5. FMCG summit: Ќе ги следиме или ќе бидеме носители на промените?

17 мај 2019

Повеќе од 380 учесници од најголемите компании од секторот трговија со стока за широка потрошувачка во земјава го посетија 5. FMCG summit, кој се одржа на 16 мај во хотелот „Александар палас“.

Овој најголем настан во трговскиот сектор во Македонија на едно место ги обедини трговците, дистрибутерите и производителите, кои имаа можност да ги слушнат новитетите од врвни авторитети во FMCG-секторот. Единаесет говорници од земјава и од Словенија, Хрватска, Србија и од Велика Британија пред присутните ги споделија своите драгоцени искуства и знаења.

Настанот го отвори Верица Мартиновска, директор на магазинот InStore во Македонија, кој е и организатор на самитот. Нашата главна цел е сите учесници на самитот со себе да понесат барем една нова визија за својот бизнис или да создадат барем едно ново деловно партнерство. Од нас зависи дали ќе ги следиме промените или ќе бидеме носители на промени, истакна таа.

Прв настапи Џемаил Даути, генерален менаџер на „Даути комерц“, кој на присутните им ги раскажа искуствата од 30-годишното успешно работење. Тој порача дека компаниите треба да имаат сила да влијаат врз општествените текови и оти е неопходно здружувањето на стопанските асоцијации, стопанствениците и креаторите на економските политики.

Следуваше економскиот новинар Горан Теменугов, кој ги претстави состојбите на македонскиот пазар и прогнозите за иднина. Главните проблеми во македонската економија не се економските мерки, туку владеењето на правото. Неопходни се вистински реформи во правосудниот систем за да излеземе од сивата зона, заклучи тој.

Тине Крачун, директор на Институтот за стратешки решенија од Словенија, зборуваше за предизвиците и предностите за малопродажбата по влезот на пазарот на ЕУ. Како најголеми предизвици тој ги наведе задолжителните стандарди што треба да се исполнат, одржувањето на конкурентноста, интернационализацијата на бизнисот и дигитализацијата и порача: Малите земји имаат помали можности и поголеми тешкотии за исполнување на стандардите на ЕУ. Затоа, малата земја треба да биде подобра од другите.

Податоците се нафта на 21 век, беа воведните зборови на презентацијата на Сања Михаиловска, генерален директор на „Саманта“. Разбирањето на податоците влијае врз квалитетот на одлуките поврзани со приходите, трошоците и профитот, рече таа и ги презентира придобивките од информирано донесување одлуки (БИ-решение).

Никола Бароли, генерален директор на „Орбико“ – Македонија, постојано потенцираше дека луѓето се најголемата вредност во компаниите и тие ја прават разликата: Само најдобрите луѓе на секоја позиција се доволно добри за да овозможат одржлив пораст на компанијата. Сигурно има многу специјални луѓе во вашите компании на кои треба да им обрнете внимание и да им помогнете да се развијат.

Консултантот Саша Ќириќ ги презентира иновациите како неопходни за успех. Иновациите водат до пораст на продажбата и зголемување на профитот, го градат и го зајакнуваат брендот, а влијаат и врз навиките на потрошувачите. Притоа, понекогаш и малите унапредувања на производот може да имаат силен ефект.

Сергеј Зафировски од истражувачката агенција „Инсајдер ИД“ укажа на нова категорија потрошувачи на пазарот – „финансиски логични“ и даде три стратегиски предлози како маркетите да се доближат до нив: оптимизација на цените во клучните вредносни категории и производи; воспоставување дигитален канал за продажба од страна на дистрибутерите и зголемување на приватните трговски марки.

Според Патрик Зупанчич, сопственик на „Промо.фил“ од Словенија и Хрватска, аутсорс-мерчендајзингот им овозможува на компаниите да го оптимизираат времето и трошоците за превоз и да бидат пофлексибилни во управувањето. Тој претстави мобилна апликација, која на компаниите им овозможува следење и ефективно координирање на луѓето на терен во реално време.

Драгиша Ристовски од „Д. Р. Гилберт центар груп“ од Србија зборуваше за „продажбата како егзистенција“: Неопходно е да се создаде продажен пристап кој од една страна е доволно проактивен, а од друга, да не ги иритира купувачите. Идејата е тоа што вистинските продавачи не се занимаваат со продажба, туку ја живеат. Тој повеќепати го цитираше Брус Ли: Биди вода, пријателe!

Претпоследен настапи Дејан Ваневски, менаџер за дистрибуција на „Марс“ за Македонија, Албанија и Косово, кој зборуваше за партнерски модел на бизнис-планирање. Како што кажа, добрата среќа е резултат на добар план, а за извршување на планот, неопходна е реализацијата на трите C (control, consistency, commitment – контрола, конзистентност и исполнување на обврските).

Вистинска ѕвезда на настанот беше ексклузивниот гостин Метју Браун, футуролог за малопродажба. Тој ги понесе учесниците на самитот на едно глобално патување во иднината на малопродажбата, во кое ги опфати клучните трендови и им покажа како можат да ги применат тие трендови во сопствените бизниси. Секој клиент што доаѓа од земја што е помала од Велика Британија го кажува истото: Ние сме мала земја, немаме многу луѓе, не можеме... Работите што ни ги покажувате не се применливи. Тоа не е точно. Овие трендови можат да се применат буквално секаде и тие доаѓаат навистина многу брзо. Ви остануваат 6-12 месеци за подготовка. Имате вистински предизвик – некои трговци нема да преживеат, но други ќе поминат многу успешно.

Најпосетениот FMCG-самит досега уште еднаш ја потврди големината на настанот, како место на кое луѓето зборуваат, се дружат и се вмрежуваат. Предизвиците се огромни, но само преку новите искуства и начини на соработка малопродажниот сектор може да оди напред.

Се гледаме на следниот, 6. FMCG summit – следната година, на исто место и во исто време!

Изјави од учесници:

Марика Караџова, генерален менаџер, „Европа“

Сè уште сум под импресии од предавањата на 5. FMCG-самит во Скопје, на кој имав можност да слушнaм интересни теми за продажбата, од кои би ги издвоила презентациите на Тине Крачун, Сергеј Зафироски и Дејан Ваневски. Особено интересно беше предавањето на Метју Браун, кој визионерски ја гледа продажбата во иднина. Важна е и неговата порака со презентацијата на продажните места што инспирираат и воодушевуваат, напоменувајќи дека пријатното чувство е посилно и од самиот производ.

Даниел Ѓорѓиев, комерцијален директор (прехранбени и непрехранбени производи), „Веропулос“

FMCG-самитот прераснува во настан што мора да се види и мора да се посети во нашата држава. Самитот како годишен собир на ритеил-заедницата прераснува во бенчмарк-настан. Годинешниот самит донесе нова свежина во листата со говорници, со препорака за наредните дека е добро претходно се консултираат партипициентите за темите што би сакале да ги слушнат. За овој самит би требало сите заедно да се погрижиме во иднина да расте и да се надградува, а со тоа да биде и сè „погласен“ во секторот.

Софија Велковска, одделение за прехрана, Дирекција за дополнителен асортиман, „Макпетрол“

Сања Михаиловска во своето излагање наведе: Информациите се гориво на 21 век, што беше и најважната поента што произлезе од овој собир. За еден бизнис да биде успешен, од исклучително значење се информациите и нивното правилно пренесување и споделување. Дополнително, неопходно е посебен акцент да се стави и на грижата за вработените и поставувањето на вистинските луѓе на вистинското место, кои во тимот споделуваат информации и искуства, што резултира со иновации, успешна реализација и профит. Формулата за успех е многу едноставна: среќни вработени = успешна компанија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...