Регионално

Марио Равлиќ: Конкуренцијата е потребна и добредојдена

04 мар 2021

Без оглед на инвестицијата во сопствена фарма, сакаме и понатаму да ги негуваме и развиваме односите со нашите околу 300 домашни доставувачи, кооперанти и семејни земјоделски стопанства

Разговараше: Јелена Домовиќ, jelena@b2bmedia.org

Марио Равлиќ е роден на 6 октомври во Осиек, каде што го завршил и Економскиот факултет, на кој магистрира менаџмент и маркетинг. Почетоците во бизнисот датираат уште од средношколските денови, кога полека се вклучувал во одделни сегменти од работењето на месната индустрија „Равлиќ“. Последните 10-ина години тој е на различни раководни позиции. Од 2013 година е член на Управата, а од 2020 година ја презема функцијата главен извршен директор на компанијата. Член е и на Управата на компанијата-ќерка „Агри Равлиќ“, која примарно се занимава со земјоделско производство.

Кои сѐ функции ги извршувате денес?

Освен обврските во семејните компании, од 2017 година сум претседател и на Групацијата на кланици и преработувачи на црвено месо и член на советот на Здружението на прехранбено-преработувачката индустрија во Хрватската стопанска комора. Слободното време, кое во овој период го немам премногу, се обидувам колку што е можно поквалитетно да го поминам со семејството, едногодишниот син и со пријателите. Важно ми е сепак некако да го одржувам тој баланс меѓу приватното и професионалното, да уживам во животот.

Модерната кланица од 2008 година, која нѐ профилира како реномиран домашен производител на свежо месо, дефинитивно беше пресвртницата на нашето работење.

Минатата година месната индустрија „Равлиќ“ обележа 60 години од работењето. Почна со работа во 1960 година во Осиек како мала семејна стопанска дејност, а и денес целото семејство е вклучено во бизнисот. Колку за Вас е предност тоа што најблиските соработници истовремено се и членови на семејството?

Пред 60 години моите баба и дедо основале мала стопанска дејност и почнале да градат една респектабилна претприемничка приказна. Мајка ми и татко ми ја продолжија приказната и еве, на чело со третата генерација, ја заокруживме јубилејната 60. година од постоењето. Сметам дека денес сите вработени во „Равлиќ“, речиси 400 луѓе, сме едно големо семејство. Иако многу интензивно се развивавме, тројно повеќе се зголемивме во последната деценија, и понатаму ги задржавме семејните вредности како темелни. Тоа, пред сѐ, значи дека постои отворена комуникација, заемна поддршка и соработка при достигнувањето на главните цели на компанијата.

Поседувате ли сопствена кланица и фарма? Дали работите со локални кооперанти?

Досега не поседувавме сопствена фарма, но имаме сопствен добиток, кој го товиме во соработка со 20-ина долгогодишни кооперанти од регионите Славонија и Барања. Нашата кланица е најголема и најмодерна во Хрватска и пошироко. Нејзиниот капацитет е 180 свињи, 30 говеда и 250 прасиња на час. Модерната кланица од 2008 година, која нѐ профилира како реномиран домашен производител на свежо месо, дефинитивно беше пресвртницата на нашето работење.

Најважната инвестиција е таа што ја подготвуваме – нова високотехнолошка фабрика за преработка на месо и за пакување сечени сувомесни производи. Таа голема инвестиција има вкупна вредност од повеќе од 7 милиони евра.

Колку инвестирате и која досегашна инвестиција би ја издвоиле како најважна? Планирате ли нова инвестиција или веќе некоја е во тек?

Континуирано растеме и се развиваме токму затоа што непрекинато инвестираме во нови технологии, знаења и луѓе. Во 2017 година бевме првата компанија од секторот со седиште во Осиек според износот на акумулирани инвестиции. Во јули 2020 година ја завршивме соларната електрана, со која покриваме 40 отсто од потребите за електрична енергија.

Сега сме во фаза на реализација на инвестицијата во сопствена модерна фарма за говеда во Сатница во Петријевци, со капацитет од 1.000 грла. Најголемиот дел од производството ќе биде наменето за извоз на нам веќе добро познатиот италијански пазар. Сепак, без оглед на инвестицијата во сопствена фарма, сакаме и понатаму да ги негуваме и развиваме односите со нашите околу 300 домашни доставувачи, кооперанти и семејни земјоделски стопанства.

Најважната инвестиција е таа што ја подготвуваме – нова високотехнолошка фабрика за преработка на месо и за пакување сечени сувомесни производи. Таа голема инвестиција има вкупна вредност од повеќе од 7 милиони евра, од кои дел ќе бидат кофинансирани од ЕУ-фондовите, а планираме да вработиме и нови 50 луѓе.

Колкав е капацитетот на производство? Какви производствени погони поседувате?

Со оглед на сложеноста и специфичноста на производствениот асортиман, капацитетите на нашето производство зависат од низа фактори. Затоа, тешко ми е прецизно да одговорам на прашањето. Ги поседуваме речиси сите производствени погони што една месна индустрија треба да ги има: кланица, погон за сечење, ладна обработка, преработка на полутрајни и трајни производи, па сѐ до пакување на готовите производи. Со оглед на нивото на приходите и обемот што годишно го пласираме на пазарот, денес сме една од петте најголемите месни индустрии во Хрватска.

Кои сувомесни производи ги имате во портфолиото?

Во моментов главниот бизнис ни се свежо месо и месни преработки, но имаме и широка палета сувомесни производи – од полутрајни колбаси и автохтони славонски производи (крвавица и шваргла), домашни колбаси, домашни џимиринки, сланина... па сѐ до славонски кулен и куленова сека.

Со кои предизвици најчесто се среќавате во работата?

Најтешко се справуваме со нерегулираниот пазар на месо и месни производи, недостигот од стручна и квалификувана работна сила и со конкурентноста во однос на месните индустрии од другите ЕУ-земји. Голема можност за Хрватска е отворањето на Кина како нов извозен пазар за свинско и за говедско месо, со што домашната месна индустрија би доживеала ренесанса.

Каква е вашата конкуренција? Што го сметате за најголема предност во однос на другите производители во категоријата месо?

Сѐ најдобро за конкуренцијата – таа е потребна и добредојдена бидејќи нѐ мотивира да го издигнуваме квалитетот на уште повисоко ниво и да го унапредуваме работењето. Нашата предност, пред сѐ, е квалитетот, а потоа и 60-годишната традиција, силата на брендот, доброто познавање на пазарот и експертизата во браншата.

Колку сопствени малопродажни објекти имате? Колкав е нивниот удел во севкупната продажба? Планирате ли да отворите нови?

Месарниците „Равлиќ“ се срцето на нашето работење. Засега имаме 52 продавници низ цела Хрватска – од Вуковар до Риека. Минатата година отворивме две нови: едната во Велика Горица, а втората во Славонски Брод, која е прва од концептот премиум месарници. Тој концепт со проширен асортиман стекови планираме да го прошириме во сите поголеми градови низ „Лијепа наша“. За годинава планираме отворање на 4 нови месарници.

Кој од вашите производи е задолжителен за разладните полици на трговците?

Домашниот славонски колбас дефинитивно е нашиот топ-производ и лидер на оваа категорија. И да додадам – мој личен фаворит е единствениот славонски бургер со кулен и со сланина.

Каква е соработката со трговските синџири? Можете ли да издвоите некои од нив како важни трговски партнери? Соработувате ли и со малите славонски трговци?

Соработуваме со речиси сите поголеми трговски синџири во земјава во одредена мера, но нашиот најголем и најважен партнер е „Шпар“. Заедно се развиваме во последните 15 години, а денес тој однос прерасна во вистинско пријателство. Што се однесува до славонските трговски синџири, би ги издвоил добрите бизнис-комуникации со НТЛ и со „Босо“.

Концептот премиум месарници планираме да го прошириме во сите поголеми градови низ „Лијепа наша“.

Колку Ковид-19 влијае врз Вашето работење? Колку во производството моравте да се приспособите на ситуацијата и како тоа се одрази врз продажбата?

Работиме во единствената индустрија во која главниот производ е свежо месо, кое секојдневно го консумираат повеќе од половината од жителите во Хрватска. Целите што ги поставивме на почетокот од ланската година, проектирани врз основа на резултатите постигнати претходната година, планиравме лесно да ги оствариме. По првичното мало забавување предизвикано од пандемијата, работите се развиваат според ревидираниот план.

Одредени процеси ги приспособивме на новонастанатите услови, а најважното е што во комуникацијата со купувачите и партнерите покажуваме дека сме стабилна компанија со долгогодишна традиција, која на пазарот пласира домашни производи, безбедни за консумација и произведени во согласност со пропишаните мерки и сертификати за квалитет.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Ана Мекмахон: Позитивно влијаеме и врз потрошувачите и врз планетата

10 јун 2020

Саша Стјепановиќ: Употребата на АИ во малопродажбата носи предвидливост и профит

10 јун 2020

Петар Ќорлука: Луѓето ќе запаметат кој како се однесувал во кризни времиња

10 јун 2020

Лаурентиу-Флорин Димитриу, „Нестле“: Претприемачки начин на размислување

10 јун 2020

Виолета Ковачевиќ, Меркатор-С: Создаваме нови можности за развој на домашната економија

10 јун 2020

Марина Савиќ, „Атлантик група“: Настојуваме да бидеме динамичен систем

10 јун 2020
Вчитува уште новости...