Свет

Цената на храната се зголемува 10 месеци по ред

09 апр 2021

Десетти месец по ред цените на храната на глобалните пазари продолжуваат да се зголемуваат. Најголем пораст има кај растителните масла, месото и млечните производи, соопшти Организацијата за храна и земјоделство (ФАО).

Индексот на цените на храната ФАО, кој ги следи месечните промени во пет групи прехранбени производи (растителни масла, млечни производи, месо, житни култури и шеќер), во просек изнесуваше 118,5 поени во март, што е за 2,1% повеќе од февруари и највисоко ниво од јуни 2014 година.

Во март најголем пораст на цената, од 8% на месечно ниво, е забележан кај растителното масло, која достигна 10-годишен максимум. Цената на маслото е највисокото ниво од јуни 2011 година. Постојаната јачина на индексот е водена од повисоките вредности на палминото, соиното, сончогледовото и на маслото од маслодајна репка.

Пораст од 3,9% на месечно ниво е забележан кај млечните производи. Зголемени се и цените на млекото во прав, како резултат на зголемената побарувачка за увоз во Азија, особено во Кина, падот на производството во Океанија и недостигот на достапни контејнери за испорака во Европа и во Северна Америка.

Мартовските цени на месото забележаа пораст за 2,3% во споредба со февруари, предводени од зголемените квоти на живина и свинско месо, поради зголемениот кинески увоз и продажба на пазарот во Европа пред велигденските празници.

Спротивно на тоа, цените на житните култури се намалија за 1,7% на месечно ниво, со што се стави крај на осуммесечниот тренд на пораст. Сепак, цените на житото се за 26,5% повисоки отколку во март 2020 година.

Индексот на цената на шеќерот во март забележа пад за 4% во споредба со февруари, што е прво намалување по наглите зголемувања во претходните два месеци. Цената на шеќерот остана за 30% над нивото од март минатата година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...