Стоби флипс, брендот којшто во 1978 година за првпат беше произведен во „Витаминка", слави 40 години.
Под мотото „Стоби флипс 40 години насекаде" со многу активности во текот на целата година, компанијата ќе покаже како се создаваше и растеше најсилниот бренд во Македонија, што претставува за потрошувачите и какво значење има за компанијата и пазарот.
Секоја идеја може да биде вредна и да даде резултати, доколку се работи на неа и се вложи во нејзината реализација. Тоа го потврдува денешниот статус на Стоби флипс, 40 години континуиран квалитет на најпрепознатливиот македонски бренд. Стоби флипс, носи голема вредност и за компанијата, затоа што со својата експанзија придонесе за порастот на „Витаминка", изјави Сашо Наумоски, Генерален извршен директор на Витаминка.
Покрај збогатувањето со нови големини и вкусови, растечката популарност на Стоби флипс, наметнува зголемување на неговото производство, предизвик на којшто „Витаминка" во целост може да одговори. Популарноста подеднакво е следена со пласирање на странските пазари и зголемување на продажбата. Денес, Стоби флипс е присутен на пазарите во 40-тина земји од целиот свет.
Кампањата за одбележување на четридеценискиот јубилеј на Стоби Флипс, почна со лансирањето во вселената, со што стана првиот македонски бренд кој го освои и овој простор.