Анализи

Еуромонитор: Иднината на човековата исхрана и на индустријата

12 јан 2022

Пандемијата што ѝ се случи на нашата планета суштински ги промени општите здравствени трендови и начинот на кој се храниме. Популарноста на функционалната храна и загриженоста на потрошувачите за сопственото здравје драстично се зголемија.

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Потенцијалната поврзаност на животните со пренесувањето на ковид-19, во комбинација со т.н. влажни пазари (пазари на кои се продава свежо месо, риба и други расипливи стоки), ја постави храната од животинско потекло во центарот на вниманието. Набавката на намирници стана приоритет за потрошувачите, производителите и владите низ целиот свет. Безбедноста не се однесува само за категоријата месо, туку и за целокупниот синџир на снабдување. Барањата за транспарентност на потеклото на храната, технолошките инвестиции во производството, е-трговијата и доставата отвораат нови можности за следење на намирниците од производството, па сè до крајниот потрошувач (од нива до трпеза). Сите тие промени на глобално ниво ќе остават долгорочни последици и импликации врз целокупниот синџир на исхрана и врз крајниот купувач.

Потенцијалната поврзаност на животните со пренесувањето на ковид-19, во комбинација со т.н. влажни пазари (пазари на кои се продава свежо месо, риба и други расипливи стоки), ја постави храната од животинско потекло во центарот на вниманието.

  1. ХРАНАТА КАКО ЛЕК

Нутритивните состојки и својства често се под лупа на потрошувачот, кој бара квалитетни додатоци. Границата меѓу здравата храна и суплементите полека исчезнува – функционалноста станува приоритет за потрошувачите, особено кога станува збор за имунолошкиот и дигестивниот систем, но и за доброто расположение. Сето тоа е силна инспирација за производителите да создаваат иновативни производи.

Храна за тело и ум

Емоционалната и менталната благосостојба, ослободувањето од стресот и квалитетниот сон станаа клучни трендови во сегментот здрава храна. Компаниите истражуваат различни начини за позиционирање на производите во оваа категорија. На пример, производство на храна и пијалаци со канабидиол (ЦБД), различни додатоци за подобро расположение и сл.

Уште еден тренд во развој е функционалната храна со акцент на убавината. Сè повеќе потрошувачи се интересираат за производи што ветуваат дека ќе овозможат „внатрешна убавина“. Еден од примерите е колагенот, кој доживеа силен пораст во последните години поради неговата поврзаност со зајакнувањето на косата, ноктите, зглобовите и со негата на кожата.

Чисти ознаки и минимална обработка

Потрошувачите бараат транспарентност, помалку обработена храна и природни производи. Растечката побарувачка за едноставни и препознатливи состојки со здравствени акредитиви поттикнува иновации во производството. Компаниите ги реконструираат формулите на производите за да ги сведат на помалку состојки, да ги отстранат или целосно да ги заменат вештачките со природни опции.

Дигитална благосостојба и персонализација

Иновативните технологии ги охрабруваат потрошувачите да ја преземат контролата над сопствените здравствени цели. Со помош на различни апликации и онлајн-услуги, тие можат да ја контролираат тежината, да следат нетолеранција на одредени состојки, да се хранат во согласност со одредени преференции итн.

  1. РАСТИТЕЛНИ АЛТЕРНАТИВИ

Потрошувачите бараат одржливи производи и етички однос кон животните. Загриженоста за здравјето е двигател за пораст на категоријата производи на билна основа, додека развојот на храната одгледана во лабораторија има потенцијал да го промени производството.

Замени за месо

Алтернативите за месните производи бргу се развиваат во последните неколку години, а новата генерација производи ги надмина вегебургерите од минатото. Новите состојки и методи на производство им овозможија на производителите да ги имитираат вкусот, текстурата, па дури и искуството на подготовка на храната во мера поголема од кога и да е. Брендовите како Beyond Meat и Impossible цврсто се втиснаа во свеста на потрошувачите. Во Азија, каде што Кина има огромен пазарен потенцијал, развојот на оваа категорија изгледа многу ветувачки.

Алтернативи за млечни производи

Овие производи се значително пред производите што се супститут за месото, од причина што уште од претходно потрошувачите имаа избор од широк асортиман од оваа категорија. Сè поголем број купувачи кои се загрижени за влијанието на млечната индустрија врз животната средина, но и тие што веруваат дека овие производи предизвикуваат дигестивни или други здравствени проблеми, овозможуваат категоријата млечни алтернативи да расте.

Глобално, напивките од соја имаат голем удел во продажбата, иако популарноста варира во зависност од пазарот. Прашањата за одржливост на производите се поставуваат за бадемовото млеко, кое наиде на критики поради употребата на многу вода. Важен напредок во овој асортиман има кај сирењето, кој вклучува подобрување на вкусот и на текстурата.

Супститути за морски плодови

Загриженоста за одржливо производство поттикна промени и во категоријата морски плодови. Софистицираните морски плодови од растително потекло се растечки сегмент во индустријата, а достапните алтернативи ги исполнуваат очекувањата на потрошувачите во однос на вкусот и текстурата.

Месо од лабораторија

Иако изгледите за клеточно произведено месо (одгледано или култивирано) за човечка исхрана ги надминаа рамките на научна фантастика со првиот хамбургер од лабораторија во 2013 година, тоа стана реалност во декември 2020 година, кога Сингапур одобри пилешкото месо одгледувано во лабораторија Eat Just да се продава во ресторани.

Апологетите  тврдат дека ова месо е еколошко и етичко добро поради намалената употреба на вода и фактот што не се убиваат животни, но и оти е неопходно со оглед на климатските промени и порастот на глобалното население. Земјите што во голема мера се потпираат на увоз на храна, како што е Јапонија, го охрабруваат развојот на лабораториско месо.

Младите купувачи ја фаворизираат брзината на исполнување на нивните барања во однос на традиционалните грижи поврзани со бесплатна испорака или поврат на производот.

  1. ОД НИВА ДО ТРПЕЗА

Освен потеклото, и местото на одгледување на намирниците станува сè поважно за потрошувачите, но и за политичките раководства во земјите низ целиот свет. Инвестициите во синџирот на снабдување овозможуваат да се реализира концептот „од нива до трпеза“. Иновациите во следливоста, автоматизацијата, вертикалното земјоделство и е-трговијата се возбудливи сегменти во областа на потеклото на храната.

Безбедност на храната

Земјотресот што го предизвика коронавирусот во глобалната трговија со храна во 2020 година беше остар потсетник за предизвиците за безбедноста на храната во многу земји што во голема мера се потпираат на увоз. Поради тоа, државите се свртеа кон инвестиции, промоции и поттик на домашното производство. Тоа не се однесува исклучиво на пазарите во развој – Обединетите Арапски Емирати и Сингапур, на пример, се географски ограничени.

Одржливост

Приказните за потеклото на производите се во срцето на одржливоста. Потрошувачите што одбираат брендови што се произведуваат на одржлив начин ги прифаќаат етичките и еколошките принципи што ги застапува таа компанија. Ознаките „органско“, „фер трговија“, „слободен асортиман“, „добротворна поддршка“ или „локални изводи“ се однесуваат на специфични елементи од потеклото на производот.

Една од најголемите пречки на трендовите за одржливост е недостигот на доверба во зелените сертификати. На развиените пазари со најнапредни трендови помалку од половина од испитаниците одговориле дека тие ознаки ги сметаат за доверливи. Тој факт е одлична можност за промоција на одржливоста во целиот синџир на снабдување со помош на дигиталните алатки.

Враќање кон локалното

Храната со локално потекло е во тренд со години. Луѓето избираат домашни производи за да ја поддржат локалната економија и да се поврзат со локалниот идентитет, наследство и култура. Во текот на пандемијата потрошувачите се свртеа кон локалните производи за да бидат сигурни во безбедноста, транспарентноста и доследното снабдување.

Со почетокот на пандемијата, уделот на производите од локално потекло на интернет забележа голем пораст и го продолжува својот нагорен пат. Одличен пример за тоа е CrowdFarming, платформа во Шпанија која на купувачите им овозможува да „присвојат“ култури од локалните фармери, да дознаат детали за потеклото на производот и потоа да го добијат финалниот производ.

Сопствено производство

Пандемијата поттикна бран на интерес за домашно градинарство и сопствено производство на храна. Со оглед на тоа што многу луѓе низ целиот свет беа во карантин, градинарството на многумина им ја понуди потребната разонода и бегство од секојдневието, како во руралните така и во урбаните средини. Технологијата помогна во револуцијата на сопственото производство на храна и вертикалните фарми во куќите. На пример, во нешто што личи на мини-фрижидер, сопствениците може да го одгледуваат омилениот зеленчук во автоматизирана средина во кујната, а контролата и надгледувањето да го прават преку апликација.

Директно до потрошувачот

Платформите за е-трговија директно до потрошувачот (DTC – Direct To Consumer) имаат клучна улога во еволуцијата на прехранбените технологии и трендови, скратувајќи го синџирот на снабдување. DTC-моделите им овозможуваат на потрошувачите да купуваат директно од производителот, создавајќи однос на доверба и исполнување на принципот на транспарентност.

Овој начин на продажба, преносите во живо и продажбата на социјалните медиуми ќе бидат голем нарушувачки фактор на пазарите во развој, на кои недостига модерна малопродажна структура. На пример, индонезискиот трговец „Супер“ се потпира на социјалните медиуми и на хиперлокалната испорака за да понуди пониски цени во малите градови и во руралните области. Трговецот располага со широка мрежа од агенти и препродавачи.

Хиперлокална испорака

Во инвестициска смисла, доставата доживеа бум, кој беше поттикнат од пандемијата. Брзината стана главен приоритет за потрошувачите. Младите купувачи ја фаворизираат брзината на исполнување на нивните барања во однос на традиционалните грижи поврзани со бесплатна испорака или поврат на производот.

За да стигнат побрзо до потрошувачите, за производителите и трговците е неопходна близината. Со позиционирањето на центар за микродополнување блиску до потрошувачите и соработката со локални курири, изгледите за експресна достава стануваат возможни.

Дигитална следливост

Откако пандемијата ја интензивира е-трговијата, производителите на храна засилено инвестираат во дигитализација на синџирот на снабдување. Соочувајќи се со недостиг на работна сила, нестабилност во синџирот на снабдување и загриженоста на купувачите за безбедноста на храната, компаниите почнаа да вложуваат огромни напори во подготовките за иднината, која ќе биде дефинирана со автоматизација, дигитална следливост и технолошки управувани синџири на снабдување.

Трендот на дигитална следливост е поддржан од сè поголемото прифаќање на каналот на е-трговија. Во однос на купувањето во физички продавници, дигиталните платформи им овозможуваат на потрошувачите едноставно да ги користат алатките, да спроведуваат истражувања за потеклото на производите и да добијат дополнителни информации при купувањето.

Вложувањата во одржливост, популаризацијата на локалните производи и промоцијата на безбедноста на храната се важни прашања за освестената база на потрошувачи.

Заклучок

Потрошувачите бараат поздрави прехранбени производи, а државните институции ги фокусираат прехранбените политики на стратегијата да го подобрат квалитетот на храната. Напредокот, функционалната храна и нутритивно избалансираната понуда ќе бидат сè поголем императив во иднина. Иницијативите поврзани со персонализираната исхрана, исто така, ќе продолжат да се развиваат. Што се однесува на алтернативите од растително потекло, иднината за нив најверојатно ќе биде светла. Глобалната потрошувачка и побарувачка за оваа категорија сè повеќе ќе се зголемуваат. Се очекува индустријата да ја прошири понудата и на помалку развиените категории – сирења, риба и алтернативи за морските плодови. Во фокус ќе бидат зелените етикети, а развојот на производи одгледани во лабораторија ќе остане во центарот на вниманието. Вложувањата во одржливост, популаризацијата на локалните производи, промоцијата на безбедноста на храната, исто така, се важни прашања за освестената база на потрошувачи. Освен тоа, е-трговијата, преносите во живо и DTC-моделите земаат сè поголем замав, па производителите ќе мора да ги приспособат маркетиншките напори и да им дадат предност на новите канали за комуникација.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...