Регионално

Тодор Димитровски: Со отворен пристап кон промените

23 ное 2022

Во менаџментот има едно многу важно правило – подобро е да се донесе одлука, па дури и погрешна, отколку да не се носат никакви одлуки.

Тодор Димитровски, главен маркетинг-директор на „Алтерко“, Бугарија

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Постојано се трудам да излезам од комфорната зона. Кога ќе забележам дека некоја работа ми станува премногу рутинска и повеќе не наоѓам доволен предизвик, барам нешто ново што ќе ми биде предизвик за следниот период, заклучува нашиот соговорник Тодор Димитровски, кој професионалната кариера ја гради на три континенти и сега е на позицијата главен маркетинг-директор на „Алтерко“, Бугарија.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 6 октомври 1976 година, Скопје.

Образование: МБА (маркетинг) на ESCEM, „Њујорк колеџ“ во Солун; дипломиран економист (финансии и банкарство) на Економски факултет во Скопје.

Кариера:

  • Надворешен маркетинг-консултант во „Ooredoo“, Алжир (од 2019 до 2020 година);
  • Главен маркетинг-директор во „Bakcell“, Азербејџан (од 2017 до 2019 година);
  • Различни менаџерски маркетинг-позиции во „Телеком“ – Романија (од 2013 до 2017 година);
  • Директор за маркетинг-комуникации во „Телеком“ – Македонија (од 2007 до 2013 година);
  • Различни позиции за бренд-менаџмент за пиво и безалкохолни пијалаци во „Пивара Скопје“, Македонија (од 2002 до 2007 година).

Моментална функција: Главен маркетинг-директор на „Алтерко“, Бугарија.

Хоби: Скијање, патувања, фудбалски разговори и следење фудбалски натпревари со синот, кафе и пријатни разговори со пријатели од целиот свет.

Секојдневно учење нешто ново

Инспириран од работата на татко му како градежен инженер, гледајќи го како работи на интересни проекти и слушајќи ги разговорите, кај малиот Тодор се појавил интересот за таа професија. Детската желба полека била подзаборавена и нашиот соговорник се запишал и ги завршил студиите на Економски факултет, насока финансии и банкарство.

На почетокот од кариерата воопшто не размислував дали професионалниот пат ќе ме одведе надвор од Македонија. Важно ми беше само да научам што е можно повеќе, да ги постигнам очекуваните бизнис-резултати и успешно да го совладам секој следен предизвик. По 10-ина години активна работа во корпоративниот свет, почнав да размислувам за можни следни предизвици надвор од земјата.

Тодор ја почнува професионалната кариера уште како студент, во семејната фирма. Тој период, кога татко му првпат основа сопствена фирма, го памети како многу интересен. Додека родителите биле одговорни за стручните градежни проекти, Тодор се занимавал со административни и компјутерско-технички активности: Уште тогаш сфатив дека од сè што се работи секојдневно може да се научи нешто ново и да се стекнат нови искуства – тоа сè уште го следам како практика.

Професионалниот пат продолжува во „Пивара Скопје“, каде што Тодор останува речиси шест години и работи на повеќе позиции. Како што истакнува, оваа компанија била одлична школа за маркетинг и генерално за тоа како да се води и развива бизнис. Почнал со бројките во маркетингот како аналитичар на пазарот, а потоа можностите се отворале со секое стекнато искуство: Бројките и анализите ќе останат важен дел од мојата кариера и понатаму бидејќи маркетингот е многу повеќе од комуникацијата што сите ја гледаат. Во тоа време почна да се проширува портфолиото на пива, го пробивавме Heineken на македонскиот пазар, го лансиравме Горско пиво и многу нови продукти од портфолиото Coca-Cola...

Постојано се трудам да работам на развивање на тимот за да може да преземе одговорност и да ја продолжи работата кога јас ќе си заминам.

Во 2007 година нашиот соговорник преминува во нов сектор – телекомуникацискиот. Секоја индустрија има свои карактеристики и правила, па како што раскажува тој, во првите три месеци одвај ги разбирал стручните терминологии. Особено сум горд што Македонија беше една од водечките земји за маркетинг-активности во рамките на „Дојче Телеком“, проследени со многу награди и успешни проекти. Социјалните медиуми сè уште беа нешто ново и непознато... се сеќавам дека иако сме една од најмалите земји во системот, бевме првиот пазар кој достигна 100.000 следбеници на „Фејсбук“.

Само промените се константа

Во 2013 година следува првиот работен ангажман надвор од Македонија. Во тоа време Тодор веќе една година интензивно барал нов ангажман надвор од земјава затоа што сметал дека е вистински момент да го направи тој чекор. Се двоумев каде да ја продолжам кариерата бидејќи во ист момент се појавија две можности – едната во Германија, а другата во Романија, се сеќава тој. Неговото заминување во Романија иницијално било за да се реализира еден сериозен проект – ребрендирање на две компании под еден нов бренд на „Телеком“ – Magenta: Две целосно различни компании, еден стар државен фиксен телекомуникациски оператор, Romtelecom, и една млада, динамична компанија за мобилни услуги, Cosmote. Проектот беше успешно реализиран и новиот бренд беше на пазарот по само пет месеци од одобрувањето на проектот од Управниот одбор. Тодор додава дека сè уште се сеќава на зборовите на главната директорка за човечки ресурси во компанијата – дека немало такво лансирање на нов бренд на пазарот од доаѓањето на Coca-Cola во Романија.

За Тодор следуваат дополнителни одговорности поврзани со креирањето на понудите, ценовната политика, портфолиото на телефони, програмите за задржување корисници, комплетниот припејд-бизнис: Сè на сè, одговорност за приходи од околу 500 милиони евра.

По 4 години поминати во Романија, Тодор сè уште го чувствува Букурешт како втор дом. Сепак, продолжува во нови компании и во нови земји – Азербејџан и Алжир. Тешко е кога првпат ќе ја промениш индустријата во која си работел, а потоа и земјата каде што си почнал да работиш. За секоја следна дестинација полесно го прифаќаш предизвикот и поискусен си како да се приспособиш на новите услови. Секоја земја те пречекува со сопствената култура, навики за работа, локални традиции и доколку не си спремен да се адаптираш на условите, многу потешко ќе успееш.

И од аспект на бизнисот и приватно, Азербејџан било суперискуство за Тодор. Таму стекнал пријатели со кои до денес комуницира, а некои дури и го посетиле Скопје. Алжир, пак, бил приказна за себе – нашиот соговорник таму бил кратко како консултант и често патувал дома за викендите. Во земјата бил кога се одржале првите слободни претседателски избори по повеќе од 30 години владеење на претходниот претседател, што било интересно доживување.

Од крајот на 2020 година Тодор е во Бугарија, на позицијата главен маркетинг-директор во „Алтерко“. Во екот на пандемијата, кога патувањата беа речиси невозможни, можноста да работам во соседна Бугарија беше многу практична, а предизвикот да продолжам во нова стартап-средина беше голем. Ова е бизнис што расте 50 проценти годишно и продолжува со исто темпо, дури и во период на глобална криза и инфлација, вели тој. На оваа позиција Тодор ги раководи онлајн-продажбите (годишен приход од 7 милиони евра) и комплетната маркетинг-стратегија и егзекуција на глобално ниво: Иако е бугарска компанија, бизнисот е присутен во повеќе од 100 земји во светот.

За професионализмот, за животот и за успехот

Според Тодор, секоја нова компанија и секоја нова земја е предизвик по себе. Секогаш е тешко да се изгради доверба кај новиот тим, да се мотивира да ги следи промените што се наметнуваат со новиот менаџмент, особено кога треба да се испорачаат резултати на краток рок.

Тој признава дека по заминувањето од Македонија, нормално е да недостига дружењето со семејството и пријателите. Но, кога ќе се навикнеш на живот во друга средина и доаѓаш во Македонија на одмор, по 1-2 седмици веќе си подготвен да се вратиш на секојдневието во некоја друга држава.

Според него, за една личност успешно да работи на позицијата на која работи тој, потребно е да е подготвена на промени, на нови предизвици и секојдневно да учи нови работи: Во бизнисот работите се менуваат и многу често бизнис-практиките во секоја земја се различни. Затоа, мора да се има отворен пристап кон промените за полесна адаптација.

На нашето прашање што би ги советувал колегите на кои ќе им се укаже слична можност да добијат функција надвор од родната земја, тој вели: Би им препорачал да пробаат, секогаш можат да се вратат дома ако не се пронајдат во тој предизвик. Мора да се отворени кон промените, да се адаптираат кон различни начини на работа и да ги прифатат различните култури.

Клучен дел од менаџерската работа, според Тодор, е носењето одлуки, па макар и погрешни. Тој потенцира едно важно правило во менаџментот: Подобро е да се донесе одлука, па дури и погрешна, отколку да не се носат никакви одлуки.

Како еден од најголемите успеси досега ја издвојува наградата Effie, една од најпрестижните интернационални награди во маркетингот: Таа награда ми е особено драга затоа што се случи кога првпат излегов од Македонија. На Effie Romania 2016 мојот тим и „Телеком“ – Романија беа ѕвезди на вечерта, освојувајќи 5 трофеи, меѓу кои и најпрестижниот Grand Effie. Тоа беше првпат во земјата компанија од телекомуникацискиот сектор да ја освои главната награда на овој престижен натпревар.

На крајот од разговорот се враќаме на почетокот – на излегувањето од комфорната зона, што за Тодор е клучно за неговиот успех: Освен тоа, тука се и луѓето со кои работам, тимот. Постојано се трудам да работам на развивање на тимот за да може да преземе одговорност и да ја продолжи работата кога јас ќе си заминам.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...