Локално

Горан Дабевски: Се издвојуваме по вкусот и квалитетот на осоговските млечни производи

17 авг 2022

Приказната на „Јого Mеркур“ почнала скромно, во 1990 година. Се развила преку изградбата на млекарницата во 2006 година, а денес ги освојува потрошувачите преку брендот „Осоговски млечни производи“ со широкиот асортиман на кашкавали, сирења, урда, намази, путер и други производи присутни на полиците во речиси сите синџири маркети во Македонија

Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk 

Од мала семејна компанија, во период од три децении посветена работа „Јого Mеркур“ со млекарницата прерасна во капацитет со над 85 вработени, а „Осоговски млечни производи“ во препознатлив и баран бренд на полиците во маркетите. Со Горан Дабевски, извршен директор на „Јого Mеркур“, разговаравме за патот што го помина компанијата во изминатите 30 години, но и за актуелните состојби во млечната индустрија – раст на цените на производите, недостиг на суровина и особено недостиг на квалитетна суровина, зголемени трошоци за работа и секако, за плановите за иднината.

„Јого Mеркур“ како компанија постои повеќе од 30 години. Раскажете ни нешто повеќе за почетоците – како растеше и се развиваше компанијата?

„Јого Mеркур“  беше основана во далечната 1990 година како мала, семејна компанија. Тој период беше доста турбулентен во самата држава – распаѓање на еден политички и економски систем, Македонија се оддели од Југославија, па цел систем беше различен. Имаше малку приватни компании, од кои една бевме и ние. Пропаднаа големи држави компании, но ние како мала семејна фирма успеавме успешно да го пребродиме тој период - со многу труд, ентузијазам и волја за работа. Инаку, компанијата е основана со 100 проценти сопствен капитал, со мали средства на почетокот и полека со текот на годините растеше и се развиваше. Прво се занимававме со трговија на мало - во Скопје имавме 5-6 специјализирани продавници со сувомесни и млечни производи. Беа мали дуќани, но во тој период работеа доста добро. Целта беше понатаму да се развива компанијата и размислувавме дали да одиме во насока на дистрибуција на странски производи или да произведуваме наш, домашен производ. Потребни беа и време и средства, па по одреден период почнавме да се занимаваме со дистрибуција на млечни производи од Македонија и од странство.  Тоа беа почетоците во 90-тите години на минатиот век. Ни требаа цели 15 години напорна работа, исклучиво во трговија (особено со млечни производи) пред да решиме да почнеме да произведуваме во Македонија традиционален домашен бренд – тоа се сега „Осоговските млечни производи“ и во 2006 година основавме нов правен субјект, „Млечна индустрија Осогово милк“ и изградивме објект – млекарница на падините на Осоговските Планини, во кочанското село Соколарци. Се одлучивме за таа локација поради блискоста на суровината. Во тој период имавме соработка со одредени постоечки млекарници и веќе имавме одредени искуства во млечниот сектор. На одлуката за локацијата влијаеше и достапноста на работната сила:  85 отсто од вработените се околните села и од селото Соколарци каде е лоцирана млекарницата. Дури жителите од регионот беа презадоволни затоа што со вработувањата успеавме да ги задржиме младите луѓе да не се иселуваат оттаму. На почетокот работеа 15-20 луѓе, а сега млекарницата вработува над 60 луѓе, во зависност од сезоната. Имаме и околу 25 вработени во „Јого Mеркур“, така што компанијата во моментов реализира повеќе од 85 вработувања.   

 Не смееме да дозволиме за нашите маркети да нема производи, а ние да ги продаваме во странство за повисока цена. Поради недостигот на суровини, нема да извезуваме во странство додека не се задоволат потребите на македонските потрошувачи.

Кој е моменталниот капацитет на млекарницата „Млечна индустрија Осогово милк“?

Млекарницата дневно може да преработува над 50.000 литри млеко (откуп и преработка). Сега се соочуваме со недостиг на суровини, што е многу актуелен проблем, па во моментов откупуваме и преработуваме околу 25.000 литри млеко дневно.

Колку производи нуди брендот „Осоговски млечни производи“? Кој од нив е предводник на продажбата?

- Во портфолиото имаме над 15 вида тврди сирења и кашкавали, и дополнително, имаме добар дел производи како што се путер, намаз, урда, павлака, кисело-млечни производи, па асортиманот е повеќе од 25 производи. Моментално, најпродаван ни е мешаниот осоговски кашкавал. Најексклузивен е брендот „осоговски ексклузив“, тоа е овчи кашкавал и  моментално е еден од најдобрите брендови во Македонија и пошироко. Најважно е што осоговските млечни производи се правени по традиционална рецептура, но со користење европски стандарди и технологии. Користиме модерна апаратура, а сепак рецептурата ни е традиционална. Сакам да нагласам дека удел во квалитетот има и самото зреење – на пример, кашкавалот „ексклузив“ зрее 9 месеци. Кај кашкавалите зреењето е многу важно оти ги доловува нивниот вкус и квалитет. Ние како „осоговски млечни производи“ секогаш сме сакале да се издвоиме од сите други, да не бидеме копија на кој било домашен или европски производ. И се издвојуваме токму по тоа – по препознатливоста на вкусот и квалитетот на кашкавалите и сирењето. Може кој било купувач да спореди пет вида производи и ќе го препознае нашиот ако веќе го користел. Се издвојуваме и по традиционалната рецептура, од која не отстапуваме иако економски е помалку исплатливо од класичната индустрија. Сега сакаме да ставиме поголем акцент на етикетата, дизајнот, и по тоа да се издвоиме.

Дали Вашите производи се барани на странските пазари? Каде извезувате?

- Моментално извезуваме само регионално. Неколку пати реализиравме извоз и во трети земји. Во САД, пазар кој има специфичен вкус, имаме испорачано неколку пати. Сега не извезуваме таму затоа што имаме доволно продажба во Македонија и во регионот. Треба да се напомене и дека многу се зголемија и транспортните трошоци и продажбата на млечните производи на подалечните пазари стана понеисплатлива.  Имаме голема побарувачка и од европските држави и од регионот, но во период кога има недостиг на суровина, гледаме да ги задоволиме барањата прво дома, на нашите традиционални купувачи, како што се синџирите маркети со кои долги години имаме добра соработка. Не смееме да дозволиме за нашите маркети да нема производи, а ние да ги продаваме во странство за повисока цена. Поради недостигот на суровини, нема да извезуваме во странство додека не се задоволат потребите на македонските потрошувачи. Приоритет би ставиле на домашните маркети, би им продавале и по пониска цена, отколку да го извеземе во странство вкупното производство за повисока цена. Не е важен само моменталниот интерес. Важен е континуитетот, и затоа ние опстојуваме 30 години на пазарот. Ги цениме домашните синџири маркети и гледаме нив да ги развиваме, како што сакаме да ги развиваме и нашите кооперанти.  

Дали сега успевате да го покриете домашниот пазар?

- Не, моментално има недостиг и мислам дека таа состојба уште ќе се продлабочува. Минатата година стигнувавме да ги задоволиме потребите дома, но годинава случајот не е таков. Прво, суровината ја има многу помалку, помалку е квалитетна, а и цената и е за 30 отсто повисока од лани. Суровината континуирано се намалува бидејќи сѐ помалку млади сакаат да чуваат овци, кози, крави. Се појавува голем недостиг на работна сила, а оваа година дополнителен проблем се и цените на горивото и на храната за стоката. Но, јас сум оптимист дека можеме да направиме заеднички напор меѓу откупувачите, кооперантите и државата (за што има слух од Министерството за земјоделство) во насока – кооперантите да го подобрат квалитетот на млекото што го продаваат, производителите континуирано да ја зголемуваат цената, зависно од економската моќ, а државата да ги зголемува субвенциите.

Со колку кооперанти соработувате?

Бројот на кооперанти зависи од периодот во годината и варира од 500 до 800 кооперанти. Има одредени кооперанти што чуваат испашни крави, овци, кози и даваат млеко само 4 до 5 месеци. На пример, овчото и козјото млеко се периодични. Млекото редовно го исплаќаме, никогаш немало доцнење и поради тоа имаме коректен однос со кооперантите – тие се доста лојални кон нас, а и ние кон нив.

Како работевте во кризниот период на пандемијата, па и сега, што покажуваат бројките?

Во екот на пандемијата млекарницата имаше повеќе од 80 вработени. Целта ни беше никој да не биде отпуштен и работата беше организирана така што вработените беа поделени во тимови – во случај ако еден тим се зарази, да функционираат другите, да не дојде до застој во откупот бидејќи млеко се откупува 365 дена во годината. Економскиот дел од пандемијата го поминавме многу подобро, имаше повисоки трошоци, но не колку сега. Оваа криза сега е многу попроблематична за работење, во кој било дел, не само во млечната индустрија. Самата енергија е неколкукратно покачена, горивата се двојно поскапени, цените на амбалажата секојдневно се зголемуваат,  откупната цена на млекото постојано расте (сега е околу 25 денари за литар со тенденција за зголемување).

Зголемените трошоци кај производителите повлекуваат и зголемување на цените во маркетите. Како тоа се одразува врз продажбата на вашите производи?

Нашите производи се веќе етаблирани и познати, па со поскапувањето немавме намалување на продажбата – дури имаме и поголема побарувачка. Цените растат и во регионот и во светот. Ако ги споредите нашите производи, колку се зголемија цените во споредба со европските производи, зголемувањето кај нашите е 15-25 отсто. Имате европски производи чии цени енормно се зголемија. Тука се јави еден дисбаланс, ако купите производ од Европа, тој е и поскап од нашиот и помалку квалитетен. Што се однесува до цените, воопшто немаме проблем со продажбата. Но, сепак, не можеме да ги зголемуваме цените како што сакаме ние – мораме да внимаваме на стандардот на граѓаните затоа што стандардот е доведен до минимум и сѐ е скапо. Ние, во нашето 30-годишно искуство сме имале слични периоди, вака беше и во 90-тите години. Имаме искуство во тој дел на работењето, што ни е предност, но мислам дека светската економија е во криза и самото работење не е едноставно.

Минатата година стигнувавме да ги задоволиме потребите дома, но годинава случајот не е таков. Прво, суровината ја има многу помалку, помалку е квалитетна, а и цената и е за 30 отсто повисока од лани.

Како би ја оцениле состојбата во млечната индустрија во земјава?

Сега состојбата е тешка и специфична, прво, поради недостигот на квалитетна суровина. Второ, многу влијаат цената на амбалажата и на енергијата. Работењето е проблематично бидејќи самите кооперанти не можат да издржат со цената на млекото што го продаваат, а откупувачите и производителите не можат бесконечно да ја зголемуваат затоа што, од друга страна, се рефлектира на цената на крајниот производ и на куповната моќ на граѓаните. Никогаш не можеме да постигнеме да ја зголемиме цената на одреден производ колку што се зголемуваат трошоците за производство на тој производ. На пример, ако трошоците ни се зголемат за 10 отсто, ние ја зголемуваме цената за 4-5 отсто. Со тоа се нагризува капиталот на компаниите и вака може да се издржи одреден период, но што потоа?

Што е решението?

Во млечниот сектор, ние инвестиравме во млади кооперанти на кои им помагаме со кредитни линии; со сопствени средства купуваме крави и потоа им ги даваме на користење. И тоа го правиме веќе 15 години. Ако некој има една крава и сака да купи уште една, ние му помагаме да купи. Потоа ја отплаќа неколку години, за истата цена. Ако има пет крави, а сака да купи уште пет, тоа е уште подобро. Така стимулираме да имаме подобри кооперанти кои имаат по 30-40 крави. Но, во последниот период се јави проблем што помладите веќе не се заинтересирани да чуваат крави, овци и кози. Ние уште имаме добри кооперанти, само забележливо е дека старосната граница се зголемува од ден на ден. Во Соколарци имаме сопствена штала каде што имаме над 140 грла крави и телиња, направена по европски стандарди, каде што кравите не се врзани, имаат слободно движење и се инсталирани најмодерни системи за молзење, чување и испорака на млекото. Тоа е инвестиција, пример за младите кооперанти, да гледаат како да се развијат и да отворат такви штали. На почетокот имаше интерес (лани преку одредени програми донесовме околу 430 крави во нашиот регион). Но, проблемот е што сега луѓето ги продаваат и тие крави што ги имаат затоа што се сменија околностите - ја планирале пченката на 8 денари/килограм, сега е 25-30 денари за килограм. Размислувањето е дека ќе ја продаде пченката за повисока цена наместо да ја даде за храна на кравите и така ќе заработи. Тоа е краткорочно размислување. Имаме кооперанти кои размислуваат долгорочно и не се поведуваат од краткорочна заработка и не ги продаваат кравите, туку и го зголемуваат нивниот број.  

Кои се идните планови на „Јого Mеркур“,?  Во насока на инвестиции во нови капацитети, вработувања, технологија...

Моментално е тешко да се прогнозира што ќе се случува во следните 5-6 месеци затоа што на дневна основа се менуваат работите. Но, сепак, како компанија мораме да имаме одредени планови – ние секоја година континуирано имаме инвестиции. Во млекарницата ги имаме едни од најмодерните машини за вакуумирање, пакување, пастеризација, хомогенизација на млекото и ЦИП систем за хигиена машините и на погоните Млекарницата има сертифицирано ИСО и ХАСАП стандради. Следните инвестиции би ни биле во неколку сегменти – едни се инвестиции во нови линии на производство на посебни типови млечни производи што би имале додадена вредност. Многу важни се и инвестициите во логистика – поставување системи за ладење кај самите кооперанти, млекото да ни стигнува ладно и во самите возила веќе имаме инвестирано во пумпи, во иноксни системи. На објектите имаме поставено панели за сончева енергија од обновливи извори кои покриваат 25 отсто од нашите потреби, но овој месец ќе поставиме дополнителни панели со што ќе се произведуваат околу 350 киловати енергија на час. Во екот на оваа енергетска криза сериозно инвестираме во обновливи извори на енергија. Планираме и во иднина да ги зголемуваме тие инвестиции, бидејќи струјата во моментов најмногу влијае врз крајната цена на производот.

 

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...