Регионално

Оливер Гичевски: Ефикасноста и едноставноста се најважните лекции

13 јул 2022

Оливер Гичевски, менаџер за продажба за регионот ЈИЕ во „United Caps“

Во продажбата нема минат труд и затоа фокусот секогаш треба да биде на порастот, придружен со приспособливост и истрајност.

РазговарашеДанче Драгиноваdanche@instore.mk

Иако претходно воопшто не ни помислувал дека кариерата ќе ја гради во големи интернационални компании, денес нашиот соговорник Оливер Гичевски не може ни да замисли поинаков модел на работа.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 16 јули 1974 година, Скопје.

Образование: Економски факултет во Скопје, Mondelēz Sales Academy, Henkel Academy.

Кариера:

  • Оперативен менаџер со посебна надлежност за трејд-маркетинг активности во „Нелт СТ“ (од 2001 до 2003 година);
  • КА-менаџер и трејд-маркетинг специјалист за Македонија и за Косово во „Крафт Јакобс Сухард“/„Монделез“ (од 2003 до 2007 година);
  • КА-менаџер за Македонија и за Косово во „Хенкел“ (од 2007 до 2011 година);
  • Надворешен консултант за Македонија во „Перутнина Птуј“ (од 2012 до 2013 година);
  • Трејд-контролинг менаџер за Македонија, Косово и Албанија во „Инвеј холдинг“ (од 2012 до 2013 година);
  • Надворешен консултант и регионален менаџер за извоз за Јадранскиот Регион во „Хохланд“ (од 2013 до 2015 година);
  • Надворешен соработник во „Сторк Адриа“ (од 2015 до 2016 година).

Моментална функција: Mенаџер за продажба за регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) во „United Caps“ (од 2016).

Хоби: Кошарка, читање книги, гледање филмови, кафе покрај море и фитнес.

Детерминираност кон целта

Како мал и за време на тинејџерските години, Оливер бил вљубеник во кошарката и го привлекувале информациските технологии. Никогаш не се замислувал во трговијата, иако уште како дете му се восхитувал на дедо му, кој бил трговски патник и често бил отсутен од дома поради деловни патувања. Од 5-годишна возраст бев негов придружник секогаш кога немаше кој да ме чува. Менувавме превозни средства, минувавме градови и уживавме во вагон-ресторанот, се сеќава Оливер.

Функцијата маркетинг-асистент во „Нелт СТ“ не била првата работна позиција на Оливер, ниту работна позиција на која се задржал подолго. Сепак, тој ја издвојува како пресвртна точка од која почнало неговото професионално профилирање.

Целев кон работа во маркетинг-агенција, а ме пресретна отворена позиција за маркетинг во „Нелт СТ“, која за многу краток период ме однесе до в.д. оперативен менаџер во истата компанија. За да одговорам на предизвикот, ги вложив сите напори. Сè што се случуваше потоа најдобро може да се каже со зборовите на Роберт Шулер: Problems are not stop signs, they are guidelines, вели Оливер.

Мислам дека можам повеќе да придонесам за зачувување на екосистемот преку силна промоција на екоамбалажата и подигнување на свеста дека секоја алка во синџирот треба да понуди решение и да помогне да се зачува природата.

„Нелт СТ“, „Монделез“, „Хенкел“, „Перутнина Птуј“, „Хохланд“ и „Сторк Адриа“ се само дел од компаниите во кои тој понатаму го гради своето богато професионално искуство. Големите интернационални компании професионално ме дефинираа преку динамична работна средина, широк опфат (географски, големо портфолио на купувачи, широк асортиман на производи), таргет-ориентација, секојдневно докажување и флексибилност (домашна канцеларија, работни задачи, а не работното време).

Според него, пресудно за да ја добие можноста да работи во овие компании е неговата детерминираност кон целта: Едноставно, не постои пречка што може да ме сопре кога јасно ја гледам целта.

Секое патување до фабриката во близина е можност да се ужива покрај езерото Балатон, секоја посета на соработник од Хрватска и БиХ е можност да се испие кафе на јадранскиот брег.

Успехот и комфорот не одат заедно

Иако кариерата на Оливер е исполнета со многу патувања, базата секогаш била и останала Македонија.

Никогаш не ја разработив докрај можноста да живеам во странство од лични причини – да не бидам второто дете што се отселува од татковината, да можам да појдам на едно место што ми носи мир и да можам по секое патување да уживам во специјалитетите што ги сакам од детство. Живот надвор од Македонија сигурно ќе ми заштедеше по три седмици годишно поради подобрите авионски врски и копнената инфраструктура, вели тој.

Разговорот го продолживме за дистинкциите и сличностите меѓу македонскиот и пазарите од Јадранскиот Регион. Според Оливер, секој пазар има свои карактеристики. Заеднички за македонскиот и за сите пазари од Јадранскиот Регион се ценовната осетливост и моќта на word-of-mouth маркетингот: Значајни разлики нема, но би споменал дека соработниците од Словенија и од Хрватска покажуваат поголем интерес за иновации и амбалажа од биоразградливи компоненти за да придонесат за заштита на екосистемот. Треба да сфатиме дека немаме резервна планета и сите треба да работиме да ја сочуваме природата.

Најважните лекции што тој ги научил од странските пазари се ефикасноста и едноставноста во процесот на договарање и воспоставување соработка. Како што вели, прецизноста и високиот квалитет се суштински за одржување на соработката, но и искрениот и навремен фидбек, без разлика дали е позитивен или негативен. На мое големо задоволство, соработувам со македонски компании што во својата корпоративна култура го имаат имплементирано тоа, истакнува Оливер.

Тој додава дека најдрагоценото искуство од бројните деловни соработки е запознавањето на различните култури, различните потрошувачки и работни навики. Од колегите што се надвор од Јадранскиот Регион научил колку е „свето“ времето по завршување на работниот ден.

Секое патување до фабриката во близина е можност да се ужива покрај езерото Балатон, секоја посета на соработник од Хрватска и БиХ е можност да се испие кафе на јадранскиот брег.

Сепак, признава дека постојат и предизвици во работата исполнета со чести патувања, а најголемиот предизвик е нарушениот биоритам. Сè друго успевам да ублажам преку ритуалите во кои уживам во секој град, на секој аеродром. Секое патување до фабриката во близина е можност да се ужива покрај езерото Балатон, секоја посета на соработник од Хрватска и БиХ е можност да се испие кафе на јадранскиот брег. Убавината на животот е во навидум малите задоволства.

Од 2016 година Оливер работи за луксембуршката компанија „United Caps“. На нашето прашање дали се двоумел или веднаш ја прифатил работата, тој одговори дека го следел внатрешниот глас и прифатил, иако блиските му сугерирале да избере сигурност во област во која веќе бил докажан. Од денешна перспектива, шест години подоцна, тој е на истиот став – успехот и комфорот не се држат со една рака, напредокот секогаш се случува надвор од зоната на комфорот.

Во финалната фаза од процесот на селекција отпатував за Париз и цело време низ глава ми поминуваше – голем регион, нова индустрија за мене, сигурно има посоодветни кандидати... Енергијата што ја разменив на средбата со денешниот мој претпоставен беше првиот знак дека промената треба да се случи.

На оваа позиција Оливер е задолжен за управување со продажбата на амбалажа (пластични затворачи) за регионот на Југоисточна Европа, што вклучува промоција на производите, аквизиција на проспекти, наоѓање решенија за амбалажа и менаџирање со постојните купувачи.

Иако очекувањата од кариерата му се исполнети, сепак, низ годините научил дека секогаш можеме повеќе од тоа што мислиме: Конкретно, мислам дека можам повеќе да придонесам за зачувување на екосистемот преку силна промоција на екоамбалажата и подигнување на свеста дека секоја алка во синџирот треба да понуди решение и да помогне да се зачува природата. 100% еколошки производи – селекција – рециклирање – можам и сакам да направам повеќе.

Според Оливер, во продажбата нема минат труд и затоа фокусот секогаш треба да биде на порастот. Јасна ориентација придружена со приспособливост и истрајност. А, за тоа, неопходна е висока емоционална интелигенција и развиени меки вештини. Во продажба си добар колку што е добар последниот месец! Ова е мото на мој драг пријател и моја мантра. Мојата примарна задача во секоја компанија била пораст на продажбата и да бидам мотиватор. Секогаш сум умеел да слушам и не само тоа – туку и да направам анализа за оправданоста на одреден проект уште во текот на состанокот. Секогаш сум успевал да излезам во пресрет со промена на план на испорака и да направам позитивен притисок во синџирот на снабдување за соработникот да биде задоволен, вели тој и додава дека клучот на неговиот успех е во упорноста и почитта: Со ист ентузијазам пристапувам кон секој нов проект, без разлика на обемот.

На крајот од разговорот Оливер признава дека, сепак, најголемата придобивка од кариерата се пријателствата создадени преку деловните соработки. А, за евентуалните погрешни одлуки, вели дека тие не постојат: Сите одлуки ме однеле на повисоко скалило – некои до личен раст, нови сознанија и научени лекции, а други до поголема одговорност и продлабочување на знаењето, заклучува тој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...