Македонија

Скопско IPL е првото крафт-пиво на „Пивара Скопје“

13 сеп 2019

„Пивара Скопје“ почна со производство на  новото пиво Скопско IPL, прво од ваков вид на македонскиот пазар.

Како што соопштуваат од пиварницата, најновата екстензија на Скопско е автентично крафт-пиво со уникатни карактеристики, кои се резултат на употребата на квалитетни состојки во производството, како и на умешноста и искуството на пивските мајстори.

Веруваме дека со новото пиво ќе дадеме дополнителен импулс за натамошен развој на домашниот пивски пазар, што секако ќе има позитивно влијание и врз целокупниот развој на македонската економија, изјави Дан Тимотин, генерален директор на „Пивара Скопје“.

Новото Скопско IPL е светло пиво, со силна арома и угодна горчина. Карактеристиките на ова ароматично пиво произлегуваат од четирите видови хмељ, кои потекнуваат од три различни континенти, како и од рачниот занаетчиски процес на создавање, кој трае две недели подолго од вообичаениот технолошки процес за производство на пиво.

Во производство на Скопско IPL се раководевме од рецептот на старите британски морепловци, стар повеќе од 400 години, на кој му ги додадовме најсовремените светски пивски трендови и нашата експертиза, големата страст и богатото искуство. Уникатниот процес на производство што го применуваме, наречен „dry hopping“ и различните видови висококвалитетен хмељ, му даваат на новото пиво богат  вкус и арома, кои доаѓаат до израз откако претходно лесно ќе се протресе шишето, објаснува Надица Николоска, сениор бренд-менаџер во „Пивара Скопје“.

Скопско IPL веќе почнa да се дистрибуира. Достапно е во повратна стаклена амбалажа од 0,33 л. и во лименка од 0,5 л.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...