Македонија

„Тиквеш“ ќе ја реинвестира целата добивка од 2,78 милиони евра

05 јул 2019

Винарската визба „Тиквеш“ од Кавадарци целата добивка од 2018 година ќе ја вложи во нови инвестиции. Станува збор за 2,78 милиони евра кои се нето добивка што компанијата ја оствари од своето работење лани.

Компанијата досега немаше политика на поделба на дивиденда, но и покрај тоа пазарната цена на акцијата значително порасна во период од една година наназад.

„Тиквеш“ минатата година оствари приходи од продажба од 25,83 милиони евра. Во споредба со годината претходно,  тие се поголеми за 2,2 милиони евра односно за 9 отсто, покажуваат официјалните податоци од страницата на Македонската берза за хартии од вредност.

На домашниот пазар „Тиквеш“ лани реализирал приход во износ од 14,9 милиони евра што е за 9 отсто повеќе од претходната година. Извозот на „Тиквеш“ лани надминал 11 милиони евра и во однос на 2017 година е поголем за 10 отсто.