Македонија

Се олеснуваат условите за производство на вино во малите винарии

08 ное 2019

Собранието го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вино.

Новите законски измени се правени во соработка со Здружението на мали винарии, Здружението на винарски визби и лабораториите кои прават анализи за грозје и вино. Се овозможуваат низа поволности со кои се олеснуваат условите за производство на вино на малите винарии и на физичките лица,производители на вино, што е тековен тренд во светски рамки.  

Oлеснувањето се однесува на условите поврзани со самата винарија, додека постапката за добивање на решение за пуштање во промет на виното останува иста без разлика во каква винарија е произведено виното. Со дел од измените, на малите винари кои произведуваат до 100.000 литри вино годишно, им се дава можност да работат со ангажирање на енолог, со договор а не како досега да мораат да имаат вработено дипломиран енолог. Fизичките лица ќе можат да произведуваат вино со завршено средно образование.

Во насока на зголемен и побрз пласман на виното се менуваат и условите кои треба да ги исполнуваат лабораториите кои се овластени за вршење на физичко-хемиска анализа на виното, односно се доуредува и уверението од физичко-хемиската анализа на виното кое истите го издаваат. 

Се врши и усогласување со новиот закон за прекршоци, со што казните и глобите за прекршоците значително се намалуваат и истите се применуваат пропорционално во зависност од големината на правниот субјект (помалите винарии и физичките лица плаќаат помали казни). Со предлог законот се уредува и олеснување на условите за производство на вино во исклучително неповолни години (екстремно ниски температури во текот на годината и вегетативниот период на виновата лоза), област која не е регулирана во постојното законско решение.

Сите горенаведени решенија во предлог законот се во насока на зголемување и олеснување на производството и пласманот на виното, диверзификација на понудата на пазарот и развој на руралниот и вински туризам.