домашни производители чиј квалитет го заслужува тоа. Сметам дека тие и натаму не се доволно свртени кон унапредување на пласманот на своите производи од аспект на континуиран квантитет и квалитет, активен маркетинг. Сепак, има црногорски производители што функционираат на начин на кој тоа го прават најсовремените странски производни системи и поради тоа, нивните производи можат да се најдат и надвор од границите на нашата земја.

Имате ли планови за излез надвор од границите на Црна Гора? Можеби во некоја од соседните земји?

Имавме планови за развој во таа насока, но поради актуелната ситуација, нивното одлагање беше неминовно.

Како ја оценувате моменталната ситуација во FMCG-секторот во Црна Гора? Дали малите трговци Ви се конкуренција?

Во Црна Гора, како и во земјите од опкружувањето, традиционалните продавници и натаму имаат големо значење.

Вие сте обожавател на кошарката и главен спонзор на црногорскиот првак „Будуќност Волија“. Како гледате на таа соработка и генерално на соработката меѓу спортот и бизнисот?

Горд сум на таа соработка бидејќи покажа дека со посветена работа, енергија и заеднички напори можеме да ги оствариме зададените цели. „Будуќност Волија“ е гордост на Црна Гора, наш амбасадор во европските спортски кругови. Освен поддршката од нашата компанија, клубот се потпира и на поддршката од нашиот Управен одбор, кој го сочинуваат претставници на најуспешните црногорски компании, како и на интернационалните што работат кај нас.

Како компанијата „Воли“ ја заврши минатата година? Дали ги постигнавте целите?

Ги остваривме предвидените цели, дополнително ја развивме малопродажбата преку два репрезентативни објекти во Котор и во Подгорица, како и новиот концепт Take&go. Го развивме и нашето земјоделско производство. Оваа година е посебен предизвик за нас, но ќе се обидеме што подобро да се приспособиме на новонастанатата ситуација и да не го запираме нашиот позитивен тренд на работење.

Дали на пазарот во Србија очекувате влез на нови играчи, како што тоа беше случај во Словенија, Хрватска, а и во Србија со влезот на „Лидл“?

Мислам дека нашиот пазар, поради скромните формати, е неатрактивен за големите играчи. Во секој случај, ќе се однесуваме како и досега, ќе даваме сè од себе за со конкуренцијата да се избориме со квалитет, брзи реакции и ефикасност во сите сегменти од работењето.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...