Локално

Верица Мартиновска: InStore, носител на промените во FMCG секторот

22 апр 2021

„Кликер маркетинг“ постои од 2008 година како full service агенција, а еден од нејзините најзначајни проекти е магазинот InStore. Верица Мартиновска е главниот двигател и жена која одлично знае да препознае што му недостига на пазарот. Заедно со тимот на „Кликер маркетинг“ создаде медиум кој е стручна комуникациска платформа, сигурен мост кон успехот за сите FMCG-компании. Со неа зборувавме за почетоците, предизвиците со кои се соочила, но и за проектите што допрва следуваат. И по 100 издадени броја, мисијата е иста: пласирање стручна и квалитетна содржина која не се чита само еднаш, туку секое издание се чува и се препрочитува.

InStore го печати 100-тиот број. Во ера во која најголем дел од печатените медиуми згаснуваат набргу по појавувањето, како успеавте да опстоите 10 години?

InStore е доказ дека квалитетот не само што опстојува, туку е вистинскиот пат кон успехот. Во време на рециклирани и лажни вести, во време кога сензационалистички наслови собираат најмногу кликови, InStore пласира сериозна и оригинална содржина, обраќајќи се на една посериозна и поквалитетна публика. Имаме голема среќа што нашите читатели ја препознаваат и ја ценат стручноста на InStore, па така можеби немаме илјадници лајкови, ама ги имаме вистинските.        

По речиси една и пол година издавање на првиот трејд-магазин во Македонија, Target, се приклучивте кон регионалниот магазин InStore. Како, по 10 години, компаниите го перципираат работењето на InStore?

„Кликер маркетинг“ е агенција која од своите почетоци работи за многу FMCG-брендови. Работејќи со и за FMCG-секторот и следејќи ги трејд-магазините во регионот, сфативме дека и на нашиот пазар му е потребен трејд-магазин кој ќе биде специјализиран, стручен, професионален, ќе комуницира со FMCG-секторот, ќе постои за FMCG-секторот. Уште од првиот ден одлучивме дека во нашиот магазин нема да има место за политика, за сензационалистички, а празни текстови, точно ја поставивме својата мисија, на која сѐ уште се придржуваме.

Во мај 2011 излезе првиот број на првиот македонски Б2Б трејд-магазин Target. Од денешен аспект гледано, Target го почнавме ентузијастички, не многу свесни во што се впуштаме, но како што велат - среќата ги следи храбрите.

Јубилејниот 100. број е резултат на 15 изданија Target и 85 изданија InStore. Почетоците се важни и не смеат да се заборават.

Target со своите 15 изданија го скрши ледот на македонскиот пазар, го проби патот за InStore. Во јуни следната година добив телефонски повик од белградската канцеларија на InStore со предлог да се најдеме на пола пат во Ниш и да разговараме за можна соработка. Се сретнавме со координаторот на InStore, Максим Ѓуровиќ, денес мој близок пријател, кој со огромна жар ми ја раскажа идејата за регионален трејд-магазин и ме покани да се приклучиме на регионалната приказна InStore. Иако побарав две недели за да размислам, веднаш знаев дека тоа е патот по кој треба да продолжиме. Веќе во септември Target се ребрендира во InStore. Јубилејниот 100. број е резултат на 15 изданија Target и 85 изданија InStore. Почетоците се важни и не смеат да се заборават.

Пандемијата ги нагласи и онака сериозните предизвици пред кои со години се исправени печатените медиуми, особено во однос на огласувањето. Колку нашите компании се свесни за предноста на огласувањето? Дали го гледаат како непотребен трошок или како сериозен влог во иднината? Какво е Вашето искуство?

Како денес се сеќавам кога ја добивме првата реклама во Target од тогашното претставништво на „Вригли“. Многу лесно, со само еден испратен мејл со најава за новиот магазин. Си помислив: „Па супер, ова лесно ќе оди.“ Не знаев дека тоа е само почетничка среќа :). Први огласувачи беа, секако, големите компании, во најголем дел со одредено странско учество или со странско искуство. Оние што веќе добро знаеја што е трејд-магазин и Б2Б комуникација, и кои имаа свест и можност веднаш да нѐ вклучат во својот маркетинг-план. Ним треба сите да им бидеме благодарни, бидејќи без нивната поддршка денес немаше да го имаме InStore.

Во време на рециклирани и лажни вести, кога сензационалистички наслови собираат најмногу кликови, InStore пласира сериозна и оригинална содржина. Имаме голема среќа што нашите читатели ја препознаваат и ја ценат стручноста на InStore.

Следуваа неколку години во кои секојдневно го презентиравме магазинот, објаснувавме од кого е, за кого е, зошто треба компаниите тука да се огласуваат. И тоа вроди со плод. Нашата искрена верба дека на пазарот му е потребен еден ваков магазин, дека со огласувањето во нашиот магазин ќе се изрекламираат пред вистинската публика, дека со рекламирањето во InStore ќе го поддржат постоењето на InStore и дека на тој начин ќе придонесат за развој на секторот, ги убеди речиси сите посериозни фирми во Македонија. И тоа е однос кој трае, дури и во време на пандемија.

Организацијата на FMCG Summit, работилниците и конференциите Talk In Business го подигна нивото на InStore и на „Кликер маркетинг“ и отвори нова перспектива за можностите како да се инспирира и едуцира FMCG-секторот. Какви се сознанијата од фирмите, каков ефект постигнуваат овие настани во смисла на подобрување на нивното работење?

Една од главните цели на InStore е едукацијата на секторот. Во тој контекст организацијата на FMCG Summit и на работилниците беше логично проширување на дејствувањето на InStorе.

Самитот е место каде што се разменуваат идеи и искуства. Во денешно време, кога една добра идеја може да вреди многу пари, проследувањето врвни говорници, кои споделуваат дел од своето знаење и искуство, е вистинско богатство. Говорници на самитот се најчесто луѓе од практиката, кои заборуваат на различни теми од FMCG-секторот – продажба, дистрибуција, малопродажба, финансии, човечки ресурси итн.

За разлика од Самитот, работилниците се многу поконкретни, на една тема, интерактивни, и носат трајна вредност за оние што ги посетуваат. Во динамичното време во кое живееме, трајната едукација не е само лична преференца. За оние што сакаат постојано да се развиваат, а со тоа и да напредуваат во своите кариери, постојаното учење е задолжително. И тука InStore ангажира искусни професионалци за предавачи во својот домен на експертиза.

Во овој контекст би ги споменала и Talk In Business настаните, кои беа преубава можност да се сретне фелата, да подискутира за заедничките предизвици со кои се соочува. На Talk In Business настаните обработувавме одредена категорија производи, презентиравме анализи и истражувања за таа категорија, а гости-учесници ни беа сите фирми што работат со таа категорија на производи и, секако, одговорните за набавка на таа категорија производи кај трговците. Убаво беше да се види како се запознава конкуренцијата, како на тркалезната маса заедно со трговците дискутираат за развој на категоријата. Се надевам дека во иднина ќе имаме можност да го повториме овој проект.  

 

На 20 мај ќе се одржи првиот Skopje Marketing Summit со наслов Reframing the Future. Наскоро ќе ги најавиме говорниците и програмата на веб-страницата www.marketing-summit.mk. Се гледаме повторно онлајн.

Корона-кризата ги префрли настаните на онлајн-платформите. Како успеавте да ги надминете предизвиците што ги донесе пандемијата и сепак да опстане FMCG Summit? Дали и покрај сè планирате организирање на нови настани?

Пандемијата ни постави избор, или 6. FMCG Summit да го организираме онлајн или да не го организираме. Со ваков избор, лесно беше да избереме. И покрај тоа што стандардното издание има многубројни предности и се радувам на денот кога ќе може повторно сите да се собереме, онлајн-изданието, покрај предизвиците, ни донесе и две многу важни предности. Првата е што ни овозможи да имаме говорници кои тешко ќе ги донесевме физички во Македонија, како што беа проф. д-р Надја Жексембаева, која се вклучи од САД, и г-ѓа Кина Демирел од „Мигрос“ –Турција. А втората предност беше што онлајн-изданието стигна до многу поширока публика, бројка која со физичко присуство не би било можно да се постигне.

Во оваа пригода сакам да најавам дека на 20 мај ќе се одржи првиот Skopje Marketing Summit со наслов Reframing the Future. Наскоро ќе ги најавиме говорниците и програмата на веб-страницата www.marketing-summit.mk. Се гледаме повторно онлајн.

Која е визијата - како ќе се развива InStore во следните 10 години?

Во следните 10 години ќе продолжиме да го работиме она во што сме најдобри. Да придонесуваме за развојот на секторот за широка потрошувачка, да бидеме мостот меѓу едукативниот и практичниот дел, да носиме видни говорници на самитите и одлични предавачи на работилниците. Со сето тоа, но и со неколку нови проекти во план, визијата е InStore да биде носител на промените во FMCG-секторот кај нас, но и во регионот во кој InStore дејствува.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...