Македонија

Фармерите ќе ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи

19 авг 2019

Производителите на храна од животинско потекло сега можат да вршат директно снабдување на мали количини примарни производи од животинско потекло произведени на сопствени фарми, истакна на денешната прес-конференција во Стопанската комора Зоран Атанасов-директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Фармерите и малите производители ќе можат да произведуваат производи од животинско потекло согласно условите што треба да ги исполнат и нема да зависат од откупувачите, бидејќи ќе може да ги пласираат до крајните потрошувачи или да ги понудат во некој маркет. Целта е да се олесни односно да можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да ги задоволат одредените хигиенски критериуми согласно Правилникот, појасни Атанасов.

Директното снабдување на мали количества на примарни производи до крајниот  потрошувач, опфаќа: директно снабдување на крајниот потрошувач на фарма, место на производство и до домот на локален краен потрошувач; директно снабдување на локален малопродажен објект или угостителски објект кој директно го снабдува крајниот потрошувач со посебно означување на потеклото на храната и е во состав на фармата на производство; директно снабдување на друг малопродажен објект или угостителски објект специјализирани за тој тип на храна со посебно означување на храната и директно снабдување на крајниот потрошувач на саеми и изложби на храна на целата територија на државата. 

За да се реализира снабдувањето фармерите ќе треба да ги задоволат основните стандарди за безбедноста на храната и да обезбедат хигиенски услови на производство.
 
Покрај ова, тие имаат обврска и да обезбедат соодветно пакување за производот и декларација на која ќе бидат напишани основните информации за тоа од каде потекнува производот, датумот на производство, рокот на употреба и начинот на чување на производот.
 
На ваков начин, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство се воспоставува лесна следливост на производите и многу побезбедна храна од традиционално производство.

Со Правилникот е опфатена и храна со традиционални карактеристики и која историски се препознава како традиционален производ.

Одредбите на овој правилник се применуваат на производството и ставањето во промет на: сурово млеко и производи од млеко, месо добиено при колење на животни, месо од дивеч, производи од месо, мед, конзумни јајца и конзумна риба.

Правилникот ќе се презентира пред примарните одгледувачи со цел тие поблиску да се запознаат со критериумите што треба да ги исполнат за да можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...