Анализи

„Инсајдер ИД“: Одговор на новите предизвици

27 јул 2022

За потребите на специјалното издание на InStore, „Инсајдер ИД“ изработи анализа на податоците што се достапни од Државниот завод за статистика во Македонија, Бугарија, Србија и во Албанија, од НБРМ и од интерни истражувања на агенцијата од примарен извор

Приреди: Сергеј Зафироски, генерален менаџер на „Инсајдер ИД“ 

Претходните две и пол години се обележани со најголемите кризи со кои се имаат соочено светските економии. Воената интервенција во Украина значително влијае врз целокупната светска економија, особено во доменот на прехраната и енергентите. Прехранбените производи, но и сите производи вклучени во синџирот на широка потрошувачка, се први на „удар“ од новонастанатата ситуација, а последиците влијаат врз сите сегменти, особено врз крајните потрошувачи. Инфлацијата во повеќе светски економии бележи највисоки стапки во последните децении – во Македонија во првиот квартал од 2022 година инфлацијата изнесува 7,77%, што е највисоко ниво во последните 25 години. За следниот период сè повеќе се потенцира дека економиите ќе западнат во „стагфлација“, односно ќе имаат високи стапки на инфлација и ниски стапки на пораст, кои ќе бидат анулирани од инфлацијата и релативно високата невработеност во подолг период. Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), проектираниот пораст на македонската економија изнесува 3,2%, на бугарската 3,2%,  на албанската 2% и на српската 3,5%. Како што се покажува и во следниот дел од анализата, повеќе од веројатно е дека економиите ќе западнат во стагфлација бидејќи индексот на потрошувачки цени (CPI) значително го надминува проектираниот пораст на БДП кај анализираните економии.

За потребите на специјалното издание на InStore, „Инсајдер ИД“ изработи анализа на податоците што се достапни од Државниот завод за статистика во Македонија, Бугарија, Србија и во Албанија, од НБРМ и од интерни истражувања на агенцијата од примарен извор.

Анализата почнува со вкупниот промет што е остварен во секторот, потоа просечниот трошок што домаќинствата го имаат на годишно ниво и индексот за потрошувачки цени за храна, пијалаци и тутун во Македонија, Србија, Бугарија и во Албанија. Споредбата меѓу државите ќе овозможи да се разгледа дали притисокот од цените е само во Македонија или се забележува во целиот регион, колку тој изнесува и што би можело да се очекува до крајот на годината.

Промет во секторот трговија на мало со храна, пијалаци и тутун во Македонија

Во вкупниот промет во секторот на трговија на мало со храна, пијалаци и тутун се вклучени сите типови објекти што се во таа дејност, а не само супермаркетите, маркетите или традиционалниот TT-канал (графикон 1). Вкупната сума го отсликува генералното движење на пазарот и што може да се очекува до крајот на годината. Според анализата на „Инсајдер ИД“ од 2019 година, речиси 50% од прометот во секторот се направени од националните и локалните синџири маркети, од што може да се заклучи дека 50% од секој пораст ќе бидат остварени од маркетите, особено од хард-дисконтите.

Вкупниот промет остварен во секторот трговија на мало со храна, пијалаци и тутун во 2021 година изнесувал 1,64 милијарди евра и бележи пораст од 8% во споредба со 2020 година, кога изнесувал 1,52 милијарди. Всушност, во 2021 година целиот сектор ја надминува преткризната 2019 година, кога се остварени 1,58 милијарди евра. Првите 4 месеци од 2022 година е остварен вкупен промет од 519 милиони евра, кој е за 3% повисок во споредба со истиот период од претходната година, кога изнесувал 507 милиони. Сепак, со зголемувањето на цените на материјалите и енергентите, а со тоа и на малопродажните цени, особено по февруари годинава, порастот на секторот е значително понизок од порастот на цените.

Во апсолутен, односно паричен износ, очекувано е да се зголеми и вкупно остварениот промет поради зголемувањето на цените. Од анализираните години, најголем пораст е остварен во 2019 споредено со 2018 година, по што се забележува стагнација, пред сè, предизвикана од ковид-кризата. Вкупниот (кумулативен) пораст на секторот меѓу преткризната 2018 и 2021 година изнесува 14,9%, додека порастот во 4-те месеци од 2018 до 2022 година изнесува 20%. Со оглед на тоа што порастот во првите 4 месеци од 2022 година е еднаков со тој од 2021 година, може да се очекува сличен тренд и финална вредност на прометот во секторот, односно генерален пораст од 8%, со што би достигнал до 1,72 милијарди евра до крајот на годината.

Просечна вредност на трошоците за храна, пијалаци и тутун во Македонија и во регионот

Во однос на вкупниот трошок што домаќинството го има за храна, пијалаци и тутун, забележливо е зголемување на сумата во три од анализираните држави – Македонија, Србија и Бугарија (графикон 2). За македонска економија е забележливо дека распоредот е приближно ист како и вкупниот промет остварен во секторот. Од 2019 до 2020 година разликата во просечниот трошок бележи мало зголемување од приближно 70 евра по домаќинство, додека позначаен е порастот за 2021 година од речиси 223 евра или 8,07%. Порастот на трошоците за храна, пијалаци и тутун меѓу 2019 и 2021 година во Македонија изнесувал 10,7%.

Прочитајте го целото истражување на стр. 20 во Мапа на трговци



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...