Македонија

Изменети критериуми: Државна поддршка и за компании од трговијата и производството

11 јул 2019

Се проширува опсегот на компании што можат да добијат финансиска поддршка од државата. 

Со најновите измени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, предвидени се 75 милиони евра што им стојат на располагање на 4.000 компании, од кои најголемиот дел се домашни. Измените се донесени, правилниците се потпишани и треба утре да се објават во „Службен весник“. Компаниите може да поднесуваат барање од понеделник. Новите услови може да ги користат и компаниите што веќе имаат договори со претходниот закон.

Измените денеска на прес-конференција ги претставија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши. Според нив, критериумите се олеснети и овозможуваат повеќе компании да аплицираат.

Измените се во насока на поголема поддршка на индустријата и економијата, а се опфаќаат фирми кои не беа опфатени првично со Законот. Со нив барање за финансиска поддршка може да поднесат компании од ИТ секторот, компании од преработувачката индустрија што не се опфатени со ИПАРД, а сакаат да направат индустриско производство. За финансиска поддршка може да поднесе барање и компанија од секторот трговија, но за да направи производствена дејност, како и од градежниот сектор, но не за изградба на станови, туку за делот на производната активност, рече Анѓушев.

Според податоците од Централниот регистар над 4.000 компании ги исполнуваат новите критериуми, но средства ќе добијат оние што инвестирале. Никој нема да добие средства за нешто што во иднина ќе инвестира, туку само врз основа на реализираното, појасни Анѓушев.

Со измените на компаниите им е оставена можност да флуктуира бројот на вработени до пет отсто, а што според вицепремиерот произлегува од тоа што некои компании го губат стучниот кадар и не можат да најдат нов, како и поради купување нова технологија што е автоматизирана.

Изменетите критериуми може да ги користат и компании што веќе имаат потпишано договори за финансиска поддршка со анексирање. Со законот досега беа опфатени 600 компании, поддршка добија над 300 компании. Потпишани се 30-тина договори за изградба на производствени капацитети од кои 20 се во ТИРЗ а 10 надвор од зоните.

Минатата година поддршката кон стопанството беше над 45 милиони евра, годинава таа е 70 милиони евра. Средства ќе има доволно за сите компании што ќе ги задоволат критериумите. Имаме и посебни средства за веќе склучените договори, рече Анѓушев. 

Компаниите што веднаш ќе аплицираат, ќе добијат договор до 15 октомври и до 15 ноември може да поднесат барање за исплата. Средствата на сметка ќе ги добијат на 25 ноември. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...