Анализи

Еуромонитор: Влијанието на ковид-19 врз малопродажбата

12 авг 2021

Ѕвезди на 2020 година дефинитивно беа онлајн и трговијата преку мобилните телефони, кои беа единствените малопродажни канали што остварија подобри резултати во ковид-годината во споредба со 2019 година.

Извор: „Еуромонитор интернационал“, www.euromonitor.com

Пандемијата на ковид-19 имаше негативно влијание врз трговијата на мало во С. Македонија во 2020 година, што резултира со пад на вкупната вредност на продажбата. Економијата се соочи со значителни загуби на работни места и со несигурност, поради рестрикциите наметнати од ковид-19. Намалената куповна моќ придонесе потрошувачите да ги намалат трошењата за несуштински производи, а исто така беше забележана и миграција кон поевтини брендови.

Иако поголемиот дел од трговците претрпеа пад на вредносната продажба, сепак, имаше и победници и губитници, а перформансите се разликуваа во различни сегменти од малопродажбата. И модерната и традиционалната трговија со прехранбени производи регистрираа мало зголемување на вредносната продажба бидејќи угостителската индустрија беше под рестрикции во 2020 година. Наместо во хорека-каналот, потрошувачите ги зголемија трошоците за храна и за пијалаци преку трговските канали.

Малопродажните трговци специјализирани за производи за здравје и за хигиена, исто така, забележаа мало зголемување на вредносната продажба. Сепак, беа забележани значително различни перформанси во зависност од сегментот на малопродажба. Најголемиот канал – фармацевтскиот, забележаа здрав пораст на вредноста бидејќи потрошувачите засилено купуваа средства за дезинфекција со раце и производи за зајакнување на имунитетот за да се борат со ковид-19. Од друга страна, продавниците за очила и за други оптички производи забележаа значителен пад на вредносната продажба бидејќи поради карантинот и обврската да останат во домот, луѓето ги одложуваа овој тип набавки сè додека не добија дозвола повторно да се движат слободно. Трговците специјализирани за „разубавување“, исто така, лошо поминаа бидејќи приоритетите на потрошувачите во 2020 година беа насочени кон основните производи.

Најслаби резултати лани имаа продавниците за облека и за обувки. Продажните места беа затворени дел од годината, а кога продавниците повторно се отворија, имаше мала побарувачка. Со оглед на тоа што луѓето поминуваа многу време дома, тие не беа расположени да трошат пари на нови обувки и свечена облека.

Ѕвезди на 2020 година дефинитивно беа онлајн и трговијата преку мобилните телефони, кои беа единствените малопродажни канали што остварија подобри резултати во ковид-годината во споредба со 2019 година. Потрошувачите се свртија кон купување преку е-каналот со цел да ја избегнат изложеноста на пандемијата. Играчите што беа должни повторно да ги затворат продавници одреден период во 2021 година се фокусираа на онлајн-платформите, со цел да не го спречат приливот на пари.

Дел од трговците дадоа огромен придонес во борбата против ковид-19. Најголемиот играч во сегментот модерна трговија со храна – дисконтерот „Кам“, донира храна и хигиенски производи за најранливите категории граѓани во август 2020 година. Во ноември 2020 година „дм дрогерие маркт“ му донира два респиратора во вкупна вредност од 36.600 евра на Министерството за здравство, кое ги пренасочи кон ЈЗУ Општа болница во Кавадарци и ЈЗУ Клиничка болница во Битола. И двете иницијативи позитивно беа поздравени од потрошувачите и ја покажаа хуманитарната подготвеност на двата трговски синџира.

* Извештајот на „Еуромонитор“ е од март 2021 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...