Македонија

„Органска трпеза“ на 21 септември во Куманово

14 сеп 2019

Саемот на органска и традиционална храна и производи „Органска трпеза“ ќе се одржи на 21 септември во спортската сала во Куманово.

Главната цел на саемот е издигнување на јавната свест за потребата од одржлив начин на живот. Настанот ќе го отвори Благица Гавриловска-Цветковиќ, претседател на здружението „Живот“, во 11 часот, а кратки обраќања ќе имаат министерот Трајан Димковски, Сибил Сутер Техада, амбасадорка на Швајцарија во Душанка Дивјак Томиќ, амбасадорка на Србија во Македонија. Влезот на саемот е бесплатен.

Манифестацијата се организира по втор пат, а како што истакнуваат организаторите од „Живот“, ќе настојуваат да прерасне во традиција: Честопати земјоделците од руралните средини иако делуваат во исти средини и со исти услови, сепак не се во можност сами да се вмрежуваат за да разменат искуства и добри практики за изнаоѓање и надминување на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Индивидуално, тие не ја препознаваат вредноста на своите производи. Минатата година, во рамките на манифестацијата се оддржа  мини-саем со 47 изложбени штандови, на кои органските производители имаа можност да ги презентираат своите производи, особено традиционалните, а посетителите имаа можност да дегустираат дел од органските приозводи.

Оваа година, покрај учесниците од Македонија, учеството досега го потврдиле и оператори со органска храна од други земји: 5 здруженија од Србија со 21 организација, 4 хрватски здруженија со свои компании, едно здружение од Ерменија и едно од Унгарија, со што манифестацијата добива и меѓународен карактер. Официјална потврда за учество се очекува од претставници од Бугарија, Словенија, Чешка, Словачка, Турција, Германија и Русија.

Покрај операторите со храна, интерес за учество на манифестацијата имаат и компании за производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбени производи, како и производители и увозници на средства и ѓубрива за органско производство, стопански комори од земјата и од странство, медиуми, како и дипломатски претставништва и амбасади.

На настанот ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Зошто да одберам органски производ?“, во која учество потврдиле нутриционистите Сашко Дрвошански, Цвета Динева и Илија Бузлевски, претставници од сертификациските куќи „Процерт“ и „Биоцерт“, како и претставник на Организација на потрошувачи. Ќе бидат овозможени и Б2Б средби. Здружението „Живот“ ќе биде иницијатор за поврзување и потпишување на меморандуми за соработка меѓу повеќето чинители од регионот. На манифестацијата ќе земат учество и експерти за рурален и земјоделски развој, како и претставници од секторот за развој на руралниот туризам, кои ќе ја презентираат моменталната состојба на теренот, ќе покренат дискусија и ќе дадат препораки за понатамошни мерки и чекори за подобрување на животот во руралните средини.

Рокот за пријавување е до 18 септември (среда). Заинтересираните учесници може да се пријават на телефоните 071 393 977 (Благица) и 070 888 817 (Драган) или на blagica@adut.mk и bg.cvetkovic@yahoo.com.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...