Регион

„Горење“ го сели производството на фрижидери во Србија

12 мар 2019

Фабриката “Горење Ваљево” членка на групацијата “Gorenje Group”, која од минатата година е во мнозинска сопственост на кинеската “Хајсенс група” во иднина ќе стане европски центар на оваа група за ладилници.

Овие денови се финализира трансферот на преостанатиот дел од производството на новата генерација на фрижидери од Словенија во градот на Колубара, а тоа е производство на околу 150.000 уреди на годишно ниво во кое претпријатието има инвестирано околу четири милиони евра, пишува „Политика„.

Се очекува дека најдоцна до 1 април, целокупната разладна техника на “Горење” да се произведува во Ваљево, а во прилог на постојните објекти на местото на поранешната фабрика “Елинд” во план е да се гради уште една голема производствена хала. Капацитетот ќе изнесува 750.000 единици годишно, што значи дека ваљевското производство ќе се удвои. Планирано е пробно производство во новата фабрика, која ќе вработи илјада нови работници, да започне во октомври 2020 година, а редовно во јануари 2021 година.

Според Станка Пејановиќ, член на Управниот одбор на “Горење”, со влезот на “Хајсенс група”, која со 75.000 вработени во производството на електроника и апарати за домаќинство е лидер на азискиот пазар, поставени се основите за уште посилен раст.

Ова партнерство ќе овозможи пристап до нови пазари и поттикнување на создавање на ново производно портфолио, како и зачувување и зајакнување на присуството на стратешки значајни производи и брендови на “Горење Груп” во постоечките и идните пазари. Со добивањето на новиот сопственик, ние ја обезбедивме иднината на компанијата на одржлив начин, што значи инвестирање во развој на вработените и сите ресурси што значи безбедна и одржлива иднина, изјави Пејановиќ.

Во тек е преселба на производство на сите фрижидери и посебна линија на вградни фрижидери од Велење во Ваљево, која наскоро треба да се заврши. Се очекува дека производството во Ваљево ќе почне од први април.