Анализи

Ипсос: Одиме ли на дигитално?

27 јун 2018
Автор: Ивица Соколовски, менаџер за истражувања во „Ипсос" – Македонија
 

Е-комерција, е-трговија, е-пазарување или е-продажба е концепт кој на домашниот пазар на производи за широка потрошувачка допрва треба да стане масовен. За потребите на презентацијата, која беше дел од последниот одржан FMCG Summit, во мај 2018 година, „Ипсос" спроведе истражување на оваа тема. Истражувањето беше спроведено во април 2018 година и се состоеше од 3 методолошки компоненти: деск-истражување, квантитативно истражување со компаниите и квантитативно истражување со потрошувачите.

Од фирмите, 56,5% што во моментов нудат е-продажба на своите производи/услуги, оваа опција ја овозможиле во последната година. 

Деск-истражувањето откри дека за темата дигитална продажба, т.е. е–трговија, има многу материјал од кој може да се најдат релевантни податоци, кои ја третираат темата од различни аспекти: од регионални споредби на трендот, осврт на дигиталната продажба од аспект на потрошувачот и неговите навики/ставови, до институционални прегледи и податоци. Сите овие материјали ги сублимираат пред сè придобивките од е-трговијата. Можноста за подетално претставување на понудата, за интерактивно претставување на понудата, посветување внимание на секој индивидуален потрошувач, намалување на трошоците на продажба, продажба 24/7 се само дел од придобивките што една компанија би ги имала од воведување и на овој канал на продажба. Од друга страна, придобивките препознаени од потрошувачите во светот се: можност за споредување производи од други производители, разгледување искуства од други потрошувачи, удобност од пазарувањето од дома, можност за поевтино пазарување.

Квантитативното истражување со фирмите беше спроведено врз четири независни примероци за четирите сектори: производство, услуги, градежништво и малопродажба. Секој од овие примероци беше репрезентативен за својот сектор во однос на следниве карактеристики на фирмите: шифра на дејност и големина. Вкупниот примерок на истражувањето беше 1.100 фирми. Податоците од истражувањето покажаа дека 7% од сите фирми имаат воведено канал за дигитална, електронска продажба на своите производи/услуги. Споредено со податоците кои кажуваат дека речиси 20% од фирмите во ЕУ ја нудат оваа опција, мора да се заклучи дека развојот на е-трговијата во македонската економија допрва претстои. Потврда за тоа е податокот кој кажува дека 56,5% од фирмите што во моментов нудат е-продажба на своите производи/услуги, оваа опција ја овозможиле во последната година. Истовремено со нив, 13,7% од фирмите што сè уште не нудат дигитална продажба планираат да го направат тоа наредната година. Порастот на фирми што нудат дигитална продажба на сопствените производи/услуги е најголем во секторот малопродажба - 21% од фирмите од секторот малопродажба кои изјавиле дека во моментов не нудат можност за дигитално пазарување, планираат тоа да го овозможат во наредните 12 месеци.

Квантитативното истражување со потрошувачите беше спроведено врз национално репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, врз целна популација на повозрасни од 15 години, со CAPI методологија на собирање податоци. Податоците укажуваат дека потрошувачите се подготвени да ја користат можноста за дигитално пазарување: 28,4% од анкетираните потрошувачи изјавија дека извршиле купување преку интернет (притоа не мислејќи на плаќање сметки преку интернет) во последните 12 месеци. Притоа, најчесто купувале облека и чевли, потоа дополнителна опрема за телефони и слично (т.н. аксесори), па делови за телефони, лаптопи... Најчесто потрошувачите купувале од „Али експрес", додека тие немаат доволно изградена свесност за македонските портали за електронска продажба. Потрошувачите ги наведоа најголемите приоритети кои, според нив, мора да бидат запазени при е-трговијата, меѓу кои се можноста за испорака до дома и безбедноста на трансакцијата. Како најголеми придобивки ја посочуваат можноста да се избегне метежот во продавниците и можноста да се избере најдобрата опција (секако, придружено со неограниченото време и ненарушена удобност, поминато во разгледување на производите и нивна споредба, на раат). Во продолжение може да погледнете листа со функционалности кои е-трговијата треба да ги има, според изјавите на испитаниците. Тие одговорија на прашањето: Според ваше лично мислење, формирајте листа со 3 најважни функционалности и одбележете ги според нивниот приоритет?

 Од секторот малопродажба, 21% од фирмите изјавиле дека во моментов не нудат можност за дигитално пазарување, но планираат да го овозможат во наредните 12 месеци.

Истражувањето укажа на неколку аспекти на електронската трговија кои овозможуваат да биде потенцијал кој може многу да се развие, а не само уште еден продажен канал:

  • Фирмите треба да бидат иновативни при креирањето на својата дигитална понуда;
  • Комуникацијата со потенцијалниот потрошувач при неговото пребарување на интернет-страницата на компанијата може да биде искористена за остварување директна, но ненаметлива релација, односно зголемена интеракција меѓу потенцијалниот потрошувач и компанијата;
  • Онлајн-пазарењето мора да биде едноставно за потрошувачите;
  • Принципот на омниканалност мора да биде запазен: мора да постои опција производите/услугите купени онлајн да можат да се вратат во кој било друг продажен канал;
  • Треба да се вклучат искуства од други потрошувачи и можност за споредба со други производи;
  • Дистрибуција до дома;
  • Платежната платформа да овозможува безбедни трансакции во земјата и од странство.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...