По примерот на организациите GS1 од европските земји, GS1 Македонија годинава
првпат ќе организира отворен ден, на тема „Дали сте подготвени за дигиталната
ера во трговијата?".

Настанот ќе се одржи на 21 јуни (среда), со почеток во 10 часот, во хотелот
„Александар палас" во Скопје. Од организацијата информираат дека целта на
собирањата од овој тип, е размена на искуства и успешни практики, како и
остварување и зацврстување на деловните контакти. Настанот ќе биде од
едукативна и информативна природа, а GS1 Македонија планира да го претвори во
традиционален, кој ќе се одржува секоја година.
На
првиот отворен ден, темите ќе бидат поврзани со новите трендови во
електронската трговија и во интернет-купувањето. Производителите и трговците ќе
имаат можност да дознаат како GS1-стандардите можат да им помогнат да одговорат
на новите предизвици, за да го прошират пазарот и да стекнат нови деловни
партнери и потрошувачи во земјава и во глобални рамки.