Македонија

Нова можност за финансирање на македонските компании

11 јул 2019

Македонија преку Македонска берза е прва земја од регионот на Западен Балкан, која ќе има пристап до интернет платформата „Фандербим“.

За прв пат глобалната краудфандинг платформа „Фандербим“ станува достапна на македонскиот пазар, што значи можност за пристап до финансии за компаниите, како и можност за вложување на инвеститори во компании кои се во почетна фаза на развојот, беше истакнато на денешното официјализирање на соработката меѓу Сојузот на стопански комори на Македонија и Македонска Берзa. Меморандумот го потпишаа Габирела Кулебанова, потпретседателка на Сојузот и Иван Штериев, главен извршен директор на Берзата.

Со договорот, на компаниите членки на Сојузот ќе им се овозможи пристап до алтернативен извор за финансирање.

Сојузот на комори сака да ги направи подостапни сите можности кои се нудат за влез на средства во домашните компании, со долгорочна цел – градење на силен национален приватен сектор. Нашата земја неопходно е да е во чекор со  глобалните финансиски текови и средствата кои се вложуваат во компаниите и во нивниот развој да бидат достапни и за македонските компании, рече Кулебанова. 

Преку оваа платформа македонските стартапи, но и малите и средни претпријатија, добиваат можност за пазарно финансирање, локално и глобално, во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори прилика да вложат во бизнис проекти во кои ќе препознаат добар потенцијал. 

Финансирањетофункционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – краудфандинг кампањи. 

Глобалната интернет платформа „Фандербим“, наменета за финансирање и трговија, овозможува поврзување со 200.000 приватни компании и 17.000 инвеститори низ Европа.