Македонија

„Пивара Скопје“ лани оствари профит од 15,6 милиони евра

16 авг 2019

Профитот на „Пивара Скопје“ лани изнесува 15,6 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од извештајот на независната ревизија.

Приходите од продажба лани во споредба со 2017 година пораснале за 5,9 милиони евра и изнесуваат 67,94 милиони евра. Компанијата лани бележи пораст на приходите од 9,5 отсто. Бруто добивката на компанијата изнесувала 34,9 милиони евра, а по одбивањето на трошоците за маркетинг, складирање и дистрибуција и административните трошоци, компанијата има оперативна добивка од 17,57 милиони евра. Тоа е за 2,9 милиони евра поголем профит во споредба со 2017 година. 

Вредноста на недвижностите, постројките и опремата на „Пивара Скопје“ на крај на 2018 година е 48,6 милиони евра и тука има пораст од 4,1 милиони евра. Залихите на компанијата лани се дуплирани во однос на претходната година, а слична тенденција има и кај побарувањата од купувачите кои се зголемени за околу 2,2 милиони евра и на крај на 2018 година изнесувале околу 7 милиони евра.

Пиварницата лани на своите акционери им исплатила дивиденда во износ од 13,15 милиони евра.