Македонија

Поволност за извозните компании - уверение за потекло ќе се издава електронски

27 сеп 2019

Сојузот на стопанските комори ја промовира новата дигитална услуга - издавање електронски уверенија за потекло. Услугата е наменета за извозно ориентираните компании и со неа се очекува да се забрза и да се олесни работата на компаниите.

Уверенијата им се потребни на извозно ориентираните компании како потврда за потеклото на производот при извоз. Досега овие уверенија се издаваа во хартиена форма.

На настанот се најавени обраќања на претседателката на Сојузот на стопанските комори Данела Арсовска и помошник-директорот на Царинската управа Златко Ветеровски.

Водејќи се од глобалните трендови, Сојузот од денес, стартува со новата услуга за компаниите што ќе значи полесно, поефикасно и побрзо дигитално издавање сертификати за потекло за производите наменети за извоз. Досегашниот процес на хартиено издавање на сертификатот одземаше драгоценo време, поточно подигнување на документација, пополнување од страна на компаниите и повторно доставување за верификација. Сегашната процедура ќе се одвива електронски во целина, со што се скратува значително од времето за администрирање на сертификатите, се заштедува не само време, туку и трошоци за пaтување од и до местото на издавање, изјави Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори.

Сертификатот за потекло на реномираната светска компанија ESS CERT која управува со најголемата електронска мрежа на сертификати за потекло во светот, опфаќа 240 стопански комори, го користат 14 земји од целиот светот во Европа, Америка, Африка, Азија и Океанија. Сертификатот се користи во меѓународните трговски трансакции со кој се потврдува дека производот наведен во него исполнува одредени критериуми за потекло од одредена земја. Истиот, се доставува до царинскиот орган на земјата увозник за да се оправда подобноста на производот за влез.

Во светот околу две илјади стопански комори доставуваат повеќе од 12 милиони сертификати за потекло годишно. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...